Пресудата за Санадер е добра вест за Хрватска
20 ноември 2012Германскиот експерт за Балканот, д-р Франц-Лотар Алтман вели дека пресудата за поранешниот хрватски премиер Иво Санадер покажува оти хрватското правосудство е независно. Алтман е член на претседателството на германското Друштво за Jугоисточна Европа, главен уредник на магазинот „Економија на Источна Европа“ и член на издавачкиот совет на магазинот „Меѓународен журнал за балкански истражувања“.
ДВ: Дали е добра вест тоа што Санадер е осуден на 10 години затвор?
Алтман: „Мислам дека тоа е добра вест, бидејќи покажува дека правосудството во Хрватска сепак функционира и дека не се воздржува да донесе пресуди и против познати личности, и тоа иако Санадер кај населението има одредена поддршка бидејќи се смета за политичар кој ја предводеше Хрватска во ЕУ. Се чини дека сето тоа не играше никаква улога и затоа е добра вест“.
ДВ: Што значи таа оценка за Хрватска?
„Тоа е важно, затоа што во последниот извештај на Европската комисија токму правосудството беше наведено како подрачје на кое му е потребно подобрување. Верувам дека ова е важен сигнал за Брисел. Второ, важно е и граѓаните да видат дека корупцијата е нешто што мора да се сузбие“.
ДВ: Критичарите уште во текот на судењето приговараа дека и’ се суди на една водечка личност, додека на другите кои беа дел од тој систем, не им се суди...
„Секако дека е проблем прашањето каде да се започне со расчистувањето. Правилно е да се започне од главата и потоа да се оди понатаму. Но, важен е сигналот дека таквите личности, кои се сметаа речиси за недопирливи, се изведуваат пред суд. Сигурно дека се очекува оти ќе следат и други постапки. Поаѓам од тоа дека тоа и ќе се случи“.
ДВ: Каков одраз ќе има пресудата во регионот и евентуални последици?
„Пресудата сигурно нема да мине незабележливо. Тој регион се смета за особено погодно тло за корупција. Мислам дека Хрватска им дава добар пример на останатите земји од регионот. Се надевам дека и правосудствата во другите земји ќе го следат тој пример“.