И Рамковниот договор влегува во преамбулата на Уставот
2 ноември 2018Владата утрово ги усвои нацрт-амандманите за промена на Уставот кои ќе влезат во собраниска процедура. Премиерот Зоран Заев на прес-конференција изјави дека се работи за четири „едноставни амандмани“ кои треба да се преточат во Уставот.
Првиот амандман се однесува на замената на зборовите „Република Македонија и Македонија со зборот Северна Република и Северна“. Измената ќе се однесува на сите членови освен на Членот 36 каде, според Заев, има историски аспект и тој треба да се зачува.
Во преамбулата зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „прогласот на АСНОМ“ и се додава Охридски рамковен договор кој со тоа, рече Заев, „ќе биде конститутивен елемент на државата“.„Охридскиот рамковен договор е дел од Уставот, само тука се додава формулацијата Охридски рамковен договор“, изјави премиерот.
На дополнително новинарско прашање, Заев рече дека Рамковниот договор и досега „беше целосно вграден во Уставот, а кога веќе се отвора Уставот, редно е да биде вграден и насловот како наш конститутивен елемент“.
Што се однесува до замената на зборовите „одлуките на АСНОМ“ со „Прогласот на АСНОМ“ во преамбулата, Заев образложи дека одлуките на АСНОМ би можеле да предизвикаат проблеми во иднина во соработката со Грција, поради тоа што дел од одлуките на АСНОМ бараат обединување на Македонците од Бугарија и Грција со матицата. Во Прогласот нема таков дел.
Во вторникот на 30 октомври, коментирајќи го барањето на коалицискиот партнер ДУИ и Охридскиот рамковен договор да биде вклучен во уставните измени, Заев рече дека на таа тема „се разговара на потпретседателско ниво“, но и дека Рамковниот договор е „составен дел од Уставот“.
„Секако, со нив ќе разговараме и секако доколку тоа е прифатливо за сите ќе ги продолжиме процесите“, рече Заев на почетокот на неделава.
Со третиот амандман се додава еден став, а тоа е дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“. Со тоа, според Заев, се даваат „дополнителни гаранции за трајноста и неповредливоста на границите со Грција, иако овде се однесува за сите соседи“.
Во четвртиот амандман, покрај потврда за македонскиот идентитет се наведува дека „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината“. Со овој амандман се прави преформулација на членот 49, и Македонија презема дополнителна обврска да „не се меша во суверените права на други држави и нивните внатрешни работи“.